НАД 30 ПАЛЕСТИНЦИ УБИЕНИ ВО РАФАХ Израелската армија бомбардира додека Нетанјаху зборува за „план за евакуација“
Повеќе од половина од 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа се собраа во Рафах, од кои многумина беа протерани од своите домови по претходните израелски наредби за евакуација кои зафатија две третини од територијата на енклавата.
Најмалку 31 Палестинец се убиени денеска во Рафах, неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека побарал од армијата да подготви план за евакуација на стотици илјади луѓе од јужниот дел на Појасот Газа воочи копнената офанзива.
Нетанјаху не откри детали или временски рокови. Исто така не е јасно каде би можеле да одат цивилите ако го напуштат Рафах.
Израелската армија речиси секојдневно го бомбардира градот иако им нареди на цивилите да се засолнат во Рафа поради борбите во Кан Јунис.
Повеќе од половина од 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа се собраа во Рафах, од кои многумина беа протерани од своите домови по претходните израелски наредби за евакуација кои зафатија две третини од територијата на енклавата.
Изминатите денови најавите за офанзивата врз Рафах ги зголемени тензиите помеѓу Нетанјаху и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Вашингтон, офанзивата врз Рафах без план за цивили ќе предизвика катастрофа.
Палестинското исламистичко движење Хамас, пак, предупреди дека израелската офанзива против Рафах може да предизвика „десетици илјади загинати и повредени“.
„Предупредуваме на катастрофа и масовни убиства што може да доведат до десетици илјади измачени и повредени“ – се наведува во соопштението на Хамас, при што се додава дека „американската администрација, меѓународната заедница и израелските окупатори ќе сносат одговорност за можните последици“.
И Германија и Саудиска Арабија апелираа Израел да не започнува офанзива во Рафах, бидејќи тоа ќе доведе до „хуманитарна катастрофа“.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел претходно на Твитер објави дека израелските планови за воена офанзива во Рафах во Појасот Газа се „алармантни“ и таквата операција ќе има катастрофални последици, влошувајќи ја и онака лошата хуманитарна ситуација.
Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, Денис Френсис синоќа изјави дека е вџашен од планираната израелска воена офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
– Во име на човештвото барам да се слушне нивната мака и да се одговори на нивните молби. Уште еднаш ги повторувам барањата на Генералното собрание на ОН за итен хуманитарен прекин на огнот, почитување на обврските од сите страни според меѓународното хуманитарно право и безусловно ослободување на сите преостанати заложници – истакна Френсис.