„НЕ БАРАЈТЕ АЛИБИ, СЕДНЕТЕ НА МАСА И ДОГОВОРЕТЕ СЕ“ Стојаноски со порака до опозицијата за Изборниот законик

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Владата ќе го поддржи секое решение околу кое ќе се договорат опозициските партии, вклучително и моделот за гласање на дијаспората.

0

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ја повика опозицијата да постигне заеднички став за измените на Изборниот законик, истакнувајќи дека Владата и парламентарното мнозинство ќе го поддржат секое решение околу кое ќе се договорат опозициските партии. Тој оцени дека наместо договор, опозицијата бара алиби за идните изборни порази.

Во гостувањето во емисијата „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија, Стојаноски рече дека Владата и владејачкото мнозинство имаат јасен став за измените на Изборниот законик, но дека политичката одговорност сега е кај опозициските партии.






Според него, платформата врз која се воделе разговорите била коректна, а Владата покажала одговорност со тоа што им оставила на опозициските партии меѓусебно да ги усогласат различните предлози што ги изнесувале во јавноста.

– Платформата врз која ние ги поставивме разговорите сметам дека е сосема коректна. Владата беше доволно одговорна и владиното мнозинство да каже дека ќе го прифати сето тоа што опозициските партии ќе го договорат меѓу себе, бидејќи тие беа тие коишто нудеа различни детали во јавноста. Ние кажавме директно и јасно потребно ни е да ги зацртаме реформите 10 од 10, потребни ни се тие средства без разлика дали биле многу или малку, на македонските граѓани им се потребни. Седнете, договорете се за сите разлики коишто ги имате во јавноста, за сите нови услови кои ги поставувате секогаш кога ќе седнеме на масата и ние ќе ви го прифатиме тоа коешто вие ќе го договорите – изјави Стојаноски.

Тој нагласи дека не е задача на владејачкото мнозинство да посредува во договорите меѓу опозициските партии и ги повика СДСМ, ДУИ, Левица, како и пратениците на Арбен Таравари и Зијадин Села, да постигнат заеднички став за сите отворени прашања.

– Ние не можеме место нив да им договараме средба во рамки на Собранието. Нека седнат СДСМ, ДУИ, Левица, пратениците на Таравари и на Села и нека договорат и за заокружувањето, и за поплаките, и за начинот на кој дијаспората треба да се изјаснува, како и за процентот на финансирање, ние тоа ќе го прифатиме. Одговорноста стои таму – тие треба да имаат иницијатива да седнат и да договорат, а не да смислуваат алиби за наредните изборни порази – порача Стојаноски.

Осврнувајќи се на гласањето на македонската дијаспора, Стојаноски истакна дека целта е да се зајакне врската на иселениците со татковината и повтори дека владејачкото мнозинство ќе го поддржи моделот што ќе биде договорен од опозицијата.

– Зошто сакаме дијаспората да се изјаснува и да се промени системот кој сега е актуелен? Бидејќи нашата интенција е тие луѓе да ги вратиме назад и мораме да ја зајакнуваме врската којашто тие луѓе ќе ја имаат со нивната татковина. На преговорите на кои лично учествував им кажавме дека ако седне опозицијата и се договори за моделот на којшто треба дијаспората да се изјаснува, ние тој модел ќе го прифатиме. Беа против електронскиот модел, понудивме поштенски модел, но и против тоа се – изјави Стојаноски.

Поврзани содржини