Народна банка: Ќе преземеме правни мерки за заштита на интегритетот по изречените невистини од сопствениците на Еуростандард банка
Од Централната банка денеска ги појаснија преземените дејства во врска со состојбата на Еуростандард банка.
Народната банка ја известува јавноста дека сите мерки коишто ги презеде кон Еуростандард банка се за заштита на депонентите на Банката откако, според Централната банка, во јавноста изминатите два дена се отворени голем број прашања и се изнесени невистини. Оттаму најавуваат дека ќе ги употребат сите пртавни средства за заштита на интегритетот по невистините и клеветите изнесени од страна на сопствениците на Еуростандард банка АД Скопје.
Од Народната банка информираат дека со мерката за ограничување на кредитирањето се заштитени депозитите на депонентите.
– Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на Еуростандард банка и го стори тоа – велат ов НБ.
Дополнително, додаваат од НБ, сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.
– Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката. Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше – велат од Централната банка.
Оттаму додаваат дека стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение.
– Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката – велат од НБ..
Народната банка, се додава во информацијагта, е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.
– Сите мерки коишто ги презеде Народната банка беа во насока да не се дозволи Еуростандард банка АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање, коишто би биле на штета на депонентите и доверителите- додаваат од НБ.
Оттаму соопштуваат и дека во врска со невистините и клеветите изнесени од страна на сопствениците на Еуростандард банка АД Скопје, во рамки на нивните настапи по донесување на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Банката, Народната банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет.