НАРОДНА БАНКА ЛАНИ ОБУЧИ 200 ЛУЃЕ ДА ОТКРИВААТ ФАЛСИФИКУВАНИ ПАРИ Кој работи со кеш мора да распознава лажни пари

Со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка, велат од Централната банка.

102

Народната банка лани обучи повеќе од 200 вработени од деловните банки и центрите за готовина, но и вработени во институциите во системот за справување со фалсификувањето пари.

Од банката велат дека најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата коишто вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и со ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите.






– Со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка – велат оттаму.

Низ годините, експертите од Народната банка организираат редовни задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути, за вработените во финансиските институции, односно во банките и центрите за готовина.

– Со обуките се опфатени и претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција – велат од НБ..

Како единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и во странски валути, централната банка врши и експертска анализа и обезбедува соодветна поддршка во процесот на справување со фалсификатите. Во изминатиов период, засилено се вршеше и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари.

Поврзани содржини