НАУЧИ ДА ПИШУВАШ (1) Пишувањето не е привилегија само на талентираните, тоа се учи – уверете се самите!

1,860

Во 2009 година, под наслов „Научи да пишуваш“, објавив книга со малку теорија и многу практичните совети кои можат да им помогнат на сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, без оглед со каква професија се занимаваат. Книгата беше отпечатена во стандардниот тираж од петстотини примероци (мислам дека стотина имам дома) и не помина толку „славно“ како мојата книга „Биди новинар“ од 2005 година, која се продаде брзо и сега ја подарувам само во ПДФ формат.

Од друга страна, нескромно мислам дека станува збор книга со многу корисни совети за подобрување на вештината на пишување (како што кажува и нејзиниот поднаслов). Заблуда е мислењето дека доброто пишување и креативното изразување се привилегија на талентираните автори и вештина нужна само за тие чија работа е секојдневно да пишуваат текстови што ги чита широката публика. Новинарите, писателите и другите луѓе од перо не се единствените што треба на научат да пишуваат коректно и убаво.






Речиси и да не постои професија за која оваа вештина не е од суштинско значење. Не велам дека еден правник, лекар или инженер треба да знае да пишува убаво, пластично и допадливо како еден новинар или писател, но секако треба да умее коректно да се изразува. Уште повеќе што правникот може да биде судија, лекарот да дотурка до директор на болница, а инженерот можеби ќе стане дури и политичар – во таков случај тие мора да ѝ се обраќаат и на општата јавност. Впрочем, живееме во време кога сите професии се под лупата на јавноста и не можеме да се надеваме дека нашите интерни дописи и извештаи засекогаш ќе останат далеку од очите на широката публика и така „безбедни“ од критичка анализа не само на она што е напишано, туку и на тоа – како е напишано.

Секој ден во Плусинфо ќе објавувам по една статија со практични совети за сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, без оглед со каква професија се занимаваат. Почитувани пријатели, сигурен сум дека многумина од вас можат да споделат искуства, примери од секојдневната пракса, сопствени видувања и совети. Коментирајте! Во две-три книжарници во Скопје ќе оставам педесеттина примероци од мојата книга „Научи да пишуваш“ (2009), од која се споделени овие статии. Тие ќе бидат подарок за читателите што најревносно ќе ја збогатат дебатата. Во овие денови на социјално дистанцирање, да се обидеме да се зближиме со нашиот прекрасен македонски јазик.

Бранко Героски новинар

Што мораме да знаеме, пред да се откажеме?

Иако таа книга пред сѐ им ја посветив на луѓето за кои Сомерсет Мом вели дека пишуваат не зашто сакаат, туку зашто мораат – тоа се вљубениците во пишаниот збор – одлучив во овие денови на социјална изолација, тоа четиво, во форма на статии што ќе ги објавувам ден за ден, да им го приопштам на читателите на Плусинфо. Истовремено, ги повикувам сите читатели на овие статии, да коментираат на мојот личен профил на Фејсбук, на мојата ФБ страница и на ФБ групата ТОП КОЛУМНИ И КОМЕНТАРИ што јас ја администрирам. Имам желба да развиеме дебата за тоа како пишуваме и како говориме денес, со кои проблеми се соочуваме и најмногу за тоа што можеме да сториме за да ја унапредиме употребата на нашиот убав македонски јазик, таа наша татковина, што би рекол великанот Блаже Конески, која нема да биде тоа ако за неа не се грижиме повеќе.

На почетокот, морам да предупредам на советот што познатиот афористичар Станислав Ј. Лец им го дава на писателите: „Понекогаш едноставно мора да престанете да пишувате. Дури и пред да почнете“. Еве седум причини кои би можеле да не наведат да престанеме да пишуваме дури и пред да почнеме:

Првата причина е неспремноста да се соочиме со потребата да ги обновиме своите познавања на граматиката и на правописот и да ги збогатиме со нови сознанија од другите јазични науки (лингвистика, синтакса, семантика, стилистика итн). Граматиката и правописот на македонскиот литературен јазик се изучуваат во текот на основното и на средното образование, па затоа се претпоставува дека секој завршен средношколец има солидни основни предзнаења. За жал, таа претпоставка многу често се покажува како погрешна.

За некои од граматичките правила ќе стане збор во овие статии. За правописот – не. Мораме да тргнеме од претпоставката дека секој просечно образован граѓанин знае кога во нашиот јазик се употребува мала, а кога голема буква, на пример. Сепак, искуството од секојдневната работа со студентите и со помладите новинари ме опоменува дека од секого треба да се бара да ги обнови и да ги продлабочи своите знаења. Разочарувачки е колку често се греши дури и при примената на основните правописни правила.

Кога ја пишував мојата  книга, некој беше забележал дека на почетната страница на сајтот на ресорот задолжен да ја креира образовната политика во земјата, пишува Министерство за Образование на Република Македонија. Замислете, во целото министерство немало човек што знае дека во македонскиот јазик името на оваа институција треба да се напише поинаку, со едно мало наместо големо „о“ – Министерство за образование на Република Македонија (грешката е под влијание на англискиот јазик и е многу модерна во последно време). Затоа, да не бидеме мрзеливи – и граматиката и правописот можат лесно да се најдат и на интернет и секогаш да ни бидат при рака.

Јасно во главата, јасно на хартија

Второ, човек треба веднаш да се откаже од овој занает ако не планира да се потруди добро да ги запознае областите и темите за кои пишува. Мојата книга „Научи да пишуваш“ не се занимаваше со прашањето што се пишува, туку со тоа како се пишува. Иако таа им беше наменета пред сѐ на студентите на Високата школа за новинарство и односи со јавноста на Македонскиот институт за медиуми, како и на другите млади новинари кои сѐ уште ги совладуваат основните правила на новинарско изразување, тој труд не се занимаваше со методологијата на новинарското истражување и на собирањето информации, ниту со структурирањето на новинарските текстови, со новинарските жанрови и со слични теми. За тие прашања упатувам на мојата книга „Биди новинар“, како и на неколку други изданија што можат да се најдат во нашите книжарници и во библиотеките. Но, овде нагласувам дека тие методолошки прашања се многу важни за секој што сака да научи да пишува.

При тоа, треба да бидеме свесни дека правилата за структурирање на новинарски текст се различни од правилата за структурирање на книжевно дело, политички есеј, научен реферат или на лекарски извештај. Сепак, сите тие состави имаат една битна заедничка карактеристика – нивната функција е да ги пренесат мислите и идеите на авторот до определена публика. Според тоа, и новинарските и книжевните и научните текстови мора да содржат макар минимална комуникациска вредност. Во оваа книга ќе зборуваме за потребата нашиот текст да биде така напишан што лесно ќе допре до умот, но и до срцата на што повеќе читатели.

Трето, секој текст мора да биде разбирлив и јасен – ако нашата цел не е тој да биде прочитан и разбран од сите на кои им е наменет, воопшто ме треба да се измачуваме себеси, а не треба да ги мачиме ни другите. Ако текстот биде неразбирлив, тој нема да ја заврши својата основна функција и ќе стане бесмислен и непотребен.

Разбирливоста бездруго зависи и од вештината на пишување. Многу луѓе знаат што сакаат да кажат, но зборуваат и пишуваат конфузно. Верувам дека овие статии ќе им помогнат да ја совладаат таа своја слабост. Но, поважно од сѐ е работите да бидат јасни во главата на авторот – ако таму не е јасно, ако е збркана мислата, тука помош нема. Затоа, пред да почнеме да пишуваме, треба да ги средиме своите мисли (идеи, тези) во низа од едноставни и логични искази. Ако можеме да го сториме тоа, време е за пишување – ако не, мора да се обидеме нештата да ги разбистриме во нашите глави, а дури потоа да седнеме и да пишуваме.

Еве како би изгледала една таква постапка на конкретен пример. Авторот сака да напише коментар, говор или есеј, со кој ќе побара воведување казна доживотен затвор за осудените педофили. Пред да почне да пишува, тој треба да се обиде во својата глава – уште подобро и на хартија – да формулира неколку логични искази (тези), кои ќе одговорат на неколку едноставни прашања и кои ќе ја одбранат неговата почетна хипотеза. Првото прашање, природно, е зошто сака да се воведе таква казна за такво кривично дело. Затоа што педофилијата претставува најгруб атак врз физичкиот и моралниот интегритет на детето. Во ред, ја има првата теза, првиот аргумент. И затоа што педофилијата станува сѐ пораширена појава. Ете го и вториот аргумент. И затоа што практиката покажува дека педофилите се непоправливи злосторници, кои не можат да се рехабилитираат. На повидок е уште една интересна теза.

Според основните правила на логичко расудување, на своите тези авторот треба да спротивстави антитези и да понуди одговор на некои малку посложени прашања. Ако педофилијата се казнува со доживотен затвор, како ќе се казнува свирепото убиство на дете? Треба ли да се направи некакво степенување во тежината на тие две злосторства? Треба ли можеби да се воведе смртна казна за свирепо убиство на дете? Авторот мора да се обиде да пронајде едноставни и логични одговори на овие дилеми, бидејќи тие би можеле да бидат клучни за одбрана на неговата хипотеза. Во конкретниот пример, таа задача нема да биде лесна, бидејќи станува збор за контроверзна тема.

Како и да е, целта ми е да нагласам дека низата од неколку јасни и логични идеи во главата на авторот, кои можат да се формулираат во неколку кратки реченици, е основа за пишување добар текст. А без основа, без темел, куќа не се гради.

Секој има омилени грешки

Четврто, предуслов за добро пишување е доброто планирање на структурата на текстот. Тој што мисли дека е доволно да има идеја и концепција во главата, подобро да се откаже од пишување. Важно е да се има добар план на хартија. Тоа помага да го развиеме текстот и да не заскитаме во слепа улица. Прецизното планирање нема да дозволи нешто важно да пропуштиме или на нешто неважно да му посветиме преголемо внимание. Со текот на времето, ќе научиме да планираме брзо и ефикасно, но секогаш треба да се има на ум дека времето посветено на таа задача не е изгубено. Напротив.

Петто, тој што нема намера да преправа, доправа, препишува и притоа да учи, не треба ни да пишува. Пишувањето, меѓу другото, е и постојано учење како се пишува. Секој текст треба внимателно и неколкукратно да се редактира. Секој автор, колку и да е искусен, треба внимателно да го саморедактира својот текст и при тоа да ги открие сите смисловни, јазични и стилски грешки и слабости. Затоа, откако ќе го напишеме и ќе го саморедактираме нашиот текст, треба да замолиме поискусен и повешт автор (постар колега или уредник) внимателно да го изредактира. При тоа, не треба да бидеме суетени, туку вредни – да земеме бележник в рака, да седнеме покрај редакторот додека го „касапи“ нашиот текст и внимателно да бележиме.

Секој од нас има свои омилени грешки, кои често и упорно ги повторува. Затоа е важно додека нашиот текст се редактира, да ги откриваме своите омилени грешки и да ги бележиме во бележникот. Овој едноставен совет може да ни помогне многу брзо да оствариме голем напредок во пишувањето. За жал, многу наши новинари и автори мислат дека сето тоа е излишно – затоа бавно напредуваат и стануваат робови на своите омилени грешки.

Шестата, многу важна причина да се откажеме од пишување е отсуството на желба и навика за читање. Тој што не чита, не знае да пишува. Колку повеќе се чита, толку подобро се пишува. При тоа, треба да бидеме отворени, „либерални“. Знам дека е важно да се чита стручна литература, поврзана со нашата професија или со областа што не интересира. Но, тоа не е доволно. Многу е важно да се чита сѐ, ама буквално сѐ – весници, магазини, проза, поезија, афоризми, вицеви, огласи…. Да, важно е да се чита со молив в рака (да се учи, значи), но прекрасно е да се чита и в кревет и да се заспие читајќи. Читањето ја подобрува нашата вештина на изразување, го збогатува нашиот дух. Но, читањето е и едно големо уживање.

Nula dies sine linea – ни ден без напишан ред

И седмо, ако не веруваме во латинската поговорка nule dies sine linea, ниту е ден без ред, тоа е уште една добра причина да се откажеме од пишување. Тој што сака да научи да пишува, мора да пишува буквално секој ден. Не мора секој ден да пишува по еден расказ, глава од роман, есеј или коментар, но може да стави на хартија барем некој ред. Наједноставната вежба е водењето личен дневник. Поамбициозните нека отворат блог или профил на Фејсбук или на Твитер и нека постираат секој ден. Треба да бидеме активни, бидејќи пишувањето, како и многу други вештини, се совладува со секојдневно вежбање.

Сакам овде да нагласам дека овие седум совети делумно се совпаѓаат со советите од една стара, но мошне инспиративна книшка, која мене, кога бев млад, многу ми помогна да научам да пишувам. Станува збор за книгата под наслов „Прави пут и странпутице у писању“ од д-р Драгиша Живковиќ (БИГЗ, Белград, 1978 година). Ја спомнувам не само зашто ја користев во создавањето на овој труд, туку пред сѐ за да ја нагласам потребата секој да создаде сопствена колекција од слични изданија, иако тие на пазарот се ретки. Тие книги, а се надевам и мојата (која на крајот на овој серијал ќе им ја подарам на сите што ќе ми ја побараат во Ворд верзија, а на најактивните и како книга), ќе нѐ убедат дека пишувањето е вештина што се учи и што се надградува во текот на целиот живот.

Во совладувањето на таа вештина во оваа книга ќе одиме чекор по чекор, постапно. Прво ќе научиме како се избираат вистинските зборови, потоа како се составуваат, како се делат и како се развиваат речениците, па ќе учиме како се конструираат и се поврзуваат параграфите, за на крајот да зборуваме за принципите и постапките на развојот на дејствието и на структурирање на текстот.

(Во следното продолжение: На почетокот беше зборот – како да го изберам вистинскиот?)

Фотографија: pixabay.com

 

Поврзани содржини