НАМЕСТО 5 ГОДИНИ, ДОЗВОЛАТА ЗА РАБОТА ВО САД ЌЕ ВАЖИ 18 МЕСЕЦИ Два милиона луѓе ги напуштиле САД откако Трамп е претседател
Според Одделот за домашна безбедност, откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари, се извршени 530.000 депортации.
Периодот на важност на работната дозвола за бегалците, барателите на азил и на другите мигранти во САД се намалува од 5 години на 18 месеци, соопшти администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, согласно со заострената имиграциска политика.
Службата за државјанство и имиграција на САД соопшти дека промената ќе овозможи почести проверки на странските државјани.
Оваа промена ќе влијае на стотици илјади луѓе, како и на компаниите кои се потпираат на барателите на азил со работни дозволи, вклучувајќи ги и фирмите за пакување месо, објави Вол стрит џурнал.
Имиграцијата е централен фокус на администрацијата на Трамп.
Според Одделот за домашна безбедност, речиси 2 милиони луѓе ги напуштиле САД откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, вклучувајќи 530.000 депортации и 1,6 милион луѓе кои „доброволно сами си заминале“.
Администрацијата соопшти дека има цел да ги зголеми депортациите на 600.000 до крајот на годината. Белата куќа ги опиша заминувањата како дел од тековните „масовни депортации“.
Трамп на 11 август прогласи вонредна состојба за јавната безбедност во Вашингтон, тврдејќи дека градот е преплавен од „насилни банди и крвожедни криминалци“. Оттогаш, федералните службеници за имиграција и царинска контрола уапсија приближно 1.100 луѓе во главниот град на САД.