НАТО ЌЕ НÈ БРАНИ Кој ќе им каже на Косово и на Србија дека не сакаме туѓ конфликт дома?
Меѓународна стратегија која ја кројат моќни држави од Европа нема да дозволи ескалација на српско-косовскиот конфликт и негово евентуално прелевање во другите земји во регионот, вели Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.
Македонските граѓани да бидат спокојни и да не стравуваат од евентуално прелевање на српско-косовскиот конфликт на нашата територија. Вакви смирувачки пораки испраќаат безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо, откако вчера избувна инцидент на северот на Косово, каде што косовската полиција се судри со косовските Срби.
Безбедњаците посочуваат дека македонските безбедносни служби активно ја следат состојбата и прибираат информации за евентуална опасност од избувнување нов конфликт помеѓу Косово и Србија, но и за можноста тој конфликт да се прелее на нашата територија.
Засега, објаснуваат нашите соговорници, притисокот на меѓународната заедница е многу силен и не се очекува ескалирање на состојбата, но и да се случи непосакуваното сценарио, посочуваат тие, нашата земја е членка на НАТО, а тоа значи дека има кој да нè заштитува.
Алармот е вклучен
Земајќи го предвид искуството од раните 90-ти години од минатиот век, може да се сфати дека земјите на Балканот се како врзани садови, а тоа значи дека многу лесно може конфликт да се пренесе од една во друга територија, вели Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.
Избивањето на инцидентот е доволен сигнал за нашите безбедносни институции да го вклучат алармот и да започнат да прибираат информации за состојбата во соседството.
– И вчерашниот инцидент на северот на Косово можеше да прерасне во голем конфликт доколку веднаш не реагираше моќната меѓународна заедница, која им упати остра порака на Србија и на Косово и побара од нив да ја смират состојбата и да го стават оружјето во футролите. Токму таа меѓународна стратегија која ја кројат моќни држави од Европа нема да дозволи ескалација на конфликтот и негово евентуално прелевање во другите земји во регионот – објаснува Пивоваров за Плусинфо.
Тој вели дека ние како држава треба да си ги штитиме нашите интереси, а и нашите безбедносни служби, додава тој, сигурно веќе почнале да собираат информации за безбедносната состојба во соседството и прилично сериозно се подготвуваат за „не дај Боже“ сценарија.
– Сметам дека ситуацијата на Косово нема да ескалира и дека сето тоа ќе заврши само како обична караница помеѓу две соседни држави. Избивањето на инцидентот е доволен сигнал за нашите безбедносни институции да го вклучат алармот и да започнат да прибираат информации за состојбата во соседството. Доколку, пак, евентуално се случи најцрното сценарио, а тоа е да се прелие српско-косовскиот конфликт преку нашите граници, ние како народ повторно треба да бидеме спокојни затоа што нашата земја е членка на НАТО и има кој да нè заштитува. Пак ќе речам, меѓународната стратегија нема да дозволи конфликтот да прерасне во нешто големо, иако ние тогаш би можеле да се соочиме со нов бран бегалци од земјите каде што би се водела активна борба. Но, можеби е најдобро за тоа да зборуваме доколку некогаш се случи такво непосакувано сценарио – објаснува Пивоваров.
Очи ширум отворени
Безбедносниот експерт Благоја Марковски во изјава за Плусинфо вели дека македонскиот народ не треба да стравува од евентуалното прелевање на конфликтот помеѓу Косово и Србија во Македонија, но, како што посочува, македонските безбедносни служби треба да останат будни и постојано да ја следат состојбата на границите.
Нашите безбедносни служби не смеат да заспијат и треба да продолжат будно да ја следат состојбата на границите.
– Конфликтот беше наменски направен во пресрет на изборите во Косово, бидејќи повеќе од очигледно е дека косовскиот премиер Албин Курти преку овој инцидент сакаше да го пренасочи вниманието на јавноста кон неговата политичка партија. Не е никаква тајна дека се шверцува стока од Србија во Косово и обратно, но шверцот трае со години наназад. Ако власта на Косово имаше цел да се справи со ваквиот проблем, тоа можеше да го стори многу порано или по завршувањето на изборите. Но, тоа што има повредени Срби во вчерашниот конфликт го пренасочи вниманието на јавноста во спротивна насока од тоа што Курти сакаше да го постигне. Инцидентот можеше многу лесно да излезе од контрола доколку српскиот претседател Александар Вучиќ не реагираше онака како што реагираше, односно ако не упатеше закана до Косово дека конфликтот може да се претвори во воен судир – објаснува Марковски.
Тој вели дека ескалацијата на безбедносната состојба во регионот е невозможна и дека наскоро ќе спласне нервозата помеѓу Косово и Србија.
– Сметам дека во моментов не е можно да ескалира безбедносната состојба во Косово, а и инцидентот полека се смирува. Конфликтот засега не може да има никакви влијанија надвор од границите на Косово, а и во следниот период ќе ѝ се даде предност на политиката и на тој начин ќе спласне нервозата. Ние како земја не треба да бидеме загрижени за евентуален воен судир помеѓу Косово и Србија, а кој би се прелеал во Македонија. Сепак, нашите безбедносни служби не смеат да заспијат и треба да продолжат будно да ја следат состојбата на границите – рече Марковски.
Ситуацијата е сериозна
Од друга страна, пак, универзитетскиот професор Томе Батковски смета дека инцидентите на Косово се опасни за безбедносната состојба на целиот регион.
– Прашање е дали косовскиот премиер Албин Курти донел самостојна одлука за предизвикување на вчерашниот инцидент на северот на Косово или одлуката е донесена со премолчена поддршка од некоја од западните држави. Моја безбедносна проценка е дека се прави провокација на Србија и на нејзиниот воено-безбедносен комплекс со одредена цел да се наруши безбедносната состојба и таа да се насочува според целите на одредени странски моќни држави – објаснува Батковски.
Нашите надлежни безбедносни институции мора многу сериозно да ги проучат сите можни варијанти на сегашната воено-безбедносна состојба во нашиот регион.
На прашањето какво влијание може да имаат ваквите инциденти во Македонија, тој вели дека властите во земјава треба да бидат особено внимателни, бидејќи, како што посочува, настаните на северот на Косово се случуваат само една година откако во јавноста се појавија карти со прекроени граници.
– Тоа не е случајно, туку претставува опипување на пулсот на јавноста. Нашите надлежни безбедносни институции мора многу сериозно да ги проучат сите можни варијанти на сегашната воено-безбедносна состојба во нашиот регион, тргнувајќи од вчерашниот тежок инцидент на Косово. Проучувањето на варијантите треба да се прави од аспект на македонските национални и државни интереси, бидејќи одредени прекројувања на државен план може да доведе до тоа жртва да биде токму македонската држава и македонскиот народ – објаснува Батковски.
Какво влијание може да имаат овие инциденти на Македонија? Батковски вели дека властите треба да бидат особено внимателни. Настаните на северот на Косово доаѓаат само една година откако во јавноста се појавија мапи со прекроени граници. Тоа, според него не е случајно, туку претставува опипување на пулсот на јавноста.
И деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, во гостувањето на Утрински брифинг рече дека Балканот се претвора во многу немирно подрачје.
– Ова сега е привиден мир, оти во Косово подолго време е нестабилно уште по формирањето на владата на премиерот Албин Курти. Се надеваме дека ќе биде мирно, но популистите немаат за цел да обезбедат подобар живот на северот на Косово. Факт е дека во тој дел има многу криминал и нема институција којашто може да воспостави контрола, бидејќи интересите се испреплетени и состојбите не се решени. Во иднина уште повеќе ќе се разделат политичките ставови и ќе избувнуваат инциденти. Балканот е претворен во многу немирно подрачје – рече Дујовски.
Ќе ги зауздите или да ги зауздаме?
Косовскиот премиер Албин Курти упорно убедува дека вчерашниот инцидент на северот на Косово произлегол откако косовската полиција извршила акција за разбивање на шверцерска група составена од Албанци и од Срби. Тој на Економскиот самит во Скопје рече дека српските и албанските криминалци соработуваат совршено и оти косовските институции нема да дозволат стабилност на криминалот.
– Вчера наутро имаше полициска акција во четири различни општини на Косово, каде што соработуваа разни криминалци, Албанци и Срби. Судијата на претходната постапка и обвинителот што ја наредија акцијата беа Срби. Многу полицајци беа Срби. Некои од повредените полицајци беа Албанци, некои Срби. Погрешно е да се национализира или политизира борбата против организираниот криминал – рече Курти.
Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ остро му порача на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, дека Унијата треба да ја заузда Приштина, оти ако не го направи тоа, тогаш Србија ќе ја заузда.
На специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, му реков да ја заузда Приштина, а ако не е во можност, тогаш ние ќе ја зауздаме.
– Ќе ги браниме нашите луѓе на Косово и Метохија. Ми се чини дека секој човек се бори со денови, недели, месеци, понекогаш и со години, додека не се распадне, додека не донесе одлука, а тешките одлуки не се носат лесно од одговорни и сериозни луѓе. Меѓутоа, кога носите одлука, чувствувате необичен мир и спокојство, бидејќи знаете дека сте го направиле не најдоброто, туку единственото можно решение. Нашата одлука е јасна и цврста како камен, ние ќе го заштитиме и браниме својот народ на Косово и Метохија. Нема повлекување. Предавањето не е опција. И на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, му реков да ја заузда Приштина, а ако не е во можност, тогаш ние ќе ја зауздаме – рече Вучиќ.
Инцидентите во Косово почнаа кога косовската полиција за економски криминал затвори неколку продавници во Косовска Митровица, со цел да спречи криумчарење на стока. Тоа предизвика жестока реакција кај Србите кои со камиони и со возила блокираа улици и крстосници. Полицијата се обиде да ги растера со солзавец, но и тие возвратија со камења, по што почнаа и пукотници.
Полицијата соопшти дека се уапсени осум лица, за десетина се распишани потерници, меѓу нив и двајца Срби. Српските власти побараа помош од меѓународната заедница да реагира и да го смири, како што рекоа, лудилото на премиерот Албин Курти.