НАД 250 ЕКС-АГЕНТИ НА МОСАД ПОТПИШАА ПЕТИЦИЈА ЗА ИТЕН ПРЕКИН НА ВОЈНАТА ВО ГАЗА Нетанјаху е под притисок да го приоритизира ослободувањето на заложниците

Околу 200 воени лекари-резервисти се приклучија на бранот петиции со кои се бара прекин на војната и ослободување на заложниците, додека, пак, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, се закани дека ќе ги отпушти активните војници што ќе потпишат каква било петиција.

266

Повеќе од 250 поранешни припадници на израелската разузнавачка служба Мосад потпишаа петиција со која бараат итен прекин на војната во Газа за да се овозможи ослободување на сите заложници, јавија локалните медиуми, пренесува денеска Анадолија.

Писмото, чиј иницијатор е поранешниот висок функционер на Мосад, Гаил Шорш, го потпишаа и тројца поранешни директори на Мосад – Дани Јатом, Ефраим Халеви и Тамир Пардо – како и десетици шефови на оддели и заменици шефови на оддели во агенцијата, пишува весникот „Једиот Ахронот“.






Петицијата е дел од сè поголемата јавна несогласност во рамки на израелскиот безбедносен естаблишмент.

Во неа се бара Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го стави ослободувањето на израелските заложници во Газа како приоритет, дури и по цена на завршување на војната во палестинската енклава.

Израел проценува дека во Газа сè уште се наоѓаат 59 заложници, а за 24 од нив се верува дека се живи. Во меѓувреме, повеќе од 9.500 Палестинци се затворени во израелски затвори, од кои многумина се соочуваат со тортура, глад и со медицинско занемарување, според палестински и израелски извештаи за човекови права.

Во неделата околу 200 активни воени резервисти – лекари потпишаа петиција со која, исто така, се бара прекин на војната и враќање на заложниците од Газа. Нивниот апел е дел од поширок бран петиции од сегашни и од поранешни припадници на израелските одбранбени сили кои бараат итно ослободување на заложниците.

Најмалку 7 петиции циркулираа од четвртокот.

Првата беше потпишана од околу 1.000 резервисти на израелското воено воздухопловство, по што следуваше поддршка од речиси 1.000 академици. Втората петиција дојде од резервисти на оклопните единици и морнарицата, а третата ја потпишаа десетици воени лекари. Четвртата ја потпишаа стотици резервисти од елитната воена единица 8200.

Петтата петиција дојде од специјалните сили, меѓу кои се падобранскиот баталјон 13 и единиците Шалдаг, Сајерет Маткал и Моран.

Шестата ја поддржаа 200 лекари од различни воени единици, а седмата – повеќе од 250 поранешни членови на Мосад.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе отпушти активни војници кои ќе потпишат каква било петиција.

Поврзани содржини