НЕЈЌЕМЕ ТИТО И СТАЛИН ДА ГИ ВНЕСЕМЕ ВО ЕУ За Плевнелиев посетата на Петков е „празно лобирање“

За поранешниот бугарски претседател македонските служби се „филијала на српските“, односно на руските служби на Сталин. Важно е нашите пријатели во Скопје да разберат дека само со лобирање нема што да се случи. Неопходни се реформи, изјави тој.

1,078

„Службите во Македонија се филијала на српските, кои пак се филијала на руските и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“.

Вака го коментира македонско-бугарскиот спор поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев за агенцијата БГНЕС. За него неодамнешната посета на премиерот Кирил Петков во Скопје е „празно лобирање“, јавува ДојчеВеле.






– Важно е нашите пријатели во Скопје да разберат дека само со лобирање нема што да се случи. Неопходни се реформи – изјави Плевнелиев и објасни зошто Бугарија изјавувала дека Албанија е подготвена за преговори со ЕУ, а РСМ – не.

Албанија ги смени учебниците, спремна е

На прашањето зошто Албанија е, а Македонија не е спремна тој вели:

– Каква е разликата? Се чудам зошто и нашите медиуми и нашите политичари не ја објаснуваат таа разлика. Велиме дека Албанија е подготвена, затоа што во последните три години таа направи обемни реформи, такви, какви што во Скопје не направија. Затоа Бугарија со полно право изјави дека таа е понапред. На пример, во Албанија направија чесно пребројување на населението и му дадоа права на бугарското малцинство – вели Плевнелиев и додава:

– Тие направија промена во учебниците и таму веќе на поинаков начин се говори за комунистичките идеологии и минатото. Службите на Албанија се многу поинтегрирани со службите на ЕУ и НАТО. Ниту една слична реформа не сме виделе во РСМ. Тоа не е правилен пристап. На пример, службите на РСМ и до ден денешен се просто филијала на српските, кои пак се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ – изјави Плевнелиев.

Најбратски народи

А, оценка за посетата на Кирил Петков во Скопје вчера даде уште еден поранешен бугарски претседател – Георги Прванов, кој смета дека решавањето на инфраструктурните прашања нема да биде доволно, бидејќи мора да се решат и историските.

– Секој има право да биде оптимист, особено ако тоа е во првата седмица од своето владеење. Но, признавам дека мене ме вознемирува малку скептичниот однос на некои од неговите домаќини, вклучително и на претседателот Стево Пендаровски, кој кажа некои зборови коишто прозвучеа недомаќински. Но, да речеме дека тоа е дел од тактиката што тие ја имаат – рече Прванов и додаде:

– Им посакувам успех, но да не сметаат дека нештата може да се решат само со „Коридорот 8“ или со некој друг инфраструктурен проект. Темата за заедничката историја треба да ја добие нејзината разрешница. И најважно е да се вратиме на ситуацијата дека ние сме најблиските, најбратските народи овде на Балканот, ’исти народи‘ како што кажуваше еден нивен политичар, а не најнепријателски како што е во моментов – изјави Прванов.

Нема рокови, за идентитетот не преговараме

Новиот македонски премиер, Димитар Ковачевски, сепак е задоволен од средбата со Петков и рече дека не би се врзувал со конкретни рокови. Тој потенцираше дека се залага за квалитетно решение, во кое ќе се задржи достоинството на македонските и на бугарските граѓани.

– За јазикот и идентитетот не се преговара. Ништо не се прави зад грб. Затоа постојат разговори, без да се допира во интересите на македонската и на бугарската држава и согласно Резолуцијата во нашето Собрание – изјави Ковачевски.

Поврзани содржини