Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министрите за надворешни работи и за здравство, Бујар Османи и Венко Филипче, денеска на скопскиот аеродром примија донација од 60 респиратори од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија, во вредност од над 1,4 милиони евра.
Тројцата министри изразија благодарност за помошта, која, како што рекоа, е суштинска и неопходна во ова време на пандемија, а воедно ја покажува солидарноста на Алијанската со една земја членка на НАТО во моменти кога таа и е најпотребна.
– Денеска можеме да видиме зошто беше многу важно Република Северна Македонија да стане членка на НАТО и да видиме како овој Сојуз најмоќен на денешнината воено-политички сојуз значи солидарност не само на збор, туку солидарност на дело – истакна Шекеринска.
Таа нагласи дека се работи за средства во износ од над 1,4 милиони евра, коишто се донирани од страна на УСАИД, односно на САД, и се дел од НАТО-залихите на медицинска опрема лоцирани во Италија. Помошта пристигна во Скопје со авион на италијанското воздухопловство, финансиран од страна на Луксембург.
Османи изрази голема благодарност до Секретаријатот на НАТО и до неговтите членки земји. Тој нагласи дека помошта е навремена, и не е само симболична туку суштинска помош која ќе придонесе во зголемување на капацитетите на системот да се справува со ова зло.
Филипче истакна дека симбол на оваа здравствена криза е солидарноста.
– Станува збор за донација на респираторни машини кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга, нешто што значајно ќе го зајакне нашиот здравствен систем во овој сегмент – објасни Филипче.