НАУЧИ ДА ПИШУВАШ (16) Да ја искористиме силата на аргументите, а не аргументот на силата!

686

Живееме во време кога пред нас се поставуваат многу отворени прашања и предизвици. Некои од нив се големи, понекогаш дури и историски. Други се мали, но за нас, сепак, значајни. Затоа, кога пишуваме, многу често чувствуваме потреба да го надминеме дискурсот на објективно и непристрасно раскажување и опишување на настаните и на состојбите и да заземеме ангажирана позиција.

Кога сакаме да пишуваме ангажирано – а тоа значи да коментираме, да оценуваме, да анализираме, да расправаме – се водиме од основните принципи на логичко расудување, кои се темелат на моќта на аргументите. Затоа овој процес го нарекуваме и аргументирање. Во основа, станува збор за стандардизирани постапки на дефинирање на темата на расправата, поставување на тезите и плетење синџири аргументи кои треба да нѐ доведат до исходишната точка, до резимето на расправата.






Фокусно прашање, хипотеза, антитези, заклучок

Прв чекор, значи, е јасно да се дефинира основниот проблем за кој расправаме. Тоа не е секогаш лесно, бидејќи понекогаш е потребна умешност од мноштвото дилеми и прашања кои се поврзани со определен феномен да се екстрахира едно прецизно прашање, кое ќе биде фокус на нашата расправа. Фокусното прашање ги определува основниот проблем и аголот на нашиот текст.

Откако ќе го поставиме фокусното прашање, ја поставуваме сопствената хипотеза. Таа е прелиминарен одговор на фокусното прашање, одговор што допрва треба да се поткрепи и да се потврди со аргументи или да се отфрли со противаргументи. Во исто време, ги идентификуваме и антитезите – тоа се судовите кои директно се спротивставуваат на нашата хипотеза, кои исто така ќе бидат предмет на докажување или оспорување во клучната фаза на расправата.

А клучната фаза на расправата е изложувањето на аргументите и фактите, пред кои, како што вели една поговорка, молчат и боговите. Аргументите се нижат како алки во синџир, се разгрануваат, за при крајот на расправата да се сумираат и да се резимираат. Така доаѓаме до исходишната точка на расправата, до заклучокот, кој е конечен одговор на фокусното прашање.

Еве пример на една  расправа, преземена од блогот на проф. д-р Мирјана Најчевска, која се однесува на владиниот проект „Компјутер за секое дете“. Постот е преземен со извесни скратувања и редакторски интервенции, но претставува школски пример за тоа како се води расправа.

Во почетокот, авторката ги дефинира проблемот и  фокусното прашање – каква е смислата на овој проект? – и веднаш ја поставува почетната хипотеза. Според неа, станува збор за незнаење, глупост и лакомост.  Еве како влегува Најчевска во расправата:

Навистина не знам дали се работи за незнаење, за глупост или за лакомост. Најверојатно станува збор за погубна комбинација од сите три елементи, дополнително зачинета со бескрупулозност и со големо количество на автократија.

Над 15 години сум вклучена во реформата на образованието. Во тие години различни тимови на експерти работеа на програми со кои се промовираа интерактивно учење, критичко мислење, животни вештини, работа во групи, комуникација, спремност за соработка и заедничко донесување одлуки.

И, одеднаш – компјутер за секое дете!

Доследно на правилата на секоја достојна расправа, Најчевска поставува и антитеза – станува ли, можеби, збор за обид да се обезбеди пристап до компјутер за секој ученик?

Прво помислив дека станува збор за тоа на секое дете да му се овозможи пристап до компјутер, можност за користење на компјутери и на интернет за одредени образовни цели, опремување по неколку кабинети во секое училиште во кои децата ќе можат да се обучуваат и да имаат пристап кон потребните образовни содржини. Меѓутоа, одеднаш гледам, во сите основни и средни училишта, во секоја училница и кабинет, се дупчи, се гради, се спроведуваат жици, кабли, се поставуваат штекери. Почнав да се распрашувам кај наставниците, кај луѓе од Бирото за развој на образованието, кај луѓе од Министерството за образование, дали знаат што всушност се случува. И не добив одговор. Најверојатно прашувам погрешни луѓе. Затоа овде ќе ги поставам моите прашања и загрижи.

Авторката идентификува уште една антитеза, во изјавите на официјалните лица кои го бранат проектот:

Што значи фразата компјутер за секое дете? Според изјавите на премиерот: Ќе бидеме земја која ќе биде спомнувана по тоа што секој ученик во основните и во средните училишта има компјутер пред себе. Или, според изјавите на министерот Ивановски: Секој ученик пред себе ќе има тастатура, глувче, монитор и компјутер или тинклиент.

Сега е време Најчевска да го сплете првиот синџир аргументи:

Ако е фразата точна, тогаш имаме голем проблем. Прво, тоа значи дека клупите во најголем дел од училниците ќе бидат заземени со екран, маус и тастатура. Местото за книги, за прибор, за цртежи, за прирачни средства ќе биде максимално ограничено. Второ, тоа значи фиксирање на клупите (тие стануваат неподвижни). Ова оневозможува било какво нивно изместување со цел работа во група, во круг или игровни активности. Трето, тоа значи помала комуникација со другарчињата и со наставникот. Четврто, тоа значи здравствени проблеми: деформации на скелетот на детето, зрачење и проблеми со очите, воспаление на мускулите на раката со која се држи маусот. Петто, тоа значи огромен број кабли, приклучоци, штекери, кои можат да повредат, да спрепнат, да предизвикаат пожар.

Втората серија аргументи авторката ја пласира во облик на прашања:

Ако фразата е точна, тогаш има уште неодговорени прашања. Прво, што ќе се случи ако во одделението следната година се запишат повеќе деца од предвидениот број компјутери? Второ, што ќе се случи кога ќе почнат да се расипуваат (оштетуваат) компјутерите и треба да се сервисираат и некои деца ќе останат без својот компјутер пред себе? Трето, што ќе се случи по две години, кога тоа веќе ќе биде застарена технологија (дали има план за замена и за посебни облици на складирање на овој вид на смет)? Четврто, што кога ќе падне напонот на струјата, кога ќе има рестрикции или, едноставно, ќе снема струја? Петто, дали наставниците ќе ја имаат сета опрема за работа на овој начин (проектори, соодветни алатки за покажување, пишување на екран и слично)? Шесто, дали сите наставници (над 5.000) ќе поминат соодветна обука за да работат со оваа технологија? Седмо, што со училиштата во кои нема соодветно затоплување и ладење, каде што капе вода од покривите односно има влага во ѕидовите? Осмо, дали се предвидени посебни компјутери (со посебни перформанси) или посебни места за седење за деца со посебни потреби во развојот? Деветто, зошто се зборува за 150.000 до 180.000 компјутери, а има над 300.000 деца во основното и во средното образование? Десетто, како ќе се регулира работата во училиштата во кои наставата се изведува во смени?

Пред резимето, Најчевска пласира и секундарна теза:

Она што можам да го видам како евидентна добивка се огромен број тендери, кои секогаш значат можност за остварување лична добивка – тендери за компјутери, за материјали за инсталација, за клупи и за столчиња, за поставување на инсталацијата (електричари, градежници, молери), за постојано сервисирање и одржување, за отстранување на расипаните компјутери.

Расправата завршува со резиме и заклучок, во две јасни реченици:

Целокупната активност ги негира сите претходни активности во образованието. Таа е спротивна на модерниот развој на образованието, отвора континуирани извори за лично богатење и штетна е за децата.

Во последниве години, поради популарноста на социјалните мрежи, коментирањето и дебатите станаа опсесија на многу автори. Често среќавам млади луѓе кои се цврсто решени својата новинарска кариера да ја почнат со пишување „колумни“. Немам ништо против било кој да пишува ангажирано, но кога веќе го прави тоа, мора да научи како да аргументира. И тоа се учи...

Бранко Героски новинар

Да се мисли коќно и да се пишува силно

Карактеристично за оваа расправа е што во неа доминираат јасни, семантички прецизни и неутрални изрази и јасни, кратки до развиени реченици. Расправата се следи лесно, а за тоа придонесува и добрата организација на текстот. Затоа рековме дека ова е школски пример за расправа, бидејќи се потпира на стандардизирана постапка и на изразни средства кои овозможуваат да доминира она што се кажува, а не како се кажува (иако на моменти Најчевска си допушта извесна слобода во метафоризацијата на изразот).

Се разбира, развиените реченици, компарациите, метафорите, ирониите, хиперболите, реторските прашања, духовитите поенти, моќните цитати, заводливите дигресии и другите стилски средства ги засилуваат впечатливоста на расправата и уверливоста на аргументите. Понекогаш тој впечаток е дури посилен од реалната сила на аргументите, што не е добро. Сепак, треба да се мисли моќно, ама и да се пишува силно.

Големо внимание треба да се посвети на параграфирањето. Нижењето на параграфите мора доследно да го следи процесот на аргументирање. За разлика од известувањето, каде што параграфите не мора цврсто да се поврзуваат еден со друг, аргументирањето налага употреба на модални фрази и посебни изразни средства (за кои веќе зборувавме), чија цел е да се засили кохерентноста на целиот текст. Како што се поврзуваат аргументите, така транзитираат и параграфите – како алки во синџир.

Кога расправата преминува во полемика

Расправата, во принцип, се води во трето лице. Секогаш расправаме за темата, за тезите, а не за личностите. Кога се дебатира ad hominem, тоа се смета за знак на сериозна слабост на авторот. Сепак, кога основниот проблем е цврсто поврзан со определена личност, кога ставовите и постапките за кои расправаме се доведуваат во тесна врска со одредена личност, тогаш расправата добива карактер на полемика. И полемиката може да се води во трето лице, но почесто среќаваме полемики кои се водат во прво лице.

Полемичарот не смее да го дисквалификува, да го омаловажува и да го навредува својот противник. За жал, во последниве години кај нас сѐ почесто читаме полемики во кои доминира говорот на омраза. За утеха на линчуваните, вистина е дека секој збор што ќе го изговориме е нашето индивидуално препознавање – тој е одраз на нашата личност, на нашето домашно воспитување, на нашата култура и образованост. Она што го пишуваме зборува за нашиот систем на вредности, за нашата лична определба и за нашиот личен ангажман.

Како пример на расправа со полемичен тон, приложувам една колумна од Никола Гелевски во „Утрински весник“ од 21 октомври 2008 година, под наслов Вратарот и борделот (извршени се извесни скратувања):

Главно политичко прашање во Македонија во моментов не е прашањето на името, ниту признавањето на Косово, ниту тензијата пред локалните и пред претседателските избори. Нашето главно политичко прашање, според мене, е следново: дали бескрупулозноста, примитивизмот и грубоста, со коишто владее актуелната македонска власт, се резултат на природна дарба, од бога дадените силеxиски перформанси или станува збор за добро осмислена политичка тактика?

Постојат силни аргументи и за двете тврдења: а) власта на Груевски едноставно има културен проблем, недоделкана е, невоспитана, груба, целата во афекти и одмазди, и се однесува токму според овде толку длабоко вкоренетиот ориентален табиет: кон горе биди ропски понизен, кон долу гази и понижувај безмилосно; б) фајтерството и грубоста на власта (дури и во односите спрема оние кон кои се стремиме, ЕУ и НАТО), се само вешто осмислена популистичка политика наменета исклучиво за внатрешни потреби, т.е. за подолго опстојување на власт. Притоа, не постојат други цели освен власта по себе! Целата тактика се троши на технологијата на владеење. Тоа е славниот модел на Слободан Милошевиќ: тактика без стратегија. Купи ден помини.

Во моментов, впечаток е, меѓу аналитичарите и политичарите, доминира втората верзија: власта на Груевски воопшто нема културен проблем, нејзиното силеџиство (дури и кон Шефер или кон Фуере, највисоките претставници на НАТО и ЕУ) е искалкулирано; политиката е сфатена како парада, како создавање впечаток. А Груевски прибегнува кон истата опасна политика на Милошевиќ: колку понепопуларен надвор, толку похерој дома.

Иако политичките аргументи на вторава теорија (за причините на манипулативното националистичко парадирање на Груевски) се убедливи и веројатно посилни од теоријата за културниот дефицит на нашата владејачка класа, мојата позиција, сепак, е поблиска до културолошките објаснувања. Со важна напомена: примитивизмот и нааканоста на нашите нови владејачки класи (не само политички) сѐ повеќе го губат ориенталниот шмек и стануваат дел од глобалното посељачување. Сељаштвото на новиве класи само делумно има врска со турбофолкот, со белите чорапи, со бахатоста и со малограѓанштината. Клучниот проблем полека се сели на друго место: опортунизмот, кариеризмот, бескрупулозноста, алчноста… станаа врвни доблести на новото време, насекаде.

Теророт на младите јапии кои немаат никакви посериозни морални, социјални или културни ориентири не е од вчера. Уште Хана Арент предупредуваше дека модерните општества добро нѐ увежбуваат да го кажеме она што од нас се очекува (или, кога треба, да се воздржиме од тоа), а не нѐ учат со зборови да го искажеме она што навистина го чувствуваме или го гледаме: Од детството, всушност, во сите наши институции, ние ги наградуваме еуфемизмите, трговската способност, слоганите, а ги казнуваме и спречуваме вистинитоста, оригиналноста, промисленоста. Со таа разлика што западните општества, сепак, имаат напластени слоеви демократија, многубројни автономни зони, поединци и институции, како брана од некаква порадикална брутализација на општеството. Таква заштита ние немаме и спојот меѓу ориенталната и јапиевската бескрупулозност кај нас навистина добива гротескни размери.

Кога, на пример, Ивица Боцевски (еден од највпечатливите симболи на тој нов бездушен јапиевски кариеризам, за кој не постојат никакви инхибитори освен желбата на актуелниот газда) на своите морничави прес- конференции искажува очигледни будалштини, тој со тоа не губи во очите на најшироката јавност! Напротив! Токму неговата поданичка тврдокорност е модел за успех! Летаат триста двокатни автобуси над небото на Скопје? Летаат! Сосе самарите! (И наспроти шамарите со кои се обидуваме да го разбудиме наркотизираниот со моќ претставник на Владата).

Можеби младиве теледиригирани проектили од типот на Боцевски, Ѓорчев, Јанакиески, Котевски, Бичиклиски итн. некому изгледаат како пилиња кои наоколу трчаат без глави на рамената, но преземањето на општествените ресурси од страна на младите јапиевци, сепак, повеќе личи на влез на лисицата во кокошарникот. Дури и на глобално ниво, повторувам (во светлина на крајно неодговорните финансиски политики), се случува преземање на борделот од страна на вратарот.

Во старите добри времиња (кои можеби се митска измислица, можеби никогаш не постоеле), одговорноста за светот стоеше во средиштето на политиката. Одговорноста за светот денес е сведена на одговорност за личниот стомак, а грижата за организацијата на светот речиси совршено е трансформирана во технологии за владеење на најразлични интересовни групи: банди, гангови и тајфи. Надежта, сепак, лежи во добрите страни на истиот предизвикувач – глобализацијата. Се надеваме дека токму вмреженоста на светот нема да дозволи радикални гниења на одредени места. Меѓу другото, и затоа на Република Македонија судбината ѝ е час поскоро да влезе во ЕУ и во НАТО.

Колумната на Гелевски има елементи на класична расправа, во која тој на почетокот поставува фокусно прашање (дали грубоста на актуелната власт е резултат на „природна“ дарба или е добро осмислена политичка тактика), пласира две спротивставени антитези и се определува за сопствената хипотеза ( мојата позиција, сепак, е поблиска до културолошките објаснувања, вели авторот). Синџирот на аргументи со кои авторот ја брани својата позиција е сликата на младите јапиевци,  кои ги преземаат општествените ресурси како што вратарот го презема борделот.

Колумната на Гелевски има и нагласен полемичен тон. Без двоумење, остро, авторот директно полемизира со ставови и постапки на конкретни личности, изложувајќи ги и на потсмев. Истовремено, тој демонстрира ерудиција, поглед на основниот проблем од глобална перспектива, како и нагласена општествена критика, изложена во препознатливиот стил на популарниот Коља.

(Во следното продолжение: Неколку „тајни“ за тоа како се пишува моќен говор)

Илустрација: pixabay.com

Поврзани содржини