Наплив од мигранти, епидемија од шверцери

248 шверцери на мигранти се фатени од 2016 година досега во земјава, а којзнае уште колку поминуваат непречено.

511

Балканската мигрантска рута повторно е раздвижена, секојдневно расте бројот на бегалци од Блискиот Исток, кои сакаат да стасаат во земјите на ЕУ, откако настапи затишје по избувнувањето на пандемијата со коронавирусот во април годинава.

Македонската полиција во периодот од јануари до август 2020 година, како што вели МВР за Плусинфо, регистрирала 50 кривични дела „криумчарење мигранти“, за што се пријавени вкупно 64 сторители.






Во 2018 година биле откриени 58 случаи на криумчарење мигранти, во кои имало обид да се прошверцуваат 891 мигрант. Во претходната година, 2017 полицијата открила 19 случаи, а во 2016 дури 107 случаи. Мигрантите ја користат територијата на Македонија само за транзит до крајната дестинација, а речиси една третина од вкупниот број мигранти фатени во земјава се од Пакистан, но има и од Авганистан, Иран, Сирија, Ирак, Индија и од други држави.

Во март, април и мај годинава се фатени 3.047 мигранти, бројка која е двојно помала од истиот период лани, но факт е дека македонската полиција речиси постојано регистрира обиди за илегално преминување. Токму вчера МВР информира за сузбивање на криминална група, приведени се четворица криумчари на мигранти кои од Грција преку нашата земја ги пренесувале до Србија за сума од 500 до 700 евра по лице. Како главни организатори, како што вели МВР, се осомничени двајца браќа од Богданци заедно со соработници од Грција.

Во периодот од декември 2019 година до денес, осомничените организирале криумчарење на околу 150 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток.

Како што објасни Тони Ангеловски, портпарол на МВР, со помош на лица од Грција, мигрантите биле пренесувани во близина на Струмица, Гевгелија и Дојран каде што биле пречекувани од членови на криминалната група и со возила биле пренесувани до кумановско-липковскиот регион.

– Таму ги чекало лице кое било задолжено за нивно сместување како и за трансфер до Србија и до земјите од Европската Унија – рече Ангеловски.

Во полицискиот билтен летово е забележан и случај кога двајца гевгеличани се обиделе нелегално да пренесат дури 142 мигранти, но криумчарите побегнале. Полицијата ги открила мигрантите во возило кое со голема брзина се движело на автопатот Гевгелија – Скопје во близина на граничниот премин со Грција. Кога полицијата се упатила да го запре камионот возачот го сопрел возило и избегал.

 

Поврзани содржини