„НАРОДОТ ЌЕ ЈА ПРЕПОЗНАЕ НАШАТА РАБОТА“ Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се вистински избор за иднината, вели Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека успесите на локално ниво се резултат на работа и посветеност, дури и во услови на тешка економска криза.

111

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Дојче веле истакна дека на претстојните локални избори очекува убедлива победа на неговата партија.

Според него, изборниот успех ќе значи пред сè одговорност, која ќе биде потврдена преку работа и решавање на проблемите на граѓаните.






Мицкоски нагласи дека изминатата година била посветена на враќање на старите долгови во општините, кои претходно биле блокирани, како и на отпочнување нови проекти.

– Ова е победа без скандали во локалната самоуправа, со еден поинаков пристап, проблемите да се решаваат заедно со граѓаните – рече тој.

Премиерот посочи дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ секогаш се достапни за луѓето и се во постојан контакт со заедницата.

– Ги гледате по парковите, маалата, градилиштата и улиците. Таму се за народот, за разговор, дебата и критика. Знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту тоа сме ветиле, но се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе и никогаш да не заборавиме што сме ветиле – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека сè што е постигнато е реализирано во услови на тешка економска и политичка криза, со бројни опструкции од централната власт, но токму тоа, според него, ја покажува посветеноста на локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Верувам дека овие луѓе се вистинскиот избор за заедничката иднина – потенцира премиерот.

Поврзани содржини