НАФТОВОД ОД 113 КИЛОМЕТРИ ЌЕ ГИ СПОЈУВА СРБИЈА И УНГАРИЈА Проектот ќе ја засили енергетската безбедност на Белград

Нафтоводот Србија-Унгарија треба да биде изграден до 2028 година, а проценетата вредност на проектот е 157 милиони евра за српскиот дел од гасоводот.

1,333

Владата на Србија ја усвои Регулативата за утврдување просторен план за подрачје за посебна намена на инфраструктурниот коридор на нафтоводот од границата со Унгарија до Нови Сад, во должина од 113 километри, јавија српски медиуми.

Нафтоводот Србија-Унгарија треба да биде изграден до 2028 година, а проценетата вредност на проектот е 157 милиони евра за српскиот дел од гасоводот, јави дописникот на МИА од Белград.






Просторниот план опфаќа делови од териториите на градовите и општините Нови Сад, Кањижа, Сента, Ада, Бечеј и Жабаљ.

Планот ги утврдува основите на организацијата, развојот, користењето и заштитата на инфраструктурниот коридор на нафтоводот, а содржи и елементи на детална регулација што овозможуваат негово директно спроведување.

Нафтоводот ќе биде под земја по целата траса и ќе се протега на вкупно 113 километри.

Целта на проектот е подобрување на енергетската безбедност на Србија и диверзификација на патиштата за снабдување со нафта.

Максималниот капацитет на нафтоводот е во согласност со номиналниот обем на преработка на нафта во Рафинеријата Панчево, што е 4,8 милиони тони годишно.

Одлуката за изградба на нафтовод од Алго во Унгарија до Нови Сад беше усвоена во пролетта 2023 година на седница на мешовитата комисија за економска соработка меѓу Србија и Унгарија.

Поврзани содржини