Народната банка ја задржа основната каматна стапка на ниво од 1,25 отсто
Во однос на економската активност за периодот јануари ‒ февруари 2021 година, Комитетот оцени дека продолжуваат ефектите од здравствената криза врз економијата кои може да се поврзат и со појавата на третиот бран на ковид-19, што предизвикува натамошна воздржаност на економските субјекти, одразувајќи се и врз динамиката на економското закрепнување.
Основната каматна стапка се задржува на нивото од 1,25 отсто, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на последната седница.
Оценка на Комитетот е дека постојното ниво на каматната стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови.
-Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,25%, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за натамошно зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. На седницата беше оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари – велат од Народна банка.
Во однос на економската активност за периодот јануари ‒ февруари 2021 година, Комитетот оцени дека продолжуваат ефектите од здравствената криза врз економијата кои може да се поврзат и со појавата на третиот бран на ковид-19, што предизвикува натамошна воздржаност на економските субјекти, одразувајќи се и врз динамиката на економското закрепнување.
Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ март 2021 година, ценовните промени се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка.
– Сепак, нагорните ревизии на надворешните влезни претпоставки упатуваат на умерено нагорни ризици за проекцијата на инфлацијата за 2021 година од 1,5%. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа – велат од НБ.
Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона.
– Во рамките на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за март 2021 година, продолжува зголемувањето и на депозитите и на кредитите, при што годишниот раст на депозитите е над проектираниот за првиот квартал на 2021 година, додека кредитниот раст е во рамките на проекциите – посочуваат од НБ.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во денари се задржа на релативно солидно ниво, за што потврда е и отсуството на потреба кај банките за тргување на пазарите на пари.
– Движењата на домашните финансиски пазари упатуваат на умерено подобрување на очекувањата на економските субјекти, видливо преку зголемената нето-понуда на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар на нивоа блиску до нето-понудата пред почетокот на здравствената криза – велат од Централната банка.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри и натаму се поволни и без поголеми отстапувања во однос на очекувањата, кога сѐ уште постојат неизвесност и ризици од пандемијата предизвикана од ковид-19.