НАРОДНА БАНКА ОЧЕКУВА 2025 ГОДИНА ДА БИДЕ ЕКОНОМСКИ ПОДОБРА ОД ГОДИНАВА Растот ќе забрза, а инфлацијата ќе продолжи да се стабилизира
Гувернерката вели дека следната година преку сигурни економски политики Народна банка ќе ги искористи можностите, а притоа внимателно ќе управува со ризиците коишто и натаму ќе постојат.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска очекува економски подобра 2025 година, во која инфлацијата би продолжила да се стабилизира, а растот би забрзал.
– Во годината што следува, нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму нашиот приоритет, бидејќи таа е клучен предуслов за повисок економски раст. Исто така, Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија. Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност. Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото – вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека следната година преку сигурни економски политики Народна банка ќе ги искористи можностите, а притоа внимателно ќе управува со ризиците коишто и натаму ќе постојат.
-Заеднички, со соодветни макроекономски и структурни политики, можеме да изградиме економија што е стабилна, инклузивна и што е подготвена да се соочи со предизвиците на утрешниот ден – вели ангеловска-Бешоска.
Гувернерката се осврнува и на годинава што изминува.
– Во 2024 година, успешно ја задржавме макроекономската стабилност, вклучително и стабилноста на денарот, со раст на девизните резерви до ниво кое е четириесетина проценти над нивото пред пандемијата. Одржувањето на стабилниот курс на домашната валута во времиња исполнети со предизвици е јасен показател за капацитетите на нашата централна банка и наш влог во кредибилитетот на политиките коишто ги водиме. Резултатите од монетарната политика во 2024 година се согледуваат и преку натамошната стабилизација на инфлацијата, којашто по просечната стапка од 9,4% во 2023 година, во првите 10 месеци од оваа година е сведена на 3,4% и очекуваме натамошно постепено забавување и следната година. Доколку се задржат овие поволни трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, без да има остварување на поголеми ризици, може и догодина да се очекува натамошно постепено и претпазливо олабавување на каматната политика од страна на Народната банка – вели Ангеловска-Бежоска.
Според неа, благодарение на внимателното водење на монетарната политика и напоредното носење макропрудентни мерки од страна на централната банка, покрај намалувањето на инфлацијата, зајакната е и финансиската стабилност.
– И во кризниот период, банкарскиот сектор беше столбот на стабилноста на која се потпираа економијата и бизнисот, додека неговата отпорност беше дополнително зајакната преку мерките коишто ги носеше Народната банка. Притоа, стапката на адекватност на капиталот достигна 19%, што е највисоко ниво во последните 17 години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи задржување на кредитниот раст, притоа особено е важно што денарските и долгорочните депозити остварија двоцифрен раст, што јасно говори за довербата во банкарскиот систем и во домашната валута- вели Ангеловска-Бежоска.
За одбележување во годината којашто изминува, како што подвлекува, е и поднесувањето на формалното барање за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) од страна на Народната банка, што е историски чекор за влез во европските платежни системи и приближувањето до Европската Унија. Придобивките за граѓаните и економијата од членството во СЕПА се многукратни и накусо опфаќаат побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања.