НЕ ЧЕКАЈТЕ ДА НАПИПАТЕ НЕШТО ЗА ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ПРЕГЛЕД! Бесплатно советување во Центарот за дојка секој петок
Во текот на розовиот октомври, ПЗУ Центарот за дојка нуди бесплатно советување за здравјето на дојките, наменето за сите жени и млади девојки што сакаат стручни информации и совети.
Секој петок од 13.30 до 14.30 часот, жените ќе можат да разговараат со лекарите и со медицинскиот персонал за превенцијата, правилниот самопреглед, препознавањето на промените и редовните прегледи.
– Сакаме на жените да им овозможиме простор за отворен разговор, каде што ќе добијат точни информации и стручен совет. Розовиот октомври има важна улога во подигнување на свесноста за ракот на дојка, но грижата за здравјето не смее да биде обврска еднаш годишно. Затоа, сега прашајте, не чекајте да напипате нешто за да побарате преглед – велат од Центарот за дојка.
Советувалиштето има превентивен и едукативен карактер и не е наменето за пациентки со веќе поставена дијагноза.
За посета на советувалиштето, потребно е да се закаже термин на телефонскиот број 02 3060 840.