Навивам за Малески
Во неговите ламентирања не недостасуваат факти. Недостасуваат неискористените дипломатски чекори и неизнудените грешки. Неговите чести повикувања на атинскиот историчар Тукидид толку ми го приближи, што го чувствувам како близок роднина. Пречи тоа што тој Тукидид го користи како алиби за нашите промашувања.
Време е за навивање. Станавме анкетен народ, за малку да напишам анектиран народ. Очекувам и во кладилниците да се најдат и коефициентите со проценти на застапеноста во идното Собрание, степен на излезноста на изборите и секако кој ќе биде новиот претседател.
Станавме партиски фанови или фанови на нивните апологети. Навивањето не е бесплатно. Често е и губење време. Оттука и толку навивачи и во интелектуалната елита, во која секако спаѓаат и угледните универзитетски професори, скриени лица од невладините организации и секако т.н. аналитичари и добро маскирани новинари.
Малески навивал за Бијело дугме?
Во последно време вниманието анализите на професорот Д. Малески ми привлекуват посебно внимание. Тој наводно своевремено навивал за Југословените, Албанците, Грците и за Бугарите, а не и за Македонците, наратив кој по неговите зборови го следи и ден денес. Во неодамнешната колумна дознавме дека тој всушност навива за Бијело дугме, по мене најоргинална синтагма за име на еден бенд кој доминираше долг период, со оглед дека нема човек која во својата гардероба нема бар едно бело копче. Фронтмен од немирна Босна се откажал од политиката и продолжил да тамбура и после промената на бендот.
Нашиот научен работник и прв министер за надворешни работи на нашава држава се откажаа од своите мисии, со оглед дека политичките поддршки му биле многу ниско рангирани, па професорот своеволно ја баталил дипломатијата, поради накалемениот кукавичлук во водењето на надворешната политика, зашто го обвинувала не само тогашната опозиција, дури со навредлив вокабулар.
Тукидид ми стана близок роднина
Логично се прашувате , зошто пак јас би навивал за Малески?
Многу едноставно. Неговите реминисценции за неговата рола во македонската дипломатија, во предвечерјето на претседателските и парламентарните избори, ми даде можност накусо да ја повторам мојата стара теза, дека за речиси сите наши дебакли, пред се на меѓународен план, виновна е нашата непостоечка дипломатија.
Во неговите ламентирања не недостасуваат факти. Недостасуваат неискористените дипломатски чекори и неизнудените грешки. Неговите чести повикувања на атинскиот историчар Тукидид толку ми го приближи, што го чувствувам како близок роднина. Пречи тоа што тој Тукидид го користи како алиби за нашите промашувања. Има многу мали држави, помали и од нашава, кои дигнаа глава и сега се целосно суверени држави. Парадоксално, ама тој својата прва турнеја како министер ја направи во Балтичките држави, со идеја за заедничка соработка на малите држави во односите со влијателните. Се разбира, таа идеја не се ни разгледуваше. Балтичките држави појдоа по патот на успехот.
Се разбира дека проф. Малески навива за нашата држава, потенцирајќи дека тој е играч во првата македонска репрезентација на теренот на меѓународната политика, при што признава дека беспоговорниот политички авторитет беше претседателот К. Глигоров, во чиишто раце беше целосната надворешна политика и кој лично го предложил за прв министер за надворешни работи. Проф. Малески, во колумната од 01.04.2024, наведува дека на почетокот од независноста ние правевме „дипломатска музика“,свирејќи со уста за тоа дека Македонија е вечна, Македонците – пиреј, само исправена кичма и слично, што е познато клише во литературата за меѓународна политика пред избори.
Што ако министер беше Лазар Мојсов?
За да ги оправада нашите дипломатски неснаоѓања, Малески наведува дека тогаш (1992) сме имале само дипломатија на хартија, не објаснувајќи дека од Белград не се вратија најекспонираните македонски амбасадори, од кои само еден беше повикан во Скопје на разговор, чиј резултат однапред беше познат. Не размислува како би се одвивале работите околу задоцнетото признавање на нашата држава и приемот во ООН, во случај да министер беше Л. Мојсов.
Наместо тоа, проф. Малески овој пат се повикува на кралот на Прусија, Фредерик Великиот, дека „дипломатија без оружје е како оркестар без инструменти“. Заборави да напише дека со седумгодишната војна на Прусија со Франција, Русија и со Австрија, Англија не го подржа ветеното сојузништво, а Фредерик Великиот победи – и покрај дипломатскиот пораз.
Дипломатски гулаб писмоносец
Проф. Малески всушност беше единствено дипломатски гулаб писмоносец, всушност како и сите останати министри додека претседател беше К. Глигоров. Приемот на Република Македонија во ООН со некаква референца БЈРМ беше најголемиот дипломатски скандал, посебно поради фактот што проф. Малески, како министер, требаше да знае за членот 4 од Повелбата на ОН, кој се однесува на прием на нови членки. И како прв министер за надворешни работи, во клучните моменти на меѓународното признавање на нашата држава, тој абдицираше, „внимајќи на волјата на мнозинството” и замина за амбасадор во Мисијата во Њујорк.
Еден пак друг министер за надворешни работи, од истата позиција на шеф на Мисијата, невестински навреден, пред време ја напушти значајната функција. Еден исто така министер за надворешни работи, најде засолниште во Мисијата во Њујорк, откако не доби агреман за амбасадор во Вашингтон.
Тоа се наши грешки. Нашите влади не покажаа настојчивост во активностите на Ист Ривер за актуелизирање на прашањето на приемот на нашата држава, макар што од страна на еден наш експерт беше детално укажувано како може тоа да се изведе и после потпишувањето на договорот од Нивици. Како да се навикнавме на референцата БЈРМ, а нашите врвни дипломати итерпејовски демонстрираа патриотизам, со покривање на првитер две први букви од референцата која стоеше на шилдовите пред нашите претставници, со бела хартија. За таа итрина беа и наградувани. И тоа беше наша дипломатска грешка.
Тукидид „виновен“ и за Нивици
Потоа следи период на бесконечни летови преку Океанот во дветер насоки, на министрита од Атина и од Скопје, за да се најде решение. Посредникот, адвокатот Нимиц, беше стимулирано настојчив, посебно со предложените решенија. А не дека немаше решенија, а и шпекулации поради што одбивме некои предлози. Пак наша грешка.
После прифативме се што се бараше од нас со Договорот во Нивици (јуни 2018), со кој го сменивме името, за да станеме членка на НАТО и да започнеме преговору за прием во ЕУ, во чија креација МНР како институција немаше соодветен тим, збогатен со врвни експерти.
Тукидид надвладеа во нашата дипломатска логика. Мал си и молчи. Има и бетер.
Софија, како што ѝ доликува на божицата на мудроста, со големо внимание ги следеше чекорите на Атина и збунетоста на Скопје и соработуваше со Атина и за прашањето за македонските работи. Нивици и Спогодбата за пријателство со Бугарија беа дипломатски споени садови. Целта им беше иста. Разликата е во еленската превејаност, што е предност над византијската хетерогеност.
Прашањето на името не беше приоритет на нашите дипломатско-конзуларни претставништва. Доволно е да се погледа листата на грчките експерти во креирањето на Договорот од Нивици, па ќе се уверите за нивната експертска супериорност. Пак наша грешка. Мотивот ни беше прием во НАТО, во Алијансата во која и така би биле примени, а имавме и шанси поради логистичка воена асистенција во акција нашиот стратешки партнер „Милосрден ангел”. Букурешт 2008 ја потврди нашата дипломатска стерилност.
Договорот со Бугарија – шлаг на тортата
Прашањето на приемот во ЕУ е кулминација на нашите дипломатски промашувања. Во еден период со европските интеграции раководеше еден лекар, додуша специјалист за друга област. Беспотребната конкуренција кај нас, за нерационалното прашање, за времето кога нашата држава ќе биде примена во ЕУ – како круцијален доказ за успехот и за останување на власт или за доаѓање на власт, односно промена на власта. Комбинација на дипломатски и домицилни грешки, при што албанската зелена партија се обиде да игра ролја на акцелератор на приемот на ЕУ. Која од познати причини се залагаше за брз прием во НАТО, посебно после приемот на Албанија во Алијансата. Двојни грешки. Тукидид и во овој случај ги релативизираше нашите неуспеси, обвинувајќи ја меѓународната заедница.
Договорот со Бугарија за пријателство е шлаг на нашата неуспешна дипломатија. Двете држави во 1999 година имаа интерес да потпишат заедничка декларација. Бугарија поради исполнување на Копенхашките кртитериуми, со кои се предвидуваат и добри односи со соседите, а нашата држава да му потврди на Брисел дека сме лидер во регионот во евроинтеграциите. Договорот со Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка е круна на политичкиот меркантилизам на муртинскиот премиер и на преамбициозниот лидер на тогашната кабинетска дипломатија. Двете амбиции се покажаа како поразувачки за нашата држава.
За успехот за промена на името и за приемот во НАТО, еден од нашите поранешни амбасадори во НАТО дури размислуваше за кандидатура на тогашниот премеиер за Нобелова награда. Ситуацијата беше поразувачка со новиот птремиер, номиниран од Заев, харвардскиот хоспитант познат по прекарот Таче.
Сите недоразбирања околу т.н. француски предлог и прочуените два протокола, заедно со прифатената преговарачка рамка, барањето уставни промени и внесување на Бугарите во нашиот Устав, се креации на бугарска дипломатија и со наша помош, да не кажам и иницијатива. За сите прашања околу решавањето на прашањата со бугарскиот предлог, виновен е штетниот Договорот од 2017 година, ратификуван во 2018 година,. со кој несудениот Нобеловец избрза да го реши проблемот со Бугарија и на тој начин ги подобри нашите шанси за влез во НАТО и воедно изрази благодарност до меѓународната заедница за поддршката којашто му ја даваше.
Лавовската борба на др. Османи
Др. Османи, како врвен познавач на меѓународното право, лавовски се бореше нашиот парламент да ги прифати бугарските уценувачки услови, што му одземаше прилично време да се посвети повеќе на меѓународното признавање на Косово и на реализацијата на абортираниот производ од Берлинската иницијатива, т.н. Отворен Балкан.
Како врвен воен стратег, подучен и од командантот од Форино, на обележавањето на четиригодишнината на приемот на нашата држава во НАТО, на дипломатскиот кор, а со тоа и на сите НАТО сојузници, тој им предочи дека руската агресија врз Украина ќе се шири кон Истокот, вклучувајќи ги и државите на Западен Балкан. Каков визионер, а не само мисионер, како што самиот се нарекува. Според Османи, дури и претстојните избори кај нас се избор помеѓу Запад и Исток, што дополнително ѝ нанесува штета на нашата дипломатија. Се пофали дека протерал 17 руски дипломати, шпиони бидејќи имале контакти со високи претставници на нашата влада.
Чист аматеризам и непознавање на технологијата на дипломатското работење. Со таков чекор, нашата држава ги затвори портите кон Русија, постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Нашиот амбасадор во Русија, остатокот од мандатот може да го користи како продолжен годишен одмор. Тој веќе не може да влезе во железната порта во руското Министерство за надворешни работи.
Министерот Османи се охрабри, свесен за своите универзални квалитети, дури и да поверува дека може да биде кандидат за местото Генерален секретар на НАТО. Нека се сети само како помина нашиот кандидат за место на Генерален секретар во ООН. Неговата номинација од зелената партија за претседателски кандидат не е само доказ за неговите квалитети, туку и лакмус за рејтингот на ДУИ на парламенатрните избори.
Циничната поента на проф. Малески
Проф. Малески конечно цинично поентира дека позицијата на идната влада е дека нема промена на Уставот во постоечките политички услови и дека тоа значи дека нема ништо и од основниот приоритет на партијата – прием во ЕУ. За конечно да констатира дека без компромисот за името немаше НАТО ( што не е точно), како што без прифаќањето на „францускиот предлог“ денес нема ЕУ, што е тендециозно негирање на варијантата за одложено членство.
Рано е за прогнози. Да ги почекаме резултатите на изборите.