Народна банка: Банките можат уште 6 месеци да ја одложат отплата на кредитите
Од Централната банка наведуваат дека условите и начините под кои ќе се изврши промената на договорите треба да ги подготват банките.
Со регулаторните измени коишто ги донесе Советот на Народната банка, предвидено е дека банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи и во рок од шест месеци, соопшти Народна банка по извршената анализа и неколкуте состаноци со Банкарската асоцијација во земјата.
Целта е да се помогне на оние клиенти кои се негативно погодени од пандемијата на ковид-19.
Второто одложување на плаќањето на кредитите, како што наведува НБ, ќе се реализира под условите и начинот на промена на договорните услови кои ќе ги дефинираат банките.
– Се очекува во своите понуди, банките да имаат јасно дефинирани критериуми за одобрување на втор период на одложена отплата, со цел да се помогне на клиентите кои се погодени од ковид-кризата. Истовремено, се очекува начинот на промена на договорните услови да биде најсоодветен за клиентите и да овозможи брз, сеопфатен и ефикасен пристап до сите коишто имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар заради ковид-кризата, а истовремено да се заштити и нивното здравје – велат од Народна банка.
Оттаму информираат и дека вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид-кризата може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година.
– Регулаторната можност банките на своите клиенти да им понудат и втора промена на договорните услови за кредитни производи треба да придонесе за натамошна поддршка на економијата во целина, во справувањето со предизвиците наметнати од ковид-кризата – велат од НБ.
Оттаму додаваат дека постојано го следат развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и доколку биде потребно, подготвена е соодветно да ги приспособува политиките и навремено да реагира со натамошни мерки, во согласност со своите надлежности.