НЕ ЧУВСТВУВАМ ОБВРСКА КОН ВЛАСТА Предложен сум од Владата, оти таква е законската постапка за избор на државен обвинител

Новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески вели дека неговата професионална биографија и сè што работел се доволен основ да биде поддржан и да биде избран, иако очекувал поголема поддршка од пратениците.

19

Не чувствувам ниту товар, ниту обврска кон актуелната власт, вели новиот државен јавен обвинител Ненад Савески за тоа што неговиот избор во Собранието беше поддржан единствено од пратеници од владејачкото мнозинство.

За критиките од СДСМ дека „предлагачот е толку компромитиран што ја инфицира и биографијата на Савески“, новиот државен обвинител вели дека не се согласува, зашто законот е тој што предвидува дека предлогот треба да дојде од Владата.






Савески повтори дека очекувал поголема поддршка од пратениците, но додава дека бројот на гласови бил доволен за негово именување.

– Јас сум човек од системот и токму во моментот кога сум размислувал да аплицирам на оваа позиција, да конкурирам, знаев каква е постапката. И за мене нема ништо тука спорно, ниту сум во позиција да го менувам тоа, ниту воопшто ми пречело кога е нешто системски така поставено. Така што, мојот став околу тоа да чувствувам товар конкретно, апсолутно – не. Немам потреба да чувствувам товар, затоа што јас со мојата биографија, со моето сиви и сето она што сум го имал зад себе како активности и што беше и презентирано во моето претставување од Владата, е доволен основ да верувам и кога аплицирав, дека е голема веројатноста да бидам поддржан, односно предложен – рече Савески, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Тој вели вели дека во текот на процесот на избор немал никакви контакти со Владата, ниту со премиерот. На директно прашање дали бил контактиран од Владата, односно од премиерот, кусо одговори: „не.“ Додаде дека и самиот бил изненаден од таквиот развој на настаните, но го оценува како знак на водење грижа за интегритетот на процесот.

– Меѓу тие многумина коишто биле зачудени, бев и јас. Да бидам искрен, очекував да бидам повикан од професионален аспект, како некој којшто евентуално би бил предложен или разгледуван да биде предложен. Сметав дека е сосема легитимно да бидам повикан и да имаме средба на којашто јас би ги презентирал своите идеи – вели Савески.

Тој смета дека ваквиот пристап од Владата имал за цел да избегне сомнежи за политичко влијание врз неговата кандидатура.

– Јас така гледам на тоа и искрено, мене тоа ми причинува огромно задоволство. Верувам дека намерите на Владата со таквиот однос кон мене се токму да се испрати порака дека не сакаат да остават простор дека јас сум нивни предлог или има некоја позадина – нагласи Савески.

Во врска со идната комуникација со институциите, државниот обвинител најавува дека самиот ќе иницира средби со претставници на извршната власт, но исклучиво во насока на институционална соработка и реформи.

– Видете, ниедна институција не може изолирано да функционира. Соработката помеѓу институциите е неопходна, просто самиот „чекс-енд-балансис систем“ на којшто уставно е изграден нашиот правен поредок бара меѓуинституционална соработка. Јас би побарал лично средба со премиерот и со конкретни министри со коишто би сакал да поразговарам, откако ќе ја мапирам состојбата во Обвинителството – рече државниот обвинител.

Сепак, потенцира тој, на таквите средби нема да се разговара за конкретни предмети.

– Секако не. Секако не -категориен е обвинителот.

За критиките од премиерот Христијан Мицкоски за правосудството, државниот обвинител вели дека нема да ги коментира директно, но смета оти секоја критика треба да се анализира.

– Секоја критика, според мене, е само начин да видиме каде сме, каде треба да се коригираме и во кој правец треба да продолжиме – изјави Савески, нагласувајќи дека тие не смеат да влијаат врз независноста на обвинителството, туку да послужат како основа за подобрување.

Во врска со пораката од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, дека новиот обвинител има обврска „институционално да расчисти со последиците од СЈО“, Савески вели – нема што да се расчистува, институцијата не е дел од правосудниот систем.

– Секој којшто се обраќа во јавноста, а тоа обраќање се однесува на правосудството, вклучително еве и за мојата позиција, треба да се слушне, треба да се има во предвид, јавноста секогаш е тука да биде слушната. Меѓутоа, тоа не се стандардите, ниту параметрите, ниту законските основи во коишто секој јавен обвинител би постапил. Секој предмет има свое значење. Сите тие странки во сите тие предмети очекуваат еднаков третман. Така што, во секој предмет важат истите законски основи. Сè што би било поинакво постапување, би било спротивно на закон. Редоследот по којшто се делат предметите, редоследот по којшто се постапува по предметите, фазите во коишто се носат јавнообвинителските одлуки во рамките на јавното обвинителство и со таквите одлуки доколку се истапи пред судот, има рокови, има законски процедури и не останува ништо друго освен да се почитуваат процедурите – додаде Савески.

Поврзани содржини