Не биди длабокото грло, зоти Ахмети!

Тие што ќе се обидат да ги „проголтаат“ Македонците, пак ќе го проголтаат од трите подолгото. Тоа е искуството од четирите крвави војни кои се водеа во 20 век. Македонците и Македонија ги преживеаја тие катаклизми и си создадоа држава. Секој нов обид за регионална дестабилизација заради остварување на старите хегемонистички идеи, никој нема да помине добро. Ако е судено да ги снема Македонците, ќе ги снема и Албанците. За среќа, ништо од сто тоа нема да се случи, тоа се само празни закани на затворени умови кои живеат во минатото и на кои тешко им паѓа неизбежното политичко пензионирање.

10,068

Мене не ми пречи тоа што СДСМ, на чело со страв-и-трепетот Венко Филипче, нема храброст да му одговори на својот доскорешен партнер Али Ахмети, кој на приватната свечена академија по повод 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, рече дека Македонците мора да соработуваат со Албанците, бидејќи, во спротивно, нема да постојат.

Не очекувам Филипче да каже што било против Али Ахмети. Впрочем, клучните луѓе на сдсмовска пропаганда, од чии тези Бихаќка никогаш не се огради, со години и самите ги промовираат тезите на командантот од Мала Речица, отворено тврдејќи дека Македонија и Македонците мора да умрат, заедно со сето она што е македонско, за потоа да реинкарнираат во некој нов ентитет, кој ќе се нарече Нордот, или така некако, во секој случај со идентитет кој ќе нема ни „м“ од македонштината.






Тоа се тези зад кои СДСМ застана отворено и како што гледаме – од нив не се откажува!

Но, пак ќе речам, сето тоа мене не ми пречи. Моите очекувања од овој СДСМ се незначителни.

Она што ми пречи е нервозата со која многу луѓе расправата со Ахмети ја тераат на друга воденица, а некои и отворено бараат да реагираат институциите на кривичниот прогон, демек „по допрен глас“.

Дајте, ве молам, тоа се обични глупости и секако не е начин на кој треба да се разговара со Али Ахмети.

Јас со него сакам да разговарам спуштајќи се на неговото ниво на разбирање на историските движења на народите и отворено и грубо да му кажам некои работи, при тоа прифаќајќи ги, макар хипотетички, неговите „аргументи“.

Ахмети не е единствениот кој во последните околу двесте години сонува Македонците, како што вели, „да бидат проголтани од Србите, Бугарите и од Грците“. Таа идеја за „проголтување“, односно за освојување на територијата на денешна Македонија и за асимилација на македонскиот народ, е идеја водилка на сите околни балкански држави во контекст на нивното учество во четири крвави војни во 20 век – двете Балкански војни, Првата светска војна и Втората светска војна.

Сите тие обиди за „проголтување“ на Македонија завршија на ист начин – со тешки крвопролевања и со тоа што воинствените држави во регионот, распоредени во спротивставени табори, на крајот го проголтаа од трите подолгото!

Целата таа геополитичка нестабилност во овој дел од Европа (за која се велеше дека е ендемска, нели, дека Балканот е „буре барут“), како што е познато, заврши со формирање на Версајска Југославија во 1918 година, а потоа и со македонска држава во рамките на социјалистичка федерална Југославија, во 1944-1945 година.

Историското искуство покажа дека реализацијата на стремежот на македонскиот народ за формирање своја држава – стремеж кој и временски коинцидира со процесот на создавање на модерните европски нации и држави – е најдобриот начин да се сочува мирот и стабилноста на Балканот и да се стави крај на хегемонистичките идеи поради кои балканските држави војуваа меѓу себе и крвареа најмалку еден век.

И пак ќе речам, не само што не ги проголтаа Македонија и Македонците, туку самите го проголтаа – од трите подолгото!

За да се оствари заканата на Али Ахмети Македонците да бидат „проголтани од Србите, Бугарите и од Грците“, балканските држави повторно ќе мора да предизвикаат крупна дестабилизација во регионот и војна. Затоа, впрочем, оваа закана Ахмети ја пласира на прославата на Рамковниот договор, со кој во 2001 година беше окончана една непотребна војна и во која, спротивно на сите цивилизациски и европски стандарди, една група луѓе со оружје в рака се обиде да оствари политички цели, при што главната цел беше самата таа политички да се факторизира и да стане дел од власта.

Во 2001 година западните земји му помогнаа на Ахмети да го оствари својот план и политички и логистички ја спонзорираа војната во Македонија. Но, не се заслужни Ахмети и другарите му што неговите западни сојузници тогаш не дозволија федерализација и поделба на земјата. Не, тоа беше одлука фундирана на историското искуство – секој побид да се подели Македонија или да се „проголта“ од било кого, ќе доведе до дестабилизација во овој регион и до судир меѓу балканските држави.

Да, во еден таков судир, Македонците опасно ќе настрадаат. Тука нема дилеми. Но, на Али Ахмети треба да му биде јасно дека опасно ќе настрадаат и Албанците. Ако е судено да ги снема Македонците, богами ќе ги снема и Албанците!

Со една ваква дебата сакам на Ахмети, но и на сите кои си прават бајрам на умот со вакви глупандерски „геостратешки“ теории и сценарија, да ги соочам со нивната бесмисла. И да ги потсетам на непобитниот историски факт дека каков било исход на каков било конфликт кој би се водел со намера за „проголтување“ на Македонците нема да биде добар ни за Македонците, ама ни за Албанците и за другите на Балканот.

А Али Ахмети е последниот кој треба сега да ни попува за „добра комуникација и хармонија“ во односите меѓу Македонците и Албанците. Имаше време кога и јас му верував дека тој навистина е посветен на тоа, како што вели, Македонците да го сочуваат „да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет“. Имаше време кога тоа Ахмети мене ми го велеше лично, баш кога разговаравме во контекст на проблемите во односи меѓу Скопје и Софија. Но, потоа престанав да му верувам, бидејќи тој и Бујар Османи не предадоа на Бугарите.

Го кажувам ова јасно и гласно, без никакви скрупули и без никаква лоша мисла кон никого. Али Ахмети, Бујар Османи, заедно со овие од страв-и-трепетот СДСМ, заедно со целата нивна пропагандна машинерија, сервилно и историски неодговорно застанаа на страната на софиската паранаучна и параполитичка „аргументација“ на негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик пред 1945 година, а со тоа и на негирање на Македонија и на Македонците.

Е тоа беше обид за „голтање“ на Македонците!

Од тогаш, велам, веќе не му верувам на Ахмети. Во очи ми кажа едно, а стори друго. И затоа ништо не ми значат неговите закани дека на нам, Македонците, без Албанците, не ни било судено да постоиме.

Ние Македонците сме постоеле со векови, постоиме сега и ќе постоиме и во иднината.

Ние си имаме држава, во која сме свои на своето, што не значи дека сакаме да им „газдуваме“ на Албанците и на другите малцински заедници, но бездруго значи дека нема да дозволиме луѓе со умови заробени во минатото, криминогени структури и воинствени јастреби да ни се закануваат.

Со превисоко платена цена, таа наша држава сега е и членка на НАТО. Ако ништо друго, верувам дека тоа значи дека утре, доколку Ахмети пак реши да направи некоја нова „журка“ и пак да се бори за некои нови „човекови права“ со калашникови, нема да може да добива логистичка поддршка од членките на Алијансата. Нема да го шетаат со хеликоптери од Косово до Шипковица и назад. И не верувам дека ќе ги поддржат неговите нови идеи за „проголтување“ на Македонците, кои би започнале со тоа што првиот обид ќе биде од Алиевото длабоко грло.

Конечно, оваа држава си има и нова коалициска влада, во која македонскиот и албанскиот партнер засега добро функционираат, фокусирајќи се на политики кои ќе значат напредок и благосостојба за граѓаните и на етничките заедници.

„А во однос на овие дестабилизации и закани – ќе рече Изет Меџити – мислам дека треба да ги сфатиме ДУИ. После дваесет години, не можат да се соочат со реалноста дека се опозиција, дека треба да бидат опозиција, дека треба да се вратат на себеси, на реформи внатре, на нова програма, на нови идеи. Во принцип, нема да има такво нешто. Не се спремни граѓаните и не посакуваат да протестираат и да дестабилизираат, кога не постои некоја политичка кауза. Нивната кауза им е Соравија и другите коруптивни зделки“.

Тоа е тоа, зоти Ахмети.

Уживај си ти во политичката пензија и сонувај си некоја нова револуција.

Само, не претерувај. И знај, ти веќе не си страв и трепет за никого.

Богданка Кузеска вели дека Венко бил страв и трепет.

Јеби га …

Поврзани содржини