НАПИШАЛ „ФИФА = АЛЧНОСТ НА КВАДРАТ“ И ОП…ВО СТАНИЦА Канадски навивач крена глас против цените на билетите
Додека ФИФА е под жестоки критики поради случајот „Балогун“ и рекордните цени на билетите, 64-годишен навивач од Канада заврши во полициска станица откако јавно ја обвини организацијата за алчност.
Еден транспарент со четири збора беше доволен за полициска интервенција во Торонто. Канадски навивач бил приведен и казнет откако во близина на Светското првенство развил порака „ФИФА = Алчност“, протестирајќи против цените што за дел од навивачите го претворија мундијалот во луксуз.
Шеесетичетиригодишниот Јан Марацевич протестирал во близина на изложбениот комплекс во Торонто. Полицијата најпрво побарала да го отстрани неговиот транспарент.
Откако одбил, бил приведен поради „незаконски влез“ во комплексот. Подоцна бил пуштен на слобода, но добил парична казна од 65 долари.
„Фудбалот веќе не е за обичните луѓе“
Марацевич објаснил дека неговиот протест бил насочен кон драматичниот раст на цените на билетите. Според него, за Светското првенство во 2022 година можел да купи билет за околу 50 долари.
На актуелниот турнир, најевтината влезница што ја пронашол чинела 195 долари и тоа за натпревар меѓу Гана и Панама.
– Фудбалот е сакан низ целиот свет повеќе од еден век. Играта отсекогаш била достапна за сите, а сега само оние со пари можат да дојдат на натпреварите – изјавил канадскиот навивач.
Шокантни цени за мечевите на Канада
Особено го вознемириле билетите за настапите на канадската репрезентација. За натпреварот меѓу Канада и Босна и Херцеговина цените се движеле од 1.300 до повеќе од 3.000 долари.
Токму ваквите суми последниве недели предизвикуваат жестоки реакции кај навивачите ширум светот.
Нова главоболка за ФИФА
Случајот доаѓа во период кога ФИФА веќе е под лупа поради повеќе контроверзии.
Организацијата се соочува со критики за рекордните цени на билетите, блиските врски со политичари и скандалот околу Фоларин Балогун, откако Доналд Трамп призна дека побарал преиспитување на неговата суспензија.
За дел од критичарите, приказната од Торонто е уште еден доказ дека незадоволството околу Светското првенство повеќе не доаѓа само од трибините, туку и од улицата.