Наши и ваши научници – што е следно?

МАНУ е симбол на единството на македонското општество. Aко создадеме паралелни академии, што е следно? Одвоени институции по етничка линија за сè и сешто? Одвоени училишта? Одвоени општини? Одвоени кафулиња?„Мак кафе“ и „Ал кафе“? Сè по етничка линија!

1,205

Коалицијата Вреди упорно притиска за формирање на Албанска академија на науките и уметностите (ААНУ) во Македонија. Самиот предлог предизвика многу прашања и несогласувања во јавноста – дали навистина постои потреба од ваква институција, или тоа е уште една епизода од нашата добро позната политичка сапуница, каде што етничките разлики стануваат алатка за постигнување политички цели?

Прво, да расчистиме со основното: Македонија веќе има национална академија и нејзиното име е Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ).






За тие што не знаат, станува збор за институција која, како и секоја национална установа, има цел да ги претставува интересите на научниците и уметниците од земјата, независно од нивната етничка припадност.

А поради тоа што е национална институција, освен Срби, Бошњаци, Турци, во неа, нормално, членуваат и Албанци, што уште повеќе го отвора прашањето: зошто тогаш ни треба посебна aлбанска академија?

Можеби затоа што политиката вели дека не е доволно само да имаме заедничка институција, туку треба да ја делиме и по етничка линија?! Колку повеќе поделби, толку помалку можности за другарување, нели?

Политичка алхемија на дело!

Но, официјалниот одговор, според поддржувачите на идејата, лежи во културните разлики и во потребата албанската заедница да има своја институција, која ќе се грижи за развојот на албанскиот јазик, култура и наука.

Па зарем токму МАНУ не треба да биде таа платформа каде што различните култури и науки треба да се сретнат и да се развиваат заедно?

Со други зборови, ова прашање не е само академско. Во основата лежи, погодувате – политиката!

Не би сакал ни да помислам колку се реални предупредувањата дека формирањето ваква паралелна институција може да доведе до нови етнички поделби во земјава.

Но, не сите во Македонија се толку ентузијастични за овој проект. Сепак, МАНУ е симбол на единството на македонското општество. Aко создадеме паралелни академии, што е следно? Одвоени институции по етничка линија за сè и сешто? Одвоени училишта? Одвоени општини? Одвоени кафулиња?„Мак кафе“ и „Ал кафе“? Сè по етничка линија!

Нема сомнеж дека албанската заедница во Македонија има легитимни потреби и права да ја негува и да ја развива својата култура и наука. Но, прашањето е како тоа да се направи без да се создава нова поделба во општеството. Можеби е време да се отвори сериозна дебата за реформите во самата МАНУ, за да се осигури дека сите граѓани, независно од етничката припадност, се соодветно претставени.

На крајот на краиштата, борбата за aлбанска академија на науките и уметностите е многу повеќе од обичен академски проект – таа е огледало на вистинските проблеми со кои се соочуваме како општество.

Поврзани содржини