Национален сон во идентитетска турлитава

Речиси е неверојатно дека воопшто и има нешто позитивно во ова општество имајќи предвид до кој степен македонските политички партии се валкаат во сопствената глупост, кој сѐ себеси се гледа како некаков лидер, какви зборови струјат низ етерот и какви сѐ „полемики“ се водат…

488

Како и многу други нешта, македонската „нова“ држава не ја разбра виталната важност на споменичката проблематика за едно општество. Поточно, уште од времето на онаа дивоградба викана споменик на Мајка Тереза среде Скопје, ја разбра, односно „разбра“, само како лично и/или политикантско профитерство, како националистичко изживување и национал-романтичарско сонување. А меморијалните споменици (во сите нивни форми) се најмалку тоа. И низ сите „манифестации“ во оваа област – од расфрлање државни пари за глупости викани меморијални квазимузеи на поп-пеачи и „азбуки“ до сенишни кич творби од форматот на „Воин на коњ“ и „споменикот“ во Слупчане – ова контроверзно општество си изживува, секој свои, некакви контрадикторни етномитологии во чијашто основа лежи неукоста и простотијата на локалниот провинциски менталитет.

Затоа впрочем и „СК 2014“, и не само тоа, ни се прикажува не како опачината туку како вистинското лице на „идентитетот“ на ова општество, како слика и прилика на неговиот невкус, незнаење и неморал. И криминал, се разбира. Зашто, кога ги слушате/читате одгласите/коментарите за „резултатите“ од истрагата за криминалите на „СК 2014“, ја гледате вистинската македонска реалност. Со сета силина ве удира в лице, а она малку позитивно што останало од неа ви се чини дека всушност е само сомнителен одраз во некакво искривено огледало. Речиси е неверојатно дека воопшто и има нешто позитивно во ова општество имајќи предвид до кој степен македонските политички партии се валкаат во сопствената глупост, кој сѐ себеси се гледа како некаков лидер, какви зборови струјат низ етерот и какви сѐ „полемики“ се водат…






Фактот дека еден голем но „транспарентен“ криминален случај власта го влечка(ла) цели седум години, а сега го „активира“ зашто имала информација дека еден од осомничените ќе се обиде да замине во странство (sic!) е – приказна за мали деца и лица со посебни потреби (на кои искрено им се извинувам што морам да ги ставам во ваков контекст). Па цели седум години се знае како бел ден дека тој конкретен осомничен беше на клучна функција во општинската управа во времето на инсталацијата на „СК 2014“, ама дури сега кај власта се запалила црвената сијаличка за узбуна. Па можеби човекот само заминувал на викенд, а овие го апсат. Или колку пати од 2017 година до вчера тоа исто лице – сега осомничен – ја преминувало државната граница без да биде сопрено? Или власта дури сега разбрала кој е тој и дека може да биде потенцијално осомничен во „СК 2014“?

Едновремено, овие епохално неспособни шушумиги си го дозволуваат луксузот дури и главниот криминален „ум“, оној од Будима града, да држи лекции „од туѓина“, да говори за „национални соништа“ и спуштен дух. И овие не умеат да му парираат! (До)пуштаат полуписмени партиски дечишта да се расправаат (не само со него) по медиумите и социјалните мрежи, да пелтечат за некакви педесетина милиони евра и што сѐ можело со нив да се направи, заборавајќи ја притоа онаа милијарда и половина за „коридорите“, заборавајќи ги изминатите седум години што ги отседеа со нивните раце во нашите џебови. А главните „шефови“, онаа неписмена партиска врхушка, се ладат во сенка и – молчат. Не смеат да писнат против будимпештанецот зашто, којзнае, може навистина да се врати „на бел коњ“!?

Иако, де факто, во таа нивна плашливост имаат среќа што и неговиот заменик во земјава ја рецитира истата небулозна првоодделенска стихотворба со изјавите од типот дека со сегашната „акција“ на власта контра „СК 2014“ се „негира македонскиот идентитет“, „се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици коишто имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет“. Што пак е по димензиите на глупоста еднакво на спротивната „теза“ на некои локални „филозофи“ дека „не треба да не загрижуваат тенденциите за негирање на нашиот идентитет што доаѓаат однадвор, од сосеството“, патем величајќи го Аце Македонски „како симбол на нашето постоење и нашата Македонска мудрост.“

Но, што е уште пострашно, да не речам поразително, ваквиот поклонички став кон „СК 2014“ се чини добива на масовност кај (речиси) сите партии во државава, и македонски и албански, а веројатно и партиите од другите етникуми „претставени“ со по некој лик на овие морбидни „мултикултурни“ историски гробишта среде „метрополата“ (Питу Гули, Цар Душан, Неџати Зекирија итн.). Иако во оваа идентитетска турлитава има чуден несразмер помеѓу одделни „идентитети“ во историска смисла и заслуги: на пример токму помеѓу еден Цар Душан и Јустинијан I, или Питу Гули и Цар Самоил, Делчев и Карев… Но, изгледа сите на овие гробишта си наоѓаат свој национал-романтичен мит или херој на којшто му палат свеќа. И сите се среќни и радосни. Дали заради тоа „СК 2014“ опстојува до денес, наспроти сите негови небулози и контроверзи?

Веројатно, зашто сите го гледаат со некаква диоптрија на популистичко-идентитетска стравопочит, никој не смее да каже лош збор, не пак да спомне уривање. Таа „песна“ ечеше само кога требаше да се освојува власта. После тоа, сѐ се врати во нормала, онаа провинциска: се одеше на журки на „галиите“ среде загадените води на Вардар, на претстави и прослави во „театарот“, сега боцка очи само „белата палата“ на вемерото но не и оние одвратни „бели шампити“ што глумат седиште на власта итн. Како впрочем, ако баш сакате, и оние наивни „сликарии“ на Плоштадот Скендербег, или „споменикот“ во Слупчане, коишто – дали навистина? – го репрезентираат албанскиот идентитет.

Зашто, ако судиме по јавното „упатство“ за Мицковски – но зошто не и за Ковачевски? – дека треба да оди да се поклони пред спомнатиот „споменик“, тогаш тоа е нивниот корен, нивниот мит, нивната епопеја. Како што Аце Македонски е – (наводно) нашата. А во обата мита доминира мечот односно агресијата. И ако сето тоа упорно опстојува, тогаш ние и понатаму се прпелкаме во пепелта на некои дамнешни мртви времиња наместо да го разгоруваме историскиот жар за потребите на иднината. Што ќе рече дека и ние не сме баш – живи, нели? А всушност, нели и душите денес ни се баш такви, мртви?!?

И никој, безмалу никој не се осмелува да каже дека ако „СК 2014“ е македонскиот идентитет, ако „Плоштадот Скендербег“ е албанскиот идентитет, ако овие карикатури се „историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава“, ако политичките партии во Македонија се идентификуваат со овие мултикултурни гробишта, тогаш час поскоро да ги внесеме Бугарите не само во Уставот туку и во Собранието, Владата, државата… Но и Германците, или Французите, или Холанѓаните… зашто вакви какви сме, за ништо не сме.

Следствено, дали приклонувањето кон ЕУ ќе ни ги разреши овие „дилеми“ мигот кога ќе ги почнеме пристапните преговори? Се разбира – не, иако ликови како Пендаровски, Заев, Ковачевски, Маричиќ и компанија – излезени како од некој дамнешен лош стрип – и нивните партнери од коалициските партии упорно трубат дека баш тоа ќе се случи: ќе сме станеле европјани. Иако реалноста, оваа на „СК 2014“ го сведочи токму спротивното: дека ние непоколебливо настојуваме да си останеме – балканци.

И иако мислев дека никогаш ова нема да кажам, сепак зборовите на криминалецон од Будимпешта за скршениот национален сон и спуштениот дух звучат сосема реалистично. Барем за овој миг. Но, се разбира, (и) во овој миг, односно токму во овој миг, неговиот удел во таа катаклизмична реалност на Македонецот е огромен. Овие само го продолжија уривањето на сонот, духот, вредностите и историската свест, а ги задржаа кулисите на идентитетската турлитава викана „СК 2014“ во нејзиниот полн „сјај“.

Поврзани содржини