Не „длабоката”, скап Љубчо, туку „плитката” држава ги труе односите меѓу Скопје и Софија!
Плиткоумната власт, која нема стратегија и план да ги затвори отворените прашања со соседна Бугарија, ги влошува односите меѓу двете земји и меѓу двата народа, а ја загрозува и европската перспектива на Македонија. А доказ за тоа колку е плиткоумна оваа власт е тоа што тебе те пратиле во Софија, скап Љубчо, во надеж дека ќе помогнеш.
Кој ги нарушува односите меѓу Македонија и Бугарија? Кој се обидува да ги скара двата братски народа? Кој го спречува почетокот на преговорите меѓу нашата земја и ЕУ?
„Длабоката држава”, вели Љубчо Георгиевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, македонски, а од 2006 година и бугарски државјанин. Таа, „длабоката држава”, гради омраза и непријателство кон Бугарија, нė убедува Георгиевски. Таа вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност. Во суштина, тие структури не биле сите Македонци, но се многу силни и Георгиевски сведочи тоа го почувствувал и на својот грб. Баш како и Трамп.
Георгиевски одбива да ги именува тие професори (само спомнува некаква цифра 40, веројатно онака од ракав), не сака да каже кои се тие новинари и одбива јавно да ги пријави спорните вработени во безбедносните служби. Нормално, тоа е нешто што треба да се очекува. Ако се тргне настрана можната фасцинација со митот за „длабоката држава”, со кој пословично се опседнати политички маргиналци, мислам дека Љубчо Георгиевски измислува нов, непостоечки непријател на двете земји и на двата народа, во обид да создаде алиби за сė поочигледниот неуспех на владејачките елити во Софија и во Скопје да ги решат отворените спорни прашања.
Јас не знам дали Бугарија инсистира Македонија да го смени Уставот и да потпише нов договор за добрососедство. Георгиевски нė уверува дека таков притисок во Софија не постои. Еве, да му веруваме дека е така. Но, инсистирањето на Бугарија нашата влада јавно да го потврди бугарското етничко потекло на Гоце Делчев и негирањето на посебноста на македонскиот јазик се факти кои не можат да се премолчат, како што тоа го прави Георгиевски во интервјуто за БГНЕС.
Да се каже дека „Гоце Делчев нė обединува”, како што ламентира Љубчо Георгиевски, за владејачката елита во Бугарија денес не значи ништо особено. Софија бара директен одговор од Скопје чиј е Гоце Делчев и инсистира на одговорот „тој е Бугарин”. Не имплицирам ништо, не тврдам кој е во право а кој во криво, само сакам да нагласам дека проблемот, за жал, не може да се реши со флоскули и со пароли. Отворените прашања се конфликтни, а ставовите на двете страни се објективно непомирливи.
Еве, дури и Љубчо Георгиевски, државјанин на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, нема одговор прифатлив за двете страни. Зошто не му кажа јасно и гласно на новинарот на БГНЕС чиј е Гоце Делчев и за што се борел? Зошто не одговори јасно и гласно дали е вистина тоа дека македонската нација постои од 1945 година и дали македонскиот јазик навистина е дијалект на бугарскиот? Да слушне Бугарија, да слушне и Македонија. Георгиевски сепак не е било кој. Освен што се есапи за добар познавач на историјата, тој е и влијателен македонски политичар и коалициски партнер на премиерот Зоран Заев.
Јас мислам дека актуелните проблеми во односите меѓу двете земји потекнуваат од друго место. Договорот за добрососедство склучен меѓу Бојко Борисов и Зоран Заев, по својата содржина и дух, всушност, е преддоговор или писмо на намери. Двете страни изразуваат намера да развиваат добрососедски односи и да ги решат отворените прашања, за што формираат и посебна комисија. Во принцип, сериозните преддоговори детално ја опишуваат и содржината на главниот договор, а договорните страни вообичаено со аванс (капар) ја демонстрираат својата волја да го довршат процесот на договарање. Би се осмелил да претпоставам дека македонската страна (Заев) во разговорите за Договорот за добрососедство тајно има авансирано во одредени конкретн решенија за спорните прашања. Дали тој “капар” е нешто поради кои политичките кругови во Софија ќе го овенчаат Борисов со ловорики, или јавноста во Македонија треба да му одаде признание на Заев (како што бара Георгиевски), тоа е нешто за што ќе можеме да судиме дури тогаш кога тие двајцата ќе ги отворат картите и ќе ги предложат компромисните решенија. Мојот впечаток е дека нервозата во Софија потекнува од фактот што Заев сė уште игра со затворени карти и калкулира.
Како и да е, треба да се каже дека острата и непријателска полемика во двете земји ја поттикнуваат официјални владини лица. Софиските политици, во принцип, не ги коментирам. Не ги гласам и немам обврска да ги коментирам. Оставам моите бугарски колеги да кажат колку изјавата за испраќање „бугарски полк” да отстранува споменици во Скопје, на пример, е во духот на добрососедството. Но, сакам отворено да кажам дека изјавите на Зоран Заев, на Никола Димитров и на други македонски политичари од власта се непристојно глумење патриотизам. Тие изјави поттикнуваат тензии во Македонија, пропагандистички коментари во провладините медиуми и дури и отворен евроскептицизам. Тоа е она што треба сите нас да нė загрижи Тоа, а не ставовите на македонските интелектуалци кои мислат слободно и јавно кажуваат дека немаат намера да се откажат од македонската самобитност. “Опасните” професори и новинари, кои толку многу го насекирале Георгиевски, не носат политички одлуки, не склучуваат меѓудржавни договори и не менуваат Устав и закони.
Не „длабоката”, господине Георгиевски, туку „плитката” држава, што ќе рече плиткоумната власт која нема стратегија и план да ги затвори отворените прашања со соседна Бугарија, ги труе односите меѓу двете земји и меѓу двата народа, а ја загрозува и европската перспектива на Македонија. Ти, скап и благонадежен Љубчо, си партнер на таа власт и затоа те пратиле во Софија, да помогнеш ако можеш да се решат споровите. А тоа не е ли крунски доказ за плиткоумноста на Заев и на неговата екипа?