Ете, почитувани читатели, стасавме до крајот на мојот мал маратон, до последната, осумнаесетта по ред статија, која всушност е и крајот на мојата книга „Научи да пишуваш“ (2009), чија содржина, всушност, беше пренесена во статиите посветени на сите што сакаат да ја унапредат својата вештина на пишување.
Ми останува, за крај, уште еднаш да повторам дека основните постапки на развојот на пишаниот текст, за кои веќе стана збор, во многу случаи успешно се комбинираат. Всушност, тоа е главна одлика особено на книжевните и на новинарските жанрови.
Ете, почитувани читатели, стасавме до крајот на мојата серија статии за пишувањето. Се надевам дека секој од вас во моите 18 статии што ги објавував ден за ден, можеше да пронајде нешто корисно, да научи нешто ново, да се потсети на нешто што го заборавил. Како што ветив, сосема на крајот на ова последно продолжение, објавувам линк од каде што можете да ја преземете мојата книга „Научи да пишуваш“, објавена во 2009 година. Симнете ја во Word и сочувајте ја. Ќе ви се најде. Но, пред тоа, ве молам да прочитате делови од еден прекрасен есеј на д-р Ферид Мухиќ, со кој, всушност, мојата книга завршува.
„Physeter catadon“, извонреден есеј на Ферид Мухиќ
Веќе приложив извадоци од една духовита козерија на млад и талентиран автор, од интересен извештај и од една полемична расправа на наш познат колумнист – сите се збогатени со описи, со нарации, со интересни цитати, со елементи на хумор и сатира. Колку што се посложени и позахтевни формите на изразување (жанровите), толку поплодотворно е комбинирањето на постапките на развојот на пишаниот состав.
Книгата „Штитот од злато“ на д-р Ферид Мухиќ нуди дузина извонредни есеи, во кои авторот води амбициозни филозофски расправи, користејќи при тоа интересни и необични приказни како литерарни предлошки и служејќи се со богати описи, со инспиративни цитати, со разновидни изразни средства и модели на развивање на дејствието. Ќе го издвојам мојот омилен есеј од оваа книга, под наслов „Physeter catadon“, не само зашто ја покажува умешноста во комбинирањето на постапките за кои зборувавме, туку пред сѐ зашто соопштува една многу важна поента со која сакам да го завршам овој труд.
Есејот почнува со мала расправа за афоризмот „Да се живее, не се мора; да се плови – да!“ и продолжува со раскажување на една необична случка што се случила на голем брод китоловец во Индиски Океан, што ја забележал капетанот во својот дневник. Еден голем кит-мажјак од родот Physeter catadon, кој со денови пловел на безбедна оддалеченост од бродот, во еден момент ќе нурне во морските длабочини и ќе изрони по неверојатни 112 минути. Мухиќ раскажува и опишува:
Додека морнарите се буделе од маѓепсаноста и брзо го местеле харпунскиот топ, капетанот бил како „замаен“ (како што запишал во својот дневник, „I was mesmerized“) и – низ ударите на брановите, силното прскање на капките, претворени, од снажниот здив на неверојатните катадонови дробови, во гејзир водена измаглина низ која се пробивала ненадејно вцртаната ѕуница – едноставно ја примил како проблесок на менталната евиденција, реченицата за која чувствувал дека директно доаѓа од големиот кит. Тврди оти таа реченица наполно јасно се обликувала во неговата свест во моментот кога заглушувачки пукнал харпунскиот топ и дека заправо „остро се вцртала на звукот од китовиот ропот“.
Подоцна во есејот, со низа реторски прашања, Мухиќ ја развива својата хипотеза дека китот можел да го избегне харпунот, дека можел да нурка поплитко и подалеку и дека напросто можел да избега од тој китоловец. И сега следува важна поента во есејот:
Но, суштество кое може, само со својата сила, да помине низ иљадници и иљадници долги миљи од овој свет, суштество кое во вистинска и буквална смисла, не ја знае смислата на „границите“, суштество кое ниту ги знае ниту ги има, такво суштество го укинало и самото физиолошко чувство на страв од смртта – кое е свест за границите и страв од крајот! Зарем такво суштество некогаш може да се двоуми околу тоа што треба да прави? Зарем би можело да избере било што друго освен она што токму го избрал овој Physeter catadon: да се осиромаши за еден живот, и со тоа, да се збогати за еден подвиг!
Решавајќи еднаш да пишува, вистинскиот пистале решил и за својот живот!
Ете затоа, вели Мухиќ, неговото гесло, таа клучна реченица, капетанот точно ја чул и разбрал: Да се живее, не се мора; да се нурка – да! Тука некаде, авторот тежиштето на есејот го префрла на друга тема, споредувајќои го подвигот на големиот кит со подвигот на писателот:
Решавајќи еднаш да пишува, вистинскиот пистале решил и за својот живот! Како што, станувајќи кит, Physeter catadon решил за својот. На првиот му е дадено да пишува, на вториот – да нурка! Двајцата со тој чин ги определиле исходите од сите дилеми и значењата на тоа што треба да го прават! Соочени со исполнувањето на своето определување, покрај заканата од харпунот, и отстапувањето, како спас од таа закана – тие секогаш ќе изберат да продолжат со она што е услов на нивното постоење!
И еве ја, најпосле, завршната поента во овој инспиративен есеј на Мухиќ, со која завршува и мојата книга:
Тие што знаат дека секој ден е – судниот ден, тие знаат дека секое нуркање е најдобро тогаш кога се нурка како да е последно; и тие кои пишуваат знаат дека книгите треба да се пишуваат така како да ни е тоа последното што ни е дадено да го напишеме, и дека сите најдобри книги токму така се напишани, и дека поинаку не може добро да се пишува, ни длабоко да се нурка, ни вистински да се живее.
Книгата „Научи да пишуваш“ можете слободни и бесплатно да ја преземете:
Книгата е за ваша лична употреба. Секое печатење и објавување на целата книга или на нејзини делови за комерцијални цели, без договор со авторот, ќе се смета за повреда на неговите авторски права.