Нашиот избор се фер, демократски и пред сѐ безбедни избори, тогаш кога ќе бидат можни!

5,767

Безмалку три децении по осамостојувањето, Македонија сѐ уште не е развиена демократска држава. Таа бавно транзитира од автократија во демократија. Затоа и официјално е означена како хибриден режим. Во земјите како Македонија, од аспект на развојот на демократските институции и практики, изборниот процес секогаш треба да е поважен од исходот на изборите. Со други зборови, поважно од тоа кој ќе победи и кој ќе биде поразен, е дали изборите се фер и демократски. И не само на изборниот ден, туку во текот на изборната кампања, но и во целиот период на предизборието.

Од тие причини, домашни и меѓународни посматрачи внимателно ги посматраат изборите во хибридните режими, каков што е Македонија. Искуството нѐ учи дека во периодите кога меѓународниот фактор беше позагрижен за стабилноста и за безбедноста на нашата земја, во името на стабилократијата, се случуваше и изборните кланици да добиваат преодна оценка. Но, денес Македонија е членка на НАТО, земја која наскоро треба да почне да преговара за членство во Европската унија и верувам дека нашите европски партнери овој пат од нас очекуваат беспрекорни избори.






За жал, уште во периодот пред пандемијата, можеше да се насети дека нѐ очекува мачен предизборен период, со силен изблик на конфликти во длабоко поделеното македонско општество, со нови клиентилистички притисоци врз избирачите, со популистички обиди преку ноќ да се купи довербата на избирачите и да се надомести лошото владеење. И пред да се соочиме со злото ковид-19, беше јасно дека ќе бидеме сведоци на избори кои нема да баш фер и демократски и дека ако постојат некои „повисоки цели“ од кредибилитетот на изборниот процес (да речеме, некои нови обврски за властите во Скопје во односите соседите, обврски кои можеби ги надминуваат формалните одредби од договорите меѓу Македонија и Грција и Македонија и Бугарија), во име на тие цели ќе се истолерираат уште едни „сомнителни“ избори, избори во кои победникот можеби пак ќе биде поважен од процесот.

Но, пандемијата дефинитивно ги смени нештата. Таа наметна уште еден, врховен приоритет за овие избори – освен што тие мора да бидат фер и демократски, неизбежно мора да бидат и безбедни. Ако за првото се правеле и можеби и во иднина ќе се прават компромиси, за безбедноста на луѓето ангажирани во избирачките тела, но и на самите избирачи, едноставно не смее да има компромис. Само еден живот жртвуван заради нечија изборна победа, ќе биде премногу!

Демократскиот форум денеска ги сумираше фактите во врска со изборниот процес. Во Македонија има околу 3.000 избирачки места. Во секое избирачко место има десетчлена изборна комисија, составена од вработени во државната администрација. Тоа се 30.000 луѓе кои мора да учествуваат во изборниот процес. Ако има 15 изборни листи, тоа значи 15 партиски контролори во една смена, или 30 во две смени, на секое избирачко место. Тоа се дополнителни 45.000 или 90.000 луѓе. На избирачките места се присутни и набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, Цивил, Мост и на други невладини организации. И тие не се помалку од 10.000. Тоа значи дека во една училница од педесеттина метри квадратни, цели 12 часа ќе бидат присутни најмалку 25 до 30 луѓе во исто време, без да се есапат избирачите. А меѓу избирачите, пак, има околу 300.000 пензионери, од најризичната група граѓани. Сите гласачи веројатно ќе влегуваат со маски, ќе треба да се идентификуваат, ќе треба со истото пенкало да го заокружуваат нивниот избор. Транспортот на изборниот материјал се врши со возила во кои се присутни најмалку тројца членови на избирачкиот одбор. Накусо, вкупниот број на директни учесници во изборниот процес, без избирачите, изнесува преку 120.000. На половина да се сведе оваа страшна цифра – пак ќе е премногу!

Како тогаш да се одржат безбедни избори? Можат ли да се смислат некакви чудотворни протоколи, коишто ќе овозможат безбедно гласање, при ваков распоред на избирачките места, со вакви правила на игра, од кои сепак не може да се отстапи? Јас лично не верувам дека тоа е можно. Всушност, можеби е можно да се смислат некакви импровизации, кои ќе бидат успешни само ако нивната цел биде одѕивот на избирачите свесно да се спушти под 30 отсто. А со тоа, легитимитетот и кредибилитетот на целиот изборен процес сериозно ќе бидат доведени во прашање.

Зоран Заев инсистира на итни избори, како што вели – за да се оформи нов парламентарен состав и да се избере влада со политички легитимитет. Тоа никој не го спори. Тоа не беше спорно ни пред коронакризата, бидејќи изборите со консензус беа закажани за 12 април. Но, сега клучното прашање е дали изборите во услови на пандемија, кои неизбежно ќе значат изложување на граѓаните на дополнителен и неприфатлив ризик од висок степен, ќе можат да се сметаат за политички легитимни. Мојот одговор на ова прашање е јасен и прецизен – не!

Од друга страна, точно е дека техничкиот карактер на актуелната влада претставува извесен хендикеп во поглед на прашањето на нејзината политичка одговорност. Но, треба да бидеме фер и да кажеме дека со исклучок на ресорот внатрешни работи, со кој раководи кадар на опозицијата, сите други поважни владини ресори се во рацете на СДСМ, вклучувајќи ја и позицијата технички премиер. Можеме да имаме разни мислења за министрите и нивните заменици, но јас искрено верувам дека сите тие луѓе имаат барем елементарно чувство на лична политичка одговорност за начинот на кој ја вршат работата што им е доверена.

Оттаму, имам чувство дека мантрата на Заев „ни треба политичка влада“ повеќе е одраз на една негова лична фрустрација што тој самиот не е дел од извршната власт, одошто искрена грижа за прашањето на политичката одговорност. Та нели упорно се тврди дека здравствените власти одлично се справуваат со пандемијата? Нели владата се фали со економските мерки? Нели се тврди дека ресорот финансии и економските ресори успешно спречиле финансиски и економски колапс на нацијата? Ако е така, а ете упорно ни кажуваат дека е така, тогаш како било можно владата на Оливер Спасовски да демонстрира такви врвни перформанси во услови на отсуство на политичка поткрепа и без регуларна политичка контрола?

Да не бидам погрешно разбран – сите треба напорно да работиме целиот општествен систем, вклучувајќи ги и институциите на власта, што побрзо да се вратат во нормала. Ни треба нов парламент. Ни треба нова влада. Ни треба подобро владеење, помалку корупција, повеќе правда, слобода и демократија. Просто не верувам дека постои сериозен човек во Македонија кој сето тоа не го посакува. Но, истовремено, мора да бидеме свесни дека нема повисока цел од тоа да се сочува здравјето на граѓаните. Прв пат откако паметиме за себе, тој приоритет ни наметнува не само до сега невидени мерки на заштита, туку и еден сосема нов начин на живот. До нормализацијата на животот, која сигурно нема да се случи во наредните два-три месеци, сериозните политичари сепак се должни малку поодговорно да ги поставуваат своите приоритети, желби и очекувања.

И затоа, јас велам дека нашиот избор се фер, демократски и пред сѐ безбедни избори. Тогаш кога ќе бидат можни. Никако пред тоа!

 

Поврзани содржини