НЕ Е ДОВОЛНО НИ КОГА СЕ МОЛЧИ СО ОТВОРЕНА УСТА Кога „тркалото на историјата“ гази врз три генерации на едно семејство

Во романот „Молчи со отоврена уста“, дејствието ја опишува голготата на три генерации на Македонци, кои виорот на војната и лудоста на политиката упорно ги држи во сржта на збиднувањата.

965

Распадот на Југославија на сите некогашни народи и народности од државната заедница им предизвика силна траума, која како сè уште да се обидуваме да ја разбереме во целост.

Историјата нè учи дека безброј држави се раѓале и пропаѓале, но ретко кога имаме прилика да дознаеме и за личните судбини на обичните луѓе, врз кои „тркалото на историјата“ оставило болни траги.






Несреќата на Југославија е и во тоа што двапати се раѓаше и двапати умираше. Во двата наврати тоа беше проследено со војни, крвопролевање и ужасни злосторства.

Во романот „Молчи со отворена уста“, дејствието ја опишува голготата на три генерации на Македонци, кои виорот на војната и лудоста на политиката упорно ги држи во сржта на збиднувањата. Драматичната судбина на земјата, постојано се вмрежува и со нивните судбини, иако тие постојано настојуваат да се држат надвор од политиката.

„Пред очи ми умираат…не смеам да им помогнам…“, велеше во очај со поглед што ми пробиваше во черепот, цврсто стегајќи ми ја раката. „Одбивам да умрам во тишина, нема да умрам во тишина! Јас ќе зборам наместо тебе и ќе бидам гласна! Сите да ме чујат“, пишува наградената македонска авторка Снежана Младеновска Анѓелкова во нејзиниот роман.

Прелистувајќи по сопствените сеќавања, во кои можат да се пронајдат голем број на мачни и на траорни епизоди, кои човек попрво би сакал да ги заборави, таа прави споредба со досието на Удба, составено за нејзиниот дедо, споредувајќи го халуцинациите на својата болна тетка, која во миговите на агонија и трансцеденција на нејзе ѝ ги опишува мачните сцени на измачувањето на затворениците од Голи Оток.

„Молчи со отворена уста“ е неверојатно моќно дело, кое би требало да се вметне во изборот на лектири, како опомена за тоа што може да ни се случи, доколку се најдеме на погрешната страна од историјата. Како индивидуи, потполно незаштитени и осамени. Народите војуваат, се борат, преживуваат и ги слават своите херои, а во колективната меморија ги паметат и своите крвници. Но историјата не ги памети анонимните несреќници, оние небитните за историчарите, оние што се наоѓаат на списоците со илјадници други имиња, чии животни судбини се заведени во архивите и му се предадени на заборавот.

Романот е издаден од Или-Или во 2019 година, во едицијата Проаза.

Поврзани содржини