НЕ БИДИ ПУБЛИКА, РЕАГИРАЈ И ПОМОГНИ ДА СЕ ПРЕКИНЕ НАСИЛСТВОТО! Голема кампања на Телеком против врсничко насилство

0

Македонски Телеком започнува широка национална иницијатива за создавање средина без насилство и интернет без омраза којашто обединува кампања за подигнување на свеста, партнерства со институциите и конкретни активности за едукација и активно вклучување на младите.

Со почетокот на новата учебна година започнува и кампањата „Скрши го кругот на насилството. Не биди публика.“, којашто се реализира во партнерство со Министерството за образование и наука, со заедничка цел превенција на врсничкото насилство и омразата во дигиталниот простор. Во фокусот е улогата на сведоците – оние што гледаат, коментираат, снимаат или споделуваат, а со тоа, понекогаш и несвесно, му даваат дополнителна сила и публика на насилството. Пораката е едноставна: не биди публика – реагирај и помогни да се прекине кругот на насилството. Порака со која младите, но и родителите, наставниците и целата заедница се поттикнуваат да ја препознаат сопствената улога во неговото спречување.






– Веруваме дека технологијата треба да ги поврзува луѓето, а не да биде простор во кој насилството и омразата добиваат нова публика. Ова за нас не е само кампања, туку и долгорочна заложба. Преку партнерства, едукација, активно вклучување на младите и конкретни дигитални решенија сакаме да придонесеме за побезбедна средина за секое дете, онлајн и офлајн – изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Министерството за образование и наука работи на создавање национални стандарди за училишта без насилство. Стандардите ќе воспостават единствена рамка и јасни критериуми за безбедна училишна средина, а ќе следува и едукација на наставниците, стручните служби и ученичките заедници за нивна примена во пракса.

– Како министерство спроведуваме бројни системски и проектни мерки за превенција и справување со врсничкото насилство. Но, предизвикот е голем и потребна е висока општествена одговорност, вклученост и проактивност на сите – училиштата, семејствата, институциите, бизнис заедницата и општеството во целина. Важно е заедно да испратиме јасна порака дека насилството не смее да има публика – изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Истовремено, Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ, преку долгогодишното партнерство, продолжуваат да работат на создавање побезбеден дигитален простор за децата и младите. Преку националното младинско движење „Нет без хејт“, коешто го водат деца и млади од 13 градови низ Македонија, се развиваат иницијативи за врсничка поддршка, едукација на родители, детски правобранител во училиштата, младински дигитални содржини и прирачник за превенција. Активностите ќе се спроведуваат во училишта и заедници низ цела Македонија.

Како дел од пошироката заложба за побезбеден дигитален свет, Телеком креира технологија што придонесува за поголема заштита на децата. Новата апликација Safe Family е создадена за да им помогне на родителите и децата да останат поврзани и да се чувствуваат посигурно во секојдневието. Апликацијата континуирано ќе се надградува со нови функционалности за дополнителна сигурност и поддршка на семејствата.

Со сите овие активности и партнерства Телеком продолжува да работи на една заедничка цел – дигиталниот свет да биде простор за поврзување, учење и растење, а не простор за омраза и насилство.

Поврзани содржини