НА ТРАМП НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ТОА ШТО КАНАДА САКА ДА ЈА ПРИЗНАЕ ПАЛЕСТИНА Се закани дека таквиот чекор ќе ги загрози трговските преговори меѓу Вашингтон и Отава
Острата порака на претседателот на САД, Доналд Трамп, следува откако канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Канада ќе ја признае „Државата Палестина“ на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, доколку се исполнат одредени услови.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека подготвеноста на Канада да ја признае палестинската држава може да ги загрози трговските преговори.
„Канада штотуку објави дека поддржува државност за Палестина… Тоа многу ќе ни го отежни склучувањето трговски договор со нив“, напиша Трамп на неговата платформа Трут соушл.
Канада сака да ја признае Палестина
Канадскиот премиер Марк Карни во средата изјави дека Канада ќе ја признае „Државата Палестина“ на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, доколку се исполнат одредени услови.
Карни на прес-конференција рече дека овој потег е условен од фундаментална реформа на владеењето на Палестинската управа со седиште на Западниот Брег, предводена од Махмуд Абас, одржување избори до 2026 година и од „демилитаризација на палестинската држава“.
– Палестинската милитантна организација Хамас не смее да игра никаква улога во идното владеење на Палестина и мора веднаш да ги ослободи сите заложници од терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, кој го предизвика конфликтот во Газа – рече Карни.
САД 0стануваат најважен трговски партнер на Канада
САД остануваат најважен трговски партнер на Канада. Од преземањето на функцијата за втор мандат во јануари, Трамп воведе низа царини и се закани со дополнителни кон Канада, обвинувајќи ја Отава дека не го спречува приливот на фентанил во САД.
Тој ги прекина трговските преговори на крајот на јуни поради несогласувања околу канадската даночна политика што ги погоди американските бизниси. Иако неодамна стана покритичен кон однесувањето на Израел во Газа, изразувајќи шок од фотографиите на неухранети палестински деца, Трамп изјави дека „не е во тој табор“ кога станува збор за признавање на палестинска држава.
Во друга објава на Трут Соушл, американскиот претседател напиша: „Најбрзиот начин да се стави крај на хуманитарната криза во Газа е Хамас да се предаде и да ги ослободи заложниците“.