НАСКОРО ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА ДЕЛНИЦАТА БУКОЈЧАНИ–КИЧЕВО ДОЛГА 11,5 КМ Завршена претквалификацијата, следува избор на најповолен изведувач

Јавното претпријатие за државни патишта најави дека наскоро ќе започне со изградба на автопатската делница Букојчани–Кичево, долга околу 11,5 километри, финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој.

2,362

„Европскиот патен коридор 8 е многу значаен регионален коридор бидејќи поврзува повеќе градови од исток кон запад во државава и во повеќе држави во регионот. Токму затоа посветено работиме на изградба и на модернизација на овој Коридор. Во таа насока, известуваме дека проектот за изградба на автопатска делница Букојчани–Кичево, дел од патниот Коридор 8, наскоро може да отпочне“.

Ова го соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и најави дека со средства, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој, наскоро ќе ја отпочне изградбата на автопатската делница од Букојчани до Кичево во должина од околу 11,5 километри.






„Со цел да се изврши избор на најподобен Изведувач за изградба на автопатската делница, беше објавен тендер за претквалификација согласно со процедурите за набавки на ЕБОР.
Процесот на претквалификација заврши и претквалификувани се 9 фирми, кои добија покана за поднесување на понуди, со краен рок за доставување на понудите до 30 септември 2025 година, по што ќе следи детална евалуација на доставените понуди и избор на најподобен Изведувач на градежните работи за изградба на автопатската делница“, соопштија од ЈПДП.

Со изградбата на автопатската делница Букојчани-Кичево, велат од ЈПДП, како дел од Европскиот патен Коридор 8 на ниво на автопат значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, безбедноста на патот, ќе се скрати времето на патување и ќе се зголемат можностите за економскиот развој.

„Постоечката делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево е проектирана пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со 2 сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Сепак, поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно диманички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки“, се потенцира во соопштението.

Активностите, пак, се додава, за автопатската делница од Гостивар до Букојчани се во тек, Бехтел и Енка веќе работат на изградбата, а засилена градежна активност има и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, сите дел од Коридорот 8.

Со ова ќе има целосно автопатско поврзување од главниот град Скопје до туристичкиот центар Охрид, информираат од претпријатието.

Поврзани содржини