„НЕ ЈА ПОЧНАВМЕ ВОЈНАТА, НО ЌЕ ЈА ЗАВРШИМЕ“ Шефот на Пентагон со остра порака за Иран
Шефот на Пентагон тврди дека операцијата против Иран е „јасна и разорна“, додека американската војска веќе бележи загуби.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека САД не ја започнале војната против Иран, но порача дека под водство на претседателот Доналд Трамп таа ќе биде завршена.
На денешниот брифинг Хегсет нагласи дека, според американската позиција, Техеран со децении води „еднострана војна против Америка“.
Тој истовремено потенцираше дека нападите врз Иран немаат цел да доведат до смена на режимот.
– Ова не е таканаречена војна за смена на режимот, но режимот се смени и поради тоа светот е подобро место – посочи Хегсет.
Министерот додаде дека актуелната операција не може да се спореди со војната во Ирак и дека САД нема повторно да влезат во долготраен процес на градење држава како во изминатите две децении.
– Ова е спротивно. Оваа операција е јасна, разорна и одлучна мисија, да се уништи заканата од проектили, да се уништи морнарицата и да се спречи нуклеарно оружје – наведе Хегсет.
Тој им се обрати и на американските војници, оценувајќи дека се соочуваат со решителен противник, но дека остануваат најсилната борбена сила во светот.
– Мора да го докажуваме тоа секој ден. На историјата не ѝ е гајле дали сме уморни или исплашени. Ние повеќе не сме бранители, сега сме воини – изјави Хегсет.
На брифингот говореше и началникот на Здружениот генералштаб на вооружените сили на САД, Ден Кејн, кој изрази сочувство до семејствата на загинатите американски војници.
Според него, во досегашните воени акции против Иран загинале четворица припадници на американската армија.
– Очекуваме дополнителни загуби и, како и секогаш, ќе работиме на минимизирање на американските загуби – рече Кејн.
Тој додаде дека распоредувањето на дополнителни сили продолжува.
Во операциите досега учествувале морнарицата, воздухопловните сили, вселенските сили и крајбрежната стража на САД, во координација со израелската армија.