Сега, после десет статии посветени на зборовите и на речениците – кои, се надевам, ви помогнаа барем малку да ја унапредите вештината на пишување – можеби е време повторно да се навратиме на постапки на развојот на пишаниот текст. Како што веќе рековме, станува збор за следните постапки: опишување (дескрипција), раскажување (нарација), анегдотска нарација (хумор и сатира), пренесување на директен говор (цитати и дијалог), известување (рапорт), аргументирање (расправа) и беседење (говор). Во мојата книга „Научи да пишуваш“, која ќе ви ја подарам на крајот од овој серијал, на овие постапки се осврнувам во последната глава.
Една статија веќе посветивме на опишувањето (дескрипцијата). Оваа статија ќе ја посветиме на раскажувањето (нарацијата). Една од најголемите тајни на овој занает се содржи во едноставната максима – не кажувај, раскажувај! Раскажувањето има чудотворна моќ, тоа на исказот му дава магиска привлечност. Нарацијата го поттикнува и го одржува вниманието на читателот, го подготвува за кулминацијата на возбудата, создава очекувања за пресврти.
Приказните, полни со интересни ликови, заводливи описи и со богати. а сепак едноставни фабули, се првата лектира во нашиот живот. Да се потсетиме: нашата прва средба со прозата се приказните како „Црвенкапа“, „Снежана и седумте џуџиња“, „Пепелашка“, „Пинокио“ и други. Ги слушавме како деца, а сега им ги раскажуваме на нашите потомци. Тие, едноставно, се евергрини.
Но, што е она што ги чини такви? Одговорот на ова прашање е многу едноставен – читателот ги препознава фабулите како класични обрасци на безвремените животни приказни (борбата на доброто и злото, на пример), лесно се идентификува со оформените и стандардизирани ликови и секако, ужива во мајсторијата на раскажувачот. Впрочем, тоа се основните причини поради кои и возрасниот читател ужива во раскажувањето, а наративните елементи сѐ повеќе се составен дел и на журналистичкиот израз.
Една статија веќе посветивме на опишувањето (дескрипцијата). Оваа статија ќе ја посветиме на раскажувањето (нарацијата). Една од најголемите тајни на овој занает се содржи во едноставната максима - не кажувај, раскажувај! Нарацијата е постапка на развојот на текстот која е присутна во многу новинарски и белетристички жанрови, но и во други форми на изразување, дури и во научните трудови. Затоа, обрнете внимание на овој текст.
Перспективата на нараторот
Основниот модел на нарација е раскажувањето во трето лице, тогаш кога авторот раскажува од перспективата на непознат или скриен наратор, кој не е ограничен од сопственото присуство во просторот и времето. Но, многу користен модел на нарација е и тој кога авторот раскажува во прво лице. Еве еден извадок од расказот „Раби божји пасквелски“ од Живко Чинго, во кој се испреплетени двата модела на раскажување, иако сепак доминира основниот модел:
Видомалци беа исфрлани на плуската и под плуската. Низ Видомаало течеше Вилинската река. Во неа го фрлавме крстот за Свети Јон. Тоа е голем и многу тежок празник. Свети Јон. Тогаш се крштаваше водата, се попрскуваа лозјата, со ‘ржаница натопена во крстената вода ги врзувавме черешните и другите емивчиња, ја поевме стоката, децата, младите. Најпознати видомалци беа Пумпалоските и Латкоските. Пумпалоските Стојан, Паско, Коле, Вангел, Крсте Талашата, Климе и уште многу други ги имаше. Пумпалоските беа воденичари и имаа многу чисто срце. Како леб беа добри. Не ги мамеше ниту власт ниту политика. Беа многу весел сој луѓе. Ги викаа о п е р а. Латкоските беа големи политичари и големи газди. Од Ламбета беа Кире, Здравко, Донка, Косте, Димче и Стефка. Од Ташко Јонче, Трајан, Косте, Томе и Драгица. Сватот Ташко целиот беше занесен во политиката, а знаеше и времињата да ги толкува. По ветрот погодуваше какво време ќе има. Но најпрочуен од видомаалците беше Коле Јоноски Пумпалоски – Голтакот. Овој беше прв народен поет, астроном и филозоф. Тој небото го знаеше како својата рака, далечните yвезди тој само со неколку зборови та слегуваше близу до земјата, до вршињата на дрвјата. Никогаш веќе не се изнагледавме ѕвезди од тие денови со поетот низ градините. Бели, сини, црвени, златни, зелени секакви ѕвезди тогаш имаше по небото, запливани, заитани, како море, како многу мориња, безброј… Сите него го имаа напуштено, жена, деца, браќа, родот, сите освен децата, младите од селото. Тој над се беше раб народен. Да поживее песната негова за векови. Еднаш три години занеме, тоа беше во времето на колективот. Еднаш во тие години го видов како плаче, одеше по навискиот пат и плачеше, о ѕвезди, о ѕвезди, о високи ѕвезди, шепотеше и ништо друго не говореше. О ѕвезди, ѕвезди, високи ѕвезди…
Забележливо е дека во овој текст авторот се колеба во поглед на моделот на раскажување – тој главно раскажува во трето лице, но повремено и во прво лице множина (го фрлавме крстот, не се изнагледавме ѕвезди, го видов како плаче итн). Се разбира, тоа не е случајно. Поентата на тоа менување на перспективата е во следново: кога раскажува во прво лице, нараторот создава впечаток на блискост со читателот и на веродостојност на исказот; но, тој модел на раскажување има и извесни ограничувања, бидејќи нараторот раскажува само за работи што ги видел, доживеал, слушнал или ги забележал, а човековиот опит е ограничен со просторот и со времето (никој не може веродостојно во прво лице да раскажува за време во кое не живеел и за простор каде што нема стапнато). Затоа, мајсторот Чинго, кој си задал тешка задача да ги раскаже историите на „рабите божји пасквелски“, решил да се приклони кон моделот на нарација во трето лице, а тоа значи да раскажува од перспективата на еден скриен наратор, кој гледа сѐ, знае сѐ и помни сѐ.
Сепак, раскажувањето во прво лице има посебна привлечност. Типичен пример за тоа е романот „Кога цветаа тиквите“ од Драгослав Михајловиќ, кој всушност е нарација во прво лице, исповед на еден обичен човек преточена на хартија низ перото на нараторот. Во оваа пригода, како типичен пример на раскажување во прво лице, ќе го наведеме расказот „Поштарот“ на нашиот писател Драги Михајловски. Еве еден кус извадок од тој расказ:
Уште не сфаќам што навистина ми се случи тоа петочно утро во приземјето од она зградиште во Чаир. И, ми се чини, сѐ помали ми се шансите да сфатам, посебно сега дури се транкам, вака сплескан, со намален мозок, во затворениот вагон на еден од возовите македонски. Додуша, никогаш не сум можел ни да се пофалам со некаква си памет, малку господ ми делил, сполај му, затоа и сум или до скоро бев само обичен поштар. Перо Врвката ме викаат, прекар по мерка, оти годиње наназад, а се најдев малку во тесно, ќе речев „работата е врвка“, а на луѓето толку им требаше, врвката овој, врвката оној, врвка ме завикаа иако сега, по сѐ што сторив и низ кое минав, може да ме викате и Перо Мафот оти работата, очигледно, ептен ми е врвка или поточно мав како што велеше покојниот ми татко, бог да го прости. Затоа сум смален, без виделце, телцето насекаде ме боли, не знам во кој правец се дрецкам, дали е дење или ноќе, дали ова сум влегол во пензијата до која бев толку близу или во смртта, или во животот по смртта, не дај боже. Или само ја издржувам божјата казна за она што го сторив па сега морам на темницата – ако има уши да ме чуе – по стопати, фрлен на валканиот под над раштраканите шини, да ѝ кажувам како се случи сѐ, во што зорт се најдов и како, ко на мајтап, стигнав до дереџево.
А беше обично, сиво, предбожикно утро. Мошоркаше снеже по расјето пред влезот од она зградиште број еден. Студ – цибрина. Влегов во приземјето со подноктица во душата и мразулиња на мустаќите. Ми се чини, за првпат, поштенските сандачиња ме препознаа и се наежија со зинати усти. Од торбата го извадив единственото писмо за таа седумкатна зграда. И таман сакав да ја смирам возбудата кај накострешените сандачиња кога синото писмо наеднаш се отвори и од пликот излезе еден силен чад и се направи еден облак пред мене и веднаш од облак што беше се престори на црн ѓавол со рогови, крила и опашка за триста стравови и туку ми свика на лутина…
Начело на прогресија
Најчестиот и наједноставен начин на раскажување е кога се следи хронолошкиот ред на настаните. При ваквото раскажување, кое им се препорачува на почетниците, ама го обожаваат и мајсторите на нарацијата, најважно е да се внимава на начелото на прогресија. Повремените епизоди и отклонувања од текот на приказната, како и описите и дијалозите кои го збогатуваат исказот, не смеат да го загрозат темпото со кое приказната напредува кон очекуваниот крај. Се разбира, темпото на прогресија понекогаш се забрзува или се забавува намерно, за да се постигнат драмски ефекти – изненадување, одложување, пресврт. Но, треба да се биде внимателен, за да не попушти вниманието на читателот.
Има, се разбира, многу други начини на раскажување. Еден од нив, на пример, е кога нараторот раскажува ретроспективно: на најблиските настани им посветува најголемо внимание, додека на подалечните – помало внимание. Практично, може да се каже дека нема цврсти правила за тоа како се развива фабулата. Понекогаш уметничката постапка бара приказната да се раскаже на најнеобичен начин, од крајот кон почетокот. Многу често раскажувањето почнува некаде „од средината“, па раскажувачот во времето се движи во најразлични насоки, а сепак успева да го одржи вниманието на читателот . Романот „Дворови од орев“ од познатиот хрватски колумнист Миленко Јерговиќ е едно такво дело лое се одликува со развиена и необична наративна структура.
Од двата извадока од расказите на Чинго и на Михајловски, заклучуваме кои се стилистичките барања што му се наметнуваат на добриот раскажувач – да раскажува живо, пластично, впечатливо, допадливо. Тоа се постигнува со употреба на семантички прецизни зборови, но пред сѐ со богат лексички фонд, кој го плени читателот. И Чинго и Михајловски употребуваат несекојдневни зборови (кај Чинго – черешни, емивчиња, вршињата на дрвјата, ѕвезди запливани, заитани како море; , кај Михајловски – зградиште, се транкам, годиње наназад, се дрецкам, мошоркаше снеже по расјето). Се разбира, многу е важна и метафоризацијата на исказот односно употребата на фигуративни изрази.
Глаголите се основниот алат на раскажувачот
Сепак, за нараторот е најважно како ги употребува предикатните форми. Ако за придавките може да се каже дека се основен алат при опишувањето, глаголите се основно средство на нарацијата. Освен што од нас се очекува да употребуваме глаголи кои прецизно или метафорично го опишуваат дејствието, многу е важно да се демонстрира и разновидност во глаголските облици и времиња.
Така, во извадокот од расказот на Чинго среќаваме главно глаголи во минато определено време, но и во сегашно време (Тоа е голем и многу тежок празник), та дури и заповеден начин во една реченица (Да поживее песната негова за векови). И во извадокот од Михајловски се раскажува главно во минато определено време, но ја среќаваме и глаголската л-форма (Никогаш не сум можел ни да се пофалам со некаква си памет), идно минато време (а се најдев малку во тесно, ќе речев „работата е врвка“), а секако и сегашно време (Затоа сум смален, без виделце, телцето насекаде ме боли, не знам во кој правец се дрецкам…)
И во книжевноста, а особено во новинарството, многу често за раскажување се користи т.н. историско сегашно време. Нараторот раскажува во сегашно време, а всушност за минатото. Еве извадок од еден кус дневничен запис на Блаже Конески, озаглавен со датумот 24 септември 1986 година:
…Немаме поим каде се наоѓаме. Чекаме долго да запре некој такси. Фрчат покрај нас безброј камиони и коли. Особено камионите одат на нерви. Најпосле спас. Не зема еден приватен таксист и не остави кај хотел Росија од страната на реката. За ова време небото се изведри и сонцето раскошно го прелива градот…
Ова е класичен пример на употреба на историско сегашно време. Но, кај авторот на записот имаме извесно колебање во поглед на употребата на времињата. Тоа колебање може да се смета за битна стилска недоследност во наведениот текст. Имено, два пати авторот го напушта сегашното време и раскажува во минато определено време (Не остави кај хотел Росија и Небото се изведри). Се надевам дека нема да биде претенциозно ако забележиме дека двата глагола требало да се „преведат“ во сегашно време, за исказот да биде стилски подоследен.
Во слична функција како и сегашното време, нараторите го употребуваат и идното време. Како во следниов пример:
Утрото на 2 август 1903 година звукот на камбаните во Крушево ќе го означи почетокот на Илинденската епопеја. Востанието и десетдневната Крушевска република, прва на Балканот, ги означува стремежите на македонскиот народ за самостојна држава со демократско уредување. Републиката ќе биде инспирација за идните генерации македонски револуционери…
Македонскиот јазик нуди богатство на глаголски форми, кои на раскажувачот му овозможуваат комотно и инвентивно да ја развива фабулата. Сепак, младите, па и поискусните автори, треба да го имаат предвид фактот дека сѐ почесто се избегнува прекажувањето (односно употребата на минато неопределено време и глаголската л-форма), а во новинарските форми особено се инсистира да се избегнува мешањето на глаголските времиња, што може да доведе до нејаснотии во изразот.
Конечно, да го кажеме и тоа дека добриот наратор развивањето на фабулата го комбинира со описи кои даваат сликовитост на приказната, со дијалози кои ги засилуваат драмските ефекти и со рефлексии на авторот кои ја збогатуваат нејзината содржина.
(Во следното продолжение: Реченица по реченица – параграф)
Фотографија: pixabay.com