Народната банка: Ги следиме случувањата со коронавирусот, ако е потребно ќе се приспособи и монетарната политика
За првиот квартал на 2020 година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, се наведува во оценката на НБ.
Последните макроекономски показатели во домашната економија главно се движат во согласност со очекувањата, но ризиците од окружувањето стануваат се понагласени оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
„Новата вирусна инфекција, Ковид – 19 се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина сѐ уште се неизвесни и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок кој е од неекономски карактер“ се наведува во соопштението од седницата на Комитетот.
Народната банка, се наведува во соопштението, ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.
Според банката, за првиот квартал на 2020 година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата.
Во однос на инфлациските движења, во првите два месеци од 2020 година просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,7%, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција.
При поизразени надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% се оценуваат како надолни. Неизвесноста околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои и е поизразена.
Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првите два месеци од 2020 година се нешто подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурна зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за јануари 2020 година укажуваат на остварен трговски дефицит кој е нешто понизок во однос на проектираниот за првиот квартал од годината.
Податоците за менувачкиот пазар заклучно со февруари, упатуваат на остварени нето приливи од приватни трансфери кои се во линија со очекуваните за првото тримесечје на 2020 година.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за февруари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.
Народната банка оценува дека објавените податоци за БДП за четвртиот квартал на 2019 година упатуваат на побрз раст на економијата од очекуваниот, но остварувањата за целата 2019 година се во линија со проектираната стапка во рамки на октомвриските проекции.
„Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од 2019 година покажуваат солиден економски раст од 3,4%, на годишна основа. Со тоа, реалниот раст на економијата во 2019 година достигна 3,6% (очекуван раст од 3,5%). Остварениот раст во 2019 година е поттикнат од домашната побарувачка, чиј двигател се бруто-инвестициите, а значаен позитивен придонес е забележан и од личната потрошувачка. Растот на компонентите на побарувачката и извозот придонесоа за раст и на увозот, со што нето-извозот има негативен придонес кон вкупниот економски раст“, се вели во оценката.
Комитетот одлучи каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2%. Исто така беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 11 март 2020 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.