НЕ БИВА ИЗБОРИ БЕЗ ПУКОТНИЦИ Истрели слушнавме и видовме со свои очи, а МВР уште не доставило поднесок до Обвинителството
Ова се инциденти кои официјално се пријавени во МВР од граѓани или од партии учеснички на изборите, но сè уште нема информации дали се откриени сторителите и дали за каубојското однесување некој ќе одговара.
За ниту еден од инцидентите кои се случија во првата недела од почетокот на кампањата за локалните избори не е доставен поднесок од МВР до обвинителствата, а граѓаните беа сведоци на пукање на партиски собири, бомба во двор на кандидат за советник и уништен пропаганден материјал, билборди, како и искршени стакла на партиски штабови.
Ова може да се заклучи од изјавата од Обвинителството дека сè уште не добиле поднесок, но со оградување, дека можеби веќе таков поднесок има во архивата на Обвинителството. Од таму велат дека Комисијата за изборни нерегуларности ги следи сите настани и дека очекуваат надлежните да поднесат до обвинителството соодветен поднесок.
И од МВР велат дека во координација со обвинителството работат на расчистување на случаите.
Ова се инциденти кои официјално се пријавени во МВР од граѓани или од партии учеснички на изборите, но досега, барем официјално, сè уште нема информации дали се откриени тие што пукале, дали тие се симпатизери, членови или можеби партиски или државни функционери, дали надлежните постапуваат против тие лица и дали за каубојското однесување некој ќе одговара.
Партиите пак, вообичаено се оградуваат и го осудуваат користењето огнено оружје на партиски собири и немаат информации кои се лицата што на изборни собири се осмелуваат да пукаат, а се знае дека на такви настани има присуство на голема група граѓани, активисти, симпатизери и функционери.
Од инцидентите кои се случија за само седум дена од почетокот на кампањата, најсериозен е бомбата која завчера била фрлена во дворот на куќата на кандидатот за советник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Габриел Бајрам.
Неофицијално, институциите молчат кога немаат сознанија за сторителите на инцидентите, па нема да биде изненадување ако кампањата и изборите завршат, а јавноста не разбере кој пукал и кои се насилниците кои го загрозуваат изборниот процес.
Синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам ноќеска пријавил во полиција дека околу полноќ му била фрлена бомба во дворот на семејната куќа, но дека за среќа, нема повредени, а причинета е материјална штета врз куќата.
За настанот има потврда во билтенот на МВР. Според полицијата, завчера околу 23.56 часот во дворно место од куќа во сопственост на Бајрам, на подрачје на Чаир непознат сторител фрлил експлозивна направа која предизвикала оштетување на ограда, врата, прозорци и фасада на куќата. Инаку Габриел Бајрам неколку пати пријавувал во полиција дека имал закани по телефон и на социјални мрежи.
Во минатата недела јавноста преку видео сведочеше дека на отворање на изборен штаб на ДУИ за Чаир, на плоштадот Скендер бег, маж рафално со истрели од пиштол го поздрави обраќањето на потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити. На собирот бил присутен и првиот вицепремиер Артан Груби, како и актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат во Чаир Висар Ганиу, но никој не реагира на пукотниците.
Ривалската и опозициска партија Алијанса за Албанците обвини дека пукање имало и на собир на ДУИ во тетовско Желино. Според партијата на Зијадин Села, на пукањето во Желино присуствувал и заменик министерот за правда Агим Нухиу.
Ден или два по ова, МВР потврди за инцидент во центарот на Тетово, каде по полноќ полицијата сопрела две возила во кои имало четири лица, меѓу кои и лидерот на ДПА Мендух Тачи, за уништени билборди и транспаренти на кандидатот за градоначалник на Тетово, Вулнет Мурсели, од опозициската Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Тачи во изјава за Плусинфо инцидентот го нарече местенка на конкурентските партии, односно тој демантира дека активисти на ДПА уништиле билборди на Алијанса. Напротив, според Тачи, тој со автомобил стасал на местото на инцидентот за да ги смири своите активисти по дојавата дека со спреј биле уништени билборди на нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Сади Беџети. Од ова произлегува дека Тачи не кршел, туку ја спасувал ситуацијата да не дојде до „војна“ помеѓу активисти на ДПА и на Алијанса за Албанците.
Засега нема одговор дали Тачи е повикан да даде изјава за настанот, ниту дали се води некаква постапка против лидерот на ДПА.
Меѓу инцидентите кои се случиле в првата недела од кампањата се и пријава за искршено стакло на изборен штаб на СДСМ во Арачиново, од каде било украден пакет со сокови.