Народна банка од стара неефикасна зграда ќе дава совети за климатски ризици
Обуката на вработените најверојатно се одвивала во зградата на НБРМ која е изградена пред повеќе од 50 години со надворешни ѕидови од натур-бетон, а таков ѕид има голем коефициент на премин на топлина. Тоа значи дека во зимно време се губи многу топлинска енергија. Со други зборови, таа зграда има многу мала енергетска ефикасност, а сметката за потрошена топлинска енергија за греење кон компанијата од градската топлификација е сигурно многу голема.
Деновиве беше објавена информација со следниов наслов: „Народната банка ги зајакна капацитетите за климатските ризици со поддршка на ЕИБ“. Во неа се вели дека „Народната банка на Република Македонија (НБРМ) успешно ја заврши обуката за климатските ризици во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), како дел од Програмата за зелени финансиски системи. Со оваа соработка, Народната банка значително ги зајакна своите капацитети за справување со климатските предизвици и за поддршка на зелените инвестиции“.
„Во рамките на програмата, над 50 вработени од Народната банка добија обука за климатските ризици, зелените финансии и финансиската регулатива којашто се однесува на одржливоста во работењето на банките“. Значи се дава акцент на климатските ризици кај зелените инвестиции и др.
Оваа информација ми звучи некако „нормално“ во рамките на НБРМ, но причина да го пишувам овој текст е изјавата на г-дин Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ за РМ, цитирам: „Горди сме што ја поддржуваме Народната банка во нејзината посветеност на одржливоста. Ова партнерство придонесува за инвестирање во енергетска ефикасност и приспособување на компаниите кон климатските промени, што е важно за долгорочната конкурентност на економијата“. Значи, г-дин Габриел посебно ја нагласува важноста на енергетската ефикасност.
Обуката на вработените најверојатно се одвивала во зградата на НБРМ која е изградена пред повеќе од 50 години со надворешни ѕидови од натур-бетон, а таков ѕид има голем коефициент на премин на топлина. Тоа значи дека во зимно време се губи многу топлинска енергија. Со други зборови, таа зграда има многу мала енергетска ефикасност, а сметката за потрошена топлинска енергија за греење кон компанијата од градската топлификација е сигурно многу голема.
Со едноставна термичка пресметка на надворешниот ѕид на зградата на банката се добива следнава споредба подолу:
Ако надворешниот ѕид на зградата од банката е од бетон со дебелина од 25 см и на него се додаде слој од изолација од 12 см стиропор, коефициентот на премин на топлина ќе се намали за приближно 10 пати. Значи, ѕидот ќе пропушта 10 пати помалку топлина, а тоа би била огромна заштеда. Ако старите прозорци се заменат со нови од денешната генерација, исто така ќе се намали преминот на топлина низ нив за неколку пати.
Зградата на НБРМ е само еден од трите модули на комплексот банки на истата локација. Пожелно е правните субјекти од целиот комплекс да преземат мерки за значително реновирање на зградите со цел зголемување на енергетската ефикасност.
Борбата против климатските промени е сложена работа, но се темели главно на две работи: 1) Зголемување на енергетската ефикасност (што помала потрошувачка на енергија) и 2) Производство на енергија од обновливи извори. Се разбира, има и други мерки.
Во РМ е донесен Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), како и 4-ти Национален акциски план за енергетска ефикасност (2021 г.). Донесен е Правилник за енергетска карактеристика на зградите и соодветни подзаконски акти. Во Стратегијата за енергетски развој на РМ, како и во Националниот план за енергетска ефикасност е посветено големо внимание на значајно реновирање на постојните згради со посебен акцент на ставање топлинска изолација и прозорци од нова генерација. Беше предвидено да се направи попис на градежните објекти во државата и реновирање на еден отсто од зградите секоја година. Но спроведувањето на плановите е на многу ниско ниво.
Да додадам и дел од изјавата на гувернерката Бежоска: „Благодарение на партнерството со ЕИБ, сега сме подобро подготвени за да ги вградиме климатските аспекти во нашите политики“.
Јас прашувам, како ќе ги вградувате климатските аспекти од зграда со екстремно ниска енергетска ефикасност? Од друга страна, НБРМ треба да биде пример со кој се промовира енергетската ефикасност.
П.С. Овој текст нема врска со изборот на нов гувернер на НБРМ. Времето на објавувањето е поврзано со одржаната обука за климатските ризици.