НАСЕЛБА СО ПОВОЛНОСТИ ЗА МЛАДИ ПАРОВИ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Се гради нова улица кон црквата „Свети архангел Гаврил“

Со завршувањето на проектот целиот овој дел од општината ќе добие свој нов лик, што ќе е во корист на жителите кои што тука живеат, а секако отвора можности и други да доаѓаат и тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место, вели министерот Александар Николоски.

177

Почна да се гради улица во населбата Даме Груев која оди кон црквата „Свети архангел Гаврил“, најави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт Александар Николоски, кој присуствуваше на почетокот на градежните работи заедно со кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

– Навистина е задоволство да се присуства на почеток на овој проект, особено што до води до една преубава црква стара повеќе од 100 години. Со завршувањето на проектот целиот овој дел од општината ќе добие свој нов лик, што ќе е во корист на жителите кои што тука живеат, а секако отвора можности и други да доаѓаат и тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место – вели Николоски.






Тој истакна дека улицата што се гради е дел од договорот со Светска банка за финансирање и изградба на локални патишта.

– Во општина Ѓорче Петров има многу проекти од двата повици на Владата за поддршка на локалните самоуправи. Александар е одличен градоначалник, еден од најдобрите во државата и треба такви градоначалници да се поддржуваат. Очекуваме да достави нови проекти што ќе бидат надвор од овие буџети, односно подготвуваме еден специјален буџет за поддршка за неколку општини кои што се навистина шампиони во она што го работат, а Ѓорче Петров тука предничи – рече Николоски.

Тој нагласи дека идејата е да се развие индустриска зона околу обиколницата која минува во близина и на тој начин граѓаните би можеле да имаат работа блиску до нивното место на живеење.

Градоначалникот Стојкоски информира дека новиот главен пат од Ново Село до црквата Свети Архангел Гаврил ќе биде долг 780 метри, а широк 6 метри.

На новинарско прашање тој рече дека во околината на црквата има државно неизградено земјиште коеќе им се понуди по поволни услови на млади брачни двојки за изградба на стотина куќи.

Поврзани содржини