📷 НАТО ДОНЕСЕ ИСТОРИСКА ОДЛУКА ВО ХАГ Сите земји-членки ќе издвојуваат по 5% од БДП за одбраната
Во документот се посочува дека овие инвестиции ќе обезбедат сили, капацитети, ресурси, инфраструктура, подготвеност за војување и отпорност потребни за одвраќање и одбрана во согласност со три основни задачи на НАТО: одвраќање и одбрана, спречување и справување со кризи и соработка во безбедноста.
Земјите-членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по 5% од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година.
„Обединети пред сериозните безбедносни закани и предизвици, особено долгорочната закана што ја претставува Русија за евроатлантската безбедност и постојаната закана од тероризмот, сојузниците се обврзуваат да инвестираат 5% од БДП годишно за основни одбранбени потреби, како и за трошоци поврзани со одбраната и безбедноста до 2035 година, за да ги обезбедат нашите индивидуални и колективни обврски, во согласност со член 3 од Вашингтонскиот договор“, се наведува во Декларацијата усвоена на денешниот Самит на НАТО во Хаг.
Во документот се посочува дека овие инвестиции ќе обезбедат сили, капацитети, ресурси, инфраструктура, подготвеност за војување и отпорност потребни за одвраќање и одбрана во согласност со три основни задачи на НАТО: одвраќање и одбрана, спречување и справување со кризи и соработка во безбедноста.
Согласно договореното, од средства во висина од 5% од БДП, најмалку 3,5% годишно ќе бидат наменети за расходи за одбрана на НАТО, за потребите за основни одбранбени ресурси и за исполнување на Целите за способностите на Алијансата.
„Сојузниците се согласуваат да поднесуваат годишни планови што покажуваат кредибилен, постепен пат за постигнување на оваа цел“, се вели во документот,
Останатите 1,5% од БДП годишно, меѓу другото, ќе бидат наменети за заштита на критична инфраструктура, обезбедување на граѓанска подготвеност и отпорност, иновациите и за зајакнување на одбранбената индустриска база.
„Траекторијата и рамнотежата на трошењето според овој план ќе бидат разгледани во 2029 година, во светлината на стратешкото опкружување и ажурираните Цели за способностите“, се додава во текстот.
Лидерите на НАТО ја потврдуваат и заедничка посветеност за брзо проширување на трансатлантската индустриска соработка во одбраната и искористување на новите технологија и во духот на иновациите за унапредување на колективна безбедност.
„Ќе работиме на елиминирање на трговските бариери во одбраната меѓу сојузниците и ќе ги искористиме нашите партнерства за промовирање на индустриската соработка во одбраната“, се вели во Декларацијата.
Во неа натаму сојузниците ги потврдуваат своите трајни суверени обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува за безбедноста на НАТО и за таа цел се реафирмира посветеноста на директен придонес кон одбраната на Украина и нејзината одбранбена индустрија при пресметувањето на трошоците за одбрана на сојузниците.
„Ние, шефовите на држави и влади на Северноатлантскиот сојуз, се собравме во Хаг за да ја потврдиме нашата посветеност кон НАТО, најсилниот сојуз во историјата, и кон трансатлантската врска. Ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност кон колективната одбрана како што е загарантирано во член 5 од Вашингтонскиот договор – дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите. Остануваме обединети и непоколебливи во нашата решеност да ги заштитиме нашите една милијарда граѓани, да ја браниме Алијансата и да ја заштитиме нашата слобода и демократија“, се наведува во Хашката декларација.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја потврди својата посветеност на Членот 5 од основачкиот договор на НАТО и ја поздрави најавата дека сојузниците ќе се обврзат да издвојуваат пет отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбрана.
За време на разговорот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на маргините на дводневниот самит на алијансата, Трамп беше прашан за посветеноста на Членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ги обврзува сите членки да пружат помош на сојузник чија територија или безбедност е загрозена.
– Со нив сме до крај – изјави Трамп.
Трамп, исто така, ја пофали најавата дека сојузниците ќе го прифатат неговото барање и денеска ќе донесат одлука да ги зголемат издвојувањата за одбрана на пет отсто од БДП, наведувајќи дека тоа е „многу голема вест“.
– Години наназад барам од нив да зголемат на пет отсто и тие одат на пет отсто, тоа е голем скок од два отсто, иако многумина сè уште не плаќаат ни два отсто. Така што мислам дека тоа ќе биде многу голема вест – истакна Трамп.
Руте се надоврза, велејќи дека ова зголемување не би се случило без Трамп.
– Со зголемувањето на пет отсто (од БДП), Европејците и Канаѓаните ќе ги изедначат своите трошоци за одбрана со американските. Тоа не би се случило без претседателот Трамп. Некои би ме критикувале што го кажувам тоа, но кога разговарам со нив, сите велат дека сум во право – наведе Руте.
За време на разговорот со Руте, одржан пред состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC), главното тело на НАТО за донесување политички одлуки, Трамп исто така ги спореди американските напади врз Иран на 22 јуни, во екот на иранско-израелската војна, со одлуката на САД да фрлат атомски бомби на Јапонија во Втората светска војна.
– Не сакам да го користам примерот на Хирошима, не сакам да го користам примерот на Нагасаки, но тоа е во суштина истата работа што ја заврши таа војна. Ова ја заврши таа војна (Израел и Иран) – рече Трамп.
Коментирајќи го неговиот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска се очекува на маргините на самитот во Хаг, Трамп рече дека ќе разговараат „за очигледното“ – за проблемите со кои се соочува лидерот на Украина.
– Тој има мали потешкотии. Зеленски, тој е фин човек. Мислам, ќе се сретнам со него денеска. Не знам, претпоставувам дека ќе разговараме за Украина – истакна Трамп.
Тој додаде дека „многу разговарал“ со претседателот на Русија, Владимир Путин, за кого рече дека „всушност бил многу фин“.
Следниот Самит на НАТО во 2026 година ќе се одржи во Турција, по што ќе следи средба на врвот во Албанија.