НЕ Е САМО УСТАВОТ, ЦЕЛТА НА БУГАРИЈА Е ДА НЕ ПОСТОИМЕ Од ВМРО-ДПМНЕ ја откриваат јасната агенда на Софија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува за скриена агенда зад бугарските барања – Европскиот парламент го усвои Извештајот без формулацијата „македонски јазик и идентитет“.
ВМРО-ДПМНЕ со жестока реакција по усвојувањето на Извештајот за Македонија од Европскиот парламент, обвинувајќи дека „уште една неправда кон Македонија“ била потврдена, откако од документот биле избришани формулациите за македонскиот јазик и идентитет. Од партијата велат дека токму ова ја разобличува вистинската агенда на Бугарија, дека не се работи само за внесување на Бугарите во Уставот, туку за целосно негирање на македонската национална посебност.
„Ова е сериозен удар. Бугарија е разголена пред Европа и светот. На крајот се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ беше во право, не се работи за техникалии, туку за суштината, за нашиот идентитет и јазик“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се обвинуваат поранешните влади на СДСМ и нивните носители за, како што велат, „политика на отстапки и национално понижување“.
„Политиките на Заев и Филипче на ‘еден народ, две држави’, изјавите дека ‘Делчев е Бугарин’ и ветувањата дека само името или уставот треба да ги смениме, беа само алатка за разнебитување на државата“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека македонските претставници во поранешната Влада знаеле дека бугарската блокада има подлабока цел.
„Заев, Ковачевски, Османи и останатите знаеја за агендата на Бугарија – да ја негира Македонија. Наместо да се спротивстават, прифатија сè што им беше понудено, само за да останат уште еден ден на власт“, се наведува во реакцијата.
Според нив, оваа ситуација покажува зошто е неопходен цврст и единствен државен став.
„Ова што се случи е срам. Но истовремено е и предупредување. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи нови предавства. Потребно ни е национално единство и координација на сите општествени чинители и политички субјекти“, порачаа од партијата.
Тие потсетија дека европскиот извештај првично, на Комитетот за надворешна политика (АФЕТ), ја содржел формулацијата „македонски јазик и идентитет“, но по усвојувањето во Европскиот парламент, таа била избришана со амандман што го поддржале бугарски пратеници.
„Тоа што извештајот помина на АФЕТ со македонски јазик и идентитет ќе остане запишано во историјата. Но она што се случи во пленарната сала покажа колку е реална заканата“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, со апел до сите чинители да ја заштитат државната позиција.