НАЈВЛИЈАТЕЛЕН ЕВРОПЕЕЦ ГОДИНАВА Е…ТРАМП „Политико“ не се мајтапи, на списокот е и Путин?!
Сенката на (американскиот претседател) Трамп се издига високо над европските престолнини. Неговите одлуки ја променија одбраната, трговијата и внатрешната политика на целиот блок, се вели во објаснувањето на изборот.
Сенката на Доналд Трамп падна врз Европа како политичко невреме. Американскиот претседател беше прогласен за „најмоќна личност во Европа“ во изборот на бриселскиот портал „Политико“ за 2025 година.
Изборот, традиционално ограничен на Европејци, годинава направи пресврт. Уредништвото на „Политико“ оцени дека ниту еден европски лидер нема извршено толкаво влијание врз континентот како што тоа го направил Трамп.
„Сенката на Трамп се издига високо над европските престолнини. Неговите одлуки ја променија одбраната, трговијата и внатрешната политика на целиот блок“, се вели во објаснувањето на изборот.
Веднаш зад него се најдоа данската премиерка Мете Фредериксен и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Следуваат Марин Ле Пен, Владимир Путин, Најџел Фараж и Урсула фон дер Лајен. Првата десетка ја заокружуваат Марк Руте, Џорџа Мелони и Кир Стармер.
„Политико“ наведува дека европските државници се соочуваат со непредвидлив партнер чиј импулс може да го смени континентот преку ноќ.
„Дали е партнер? Повремено. Закана? Понекогаш. Сила што ги менува односите според свои правила? Секогаш“, напиша порталот.
Европските лидери, свесни за нестабилниот карактер на американскиот претседател, сепак останале врзани за Вашингтон. Безбедносната архитектура и просперитетот на Европа, пишува „Политико“, уште се потпираат на американскиот штит.
Првите месеци од вториот мандат на Трамп донеле исцрпувачка година за европската дипломатија.
Неговите отворени флертувања со Владимир Путин и понижувањата кон Володимир Зеленски, според порталот, ја зголемиле вознемиреноста во Брисел.
И покрај тоа, се вели понатаму во анализата, европските лидери, еден по еден, патувале во Вашингтон во надеж дека ќе го смират. Причината е проста, вели „Политико“: Европа нема сопствен нуклеарен чадор и нема сили за брза воена автономија.
Во извештајот се наведува дека токму од тој однос произлегол и нов трговски договор меѓу САД и ЕУ, што на Европа ѝ донел олеснување, но и понижување. „Политико“ го опишува како чин на купување привремен мир.
Трамп, со својата администрација, „ја избриша границата меѓу надворешната политика и кампањата“.
Европските лидери реагирале со недоверба кон неговите изјави за поддршка на Марин Ле Пен и блискоста со Виктор Орбан.
Сепак, некои влади се обидуваат да го намалат американското влијание. Берлин и Копенхаген сè повеќе се потпираат на европски добавувачи, а Франција тивко ја наметнува идејата за стратешка автономија.
Во заклучокот, „Политико“ пишува дека доминацијата на Вашингтон можеби е на својот врв.
Европа не е подготвена да се откаже од сојузот со САД, но веќе почнала тивко да гради алтернатива.
Кои се 28 „најјаки“ во Европа за оваа година? Еве го списокот:
Доналд Трамп – претседател на САД
Мете Фредериксен – премиерка на Данска
Фридрих Мерц – канцелар на Германија
Марин Ле Пен – француска политичарка
Владимир Путин – претседател на Русија
Најџел Фараж – британски политичар
Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија
Марк Руте – генерален секретар на НАТО
Џорџа Мелони – премиерка на Италија
Кир Стармер – премиер на Велика Британија
Манфред Вебер – претседател на Европската народна партија
Виктор Орбан – премиер на Унгарија
Александер Стуб – претседател на Финска
Володимир Зеленски – претседател на Украина
Габриел Зикман – француски економист
Каја Калас – висока претставничка на ЕУ
Тереза Рибера – потпретседателка на ЕК
Даниел Ек – претседател на „Spotify“
Емануел Макрон – претседател на Франција
Марио Драги – поранешен италијански премиер
Андреј Бабиш – премиер на Чешка
Алексус Гринкевич – командант на НАТО сили во Европа
Карол Навроцки – претседател на Полска
Хајди Рајхинек – германска политичарка
Андреа Орцел – претседател на „УниCredit“
Рима Хасан – француска европратеничка
Роб Јетен – холандски политичар
Џани Инфантино – претседател на ФИФА