НАЈТАЖНАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА ВО СВЕТОТ НА ПОЛИТИКАТА Ги загуби сопругот и двата сина, а потоа се врати во политиката и стана претседателка на Индија

Мурму јавно призна дека по сите трагедии паднала во длабока психолошка криза. Наместо целосно да се повлече од јавниот живот, спас побарала во духовноста. Станала активна во духовното движење „Брама Кумарис“, каде што научила да ги прифати загубите и повторно да пронајде внатрешен мир. Токму духовноста, вели таа, ја вратила и во политиката.

1,027

Додека престојува во официјална посета на Македонија, индиската претседателка Друпади Мурму е пречекана со сите државнички почести. Но, зад насмевката на првата жена од индиските домородни племиња што стигна до највисоката државна функција се крие една од најтрагичните лични приказни во современата светска политика. Малкумина политички лидери во светот доживеале толку големи семејни загуби, а сепак успеале повторно да се исправат и да продолжат понатаму.

Мурму е родена во 1958 година во сиромашното село Упарбеда, во индиската држава Одиша. Потекнува од племето Сантал, едно од најголемите домородни племиња во Индија. Пред да влезе во политиката работела како службеничка во државната администрација, а потоа и како наставничка, професија што и денес ја споменува како една од најважните во животот. Во локалната политика влегла во 1997 година, а постепено се издигнала до министерка во владата на Одиша, гувернерка на Џарканд и, конечно, претседателка на Индија во 2022 година. Со изборот испиша историја како прва претседателка од домородните заедници и најмладата личност што ја извршувала таа функција.
 






Тешки животни удари

Но, токму во периодот кога нејзината политичка кариера се соочувала со застој, животот ѝ приредил удари што би скршиле речиси секого. Постариот син, Лакшман Мурму, починал во октомври 2009 година под неразјаснети (мистериозни) околности. Вечерта претходно бил на вечера со пријатели, а следното утро бил пронајден во бессознание во креветот. Бил пренесен во болница, но лекарите само констатирале смрт. Според тогашната полициска истрага, постоело сомневање дека можеби паднал од мотоцикл и претрпел внатрешна повреда на главата, но не биле пронајдени надворешни повреди и случајот никогаш не бил целосно разјаснет.

Помладиот син, Сипун Мурму, загинал во сообраќајна несреќа во 2012 година.

Како трагедијата да не била доволна, во 2014 година од срцев удар починал и нејзиниот сопруг Шјам Чаран Мурму, банкар по професија. Во период од само неколку години Драупади Мурму останала без двата сина и без животниот сопатник. Единствено нејзината ќерка Итишри останала покрај неа.

Подоцна Мурму јавно призна дека по сите тие трагедии паднала во длабока психолошка криза. Наместо целосно да се повлече од јавниот живот, спас побарала во духовноста. Станала активна во духовното движење „Брама Кумарис“, каде што, како што самата сведочи, научила да ги прифати загубите и повторно да пронајде внатрешен мир. Духовната дисциплина, медитацијата и секојдневната молитва станале дел од нејзиниот живот.

Токму духовноста, според неа, ја вратила и во политиката. Наместо да се затвори во себе, прифатила нови јавни должности. Во 2015 година беше именувана за гувернерка на Џарканд, станувајќи првата жена на таа функција во оваа индиска држава. Мандатот го заврши со репутација на умерен и внимателен политичар, кој често инсистира на почитување на правата на домородните заедници.

Во духовноста нашла спокој 

Кога владејачката коалиција ја предложи за претседателски кандидат во 2022 година, многумина во Индија го оценија изборот како историски. Но, покрај симболиката дека првпат домородна жена ќе стане шеф на државата, во јавноста силно одекна и нејзината лична приказна. Голем број индиски медиуми тогаш пишуваа дека нејзината животна истрајност станала подеднакво важен дел од кампањата како и политичката биографија.

По преземањето на функцијата, Мурму остана препознатлива по скромниот стил. Иако е на чело на најнаселената држава во светот, ретко користи остар политички речник. Во јавните настапи многу почесто зборува за образованието, духовните вредности, природата, грижата за сиромашните и положбата на жените и домородните народи отколку за дневната политика.

Нејзината посета на Македонија има и историско значење. Таа е прв индиски претседател што престојува во официјална билатерална посета на земјава, што е оценето како важен чекор во развојот на односите меѓу двете држави.

За многумина, сепак, најсилниот впечаток што го остава Друпади Мурму не е политичката функција што ја извршува, туку фактот дека успеала да продолжи да живее и да ѝ служи на својата земја по трагедии какви што ретко кој човек може да ги замисли. Во светот на високата политика, каде што најчесто доминираат моќта и амбицијата, нејзината биографија останува потсетник дека понекогаш најголемата сила не е во победите, туку во способноста човек повторно да стане по секој тежок удар.

Прва посета на индиски претседател на Македонија

Претседателката на Индија е сигурна дека нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија. Таа потврди дека со нејзината домаќинка македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова се согласиле билатералната трговија да ја прошират двојно од сегашниот обем.

Индија сака да ја олесни меѓународната соработка преку иницијативи, како Меѓународната соларна алијанса, Алијансата за катастрофи на инфраструктурата.

– Ја поздравувам намерата на Македонија да се вклучи во овие иницијативи, а учеството во нив ќе ѝ овозможи на Македонија да извлече корист од глобалните алијанси за ублажување на катастрофите – рече претседателката Мурму.

Таа најави и можност за обуки за Македонија на полето на вештачка интелигенција, промоција на традиционалната медицина, но и дека заедно со претседателката Сиљановска Давкова во Музејот на град Скопје ќе ја откријат бистата на Махатма Ганди.

– Ова е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, кој ги открива заедничките принципи и вредности на двете нации – реча индиската претседателка.

Индиската претседателка пристигна во Скопје синоќа, а на скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.

Предвидено е таа да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Индиската претседателка ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе има обраќање пред пратениците во македонскиот парламент.

Претседателката Сиљановска Давкова и претседателката Мурму утре ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.

Поврзани содржини