НАШИОТ АЈВАР Е ПОУБАВ ОД ВАШИОТ Нема ајвар како домашен ајвар
Последниве години сè помалку семејства прават ајвар, а сè повеќе расте понудата на домашен ајвар подготвен од луѓе кои токму во подготвувањето зимници нашле извор за својата егзистенција. Тие велат дека иако подготвувањето ајвар е тешка работа, сепак се исплати, а најдобра реклама им е онаа - од уста на уста
Идејата за бугарскиот документарец „Чија е оваа песна?“, бугарската режисерка Адела Пеева ја добила за време на една вечера во Истанбул во друштво на неколку свои пријатели (Македонец, Србин, Грк и Турчин), кога секој од нив рекол дека песната која свирела во тој момент потекнува токму од неговата земја.
Станува збор за песната чија македонска верзија е „Ој ти Пацо Дреновчанке“, а инаку, секој народ на Балканот си ја присвојува како своја. Кога станува збор за Балканот, нешто слично се случува и во гастрономијата, па и ајварот е вековен извор на расправии помеѓу балканските народи.
Ајварот е извор на несогласувања и расправии во целиот регион затоа што сите тврдат дека нивниот е најдобар, а сите заедно беа навредени кога една компанија од Словенија во деведесеттите години од минатиот век се обиде да го заштити како свој производ.
Но, ајварот има различен вкус во сите држави од поранешна Југославија, па додека во Македонија се прави со црвени пиперки и модри патлиџани, во Србија се додава сол, шеќер и оцет, а во Босна – лук. Според експертите ајварот најверојатно стигнал на Балканот со турските освојувања, па и самиот збор ајвар е најверојатно дериват од турскиот збор „хајвар“ што значи – кавијар.
Традицијата на производство на ајвар во Македонија е со релативно нов датум, некаде по Втората светска војна, но очигледно, правењето ајвар им е важно на Македонците, на кои оваа активност, меѓу другото, во еден период, иако сега многу помалку, им е и повод за маалска и семејна дружба.
Како што велат етнолозите, ајварот не е само чин на изработка на зимница, туку и еден вид обред или ритуал кој ги зближува членовите на семејството, па и пошироко, на соседството.
Целиот текст побарајте го на порталот „Арт кујна“.
Фото: Фејсбук