Нa Светскиот ден на слободата на медиумите треба да се зборува прво за слободата, а потоа за сѐ друго!!
Сакам на сите колеги да им посакам во иднина, на овој ден, но и многу почесто, повеќе да се зборува за слободата отколку за другите проблеми со кои се соочуваме ние и кои веројатно и ние ги предизвикуваме во општеството. Не заговарам бегство од одговорноста. Но, треба да развиеме силен рефлекс кој ќе биде одраз на сознанието дека слободата за новинарот е она што кислородот е за човекот – и без едното и без другото се може, ама не долго.
Македонија е на неславното 90. место на ранг-листата за слобода на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници. Две места подобра од лани. Но, со една многу загрижувачка оценка во извештајот: „Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да навредуваат медиуми, а сајбер вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост“.
Од 2017 година, кога на власт доаѓа СДСМ на Зоран Заев, бележиме напредок од 21 место на светската ранг листа, што е разочарувачки резултат. Зошто разочарувачки? Еве, да се потсетиме. Во 2006 година, кога на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, Македонија беше на 46. место на ранг-листата. До 2009 година напредувавме до 32. место. Ситуацијата се влоши во 2011 година, кога се искачивме на 94. место и од 2013 до 2016 година Македонија се движи меѓу 116. и 118. позиција. Тоа се најцрните седум години од режимот на Груевски.
Очекувањата дека по промената на власта во 2017 година ќе дојде до значително подобрување во сферата на медиумските слободи не се остварија. Хибридниот режим на Зоран Заев донесе нови проблеми, а бевме сведоци и на крупни корупциски скандали, при што во најголемиот и најспектакуларниот директно беа замешани и познати новинарски имиња, цврсто поврзани со тогашниот и сегашен политички естаблишмент. Сериозни и суштински реформи во оваа област нема, а засилениот притисок на високи владини претставници врз медиумите и врз новинарите веројатно дополнително придонесува сѐ уште да се одржува перцепцијата за „заробените медиуми“ во нашата земја.
Во високо корумпирано и криминализирано општество, слободните медиуми се исклучок, а не правило
Инаку, не сум ја читал „Белата книга за глобалната состојба на новинарството“ на Меѓународната федерација на новинари, но искрено се сомневам во начинот на кој нашите локални новинарски здруженија го протолкувале драматичниот наслов на првото поглавје „Убиено и затворено новинарство“. Да, веројатно таму се говори и за илјадниците убиени и затворени новинари ширум светот низ годините, но претпоставувам дека кога се зборува за „убиено и затворено новинарство“ веројатно се мисли и на новинарство во „убиените“ и „затворени“ општества.
За жал, такво општество денес е Македонија. Денес и скоро патнесет години наназад. Како што веќе е рапортирано, ние сме регионални шампиони по корупција, а Балканот како регион самиот по себе е „ендемско“ подрачје за корупција во светски рамки. Годинава откривме дека сме земја во која трговијата со наркотици опасно е поврзана со луѓе од естаблишментот. Страхувавме дека Македонија тргува со сопствениот државен идентитетит, но не ни помислувавме дека тргува и со личните идентитети на своите граѓани, продавајќи им ги на босовите на регионалните криминални кланови. Се помиривме и со тоа дека во оваа земја не владее правото, дека правдата се дели арбитрерно, дека во затвор може да се замине и без докажана вина. Се уверивме дека тајната полиција сѐ уште има тајна моќ. Конечно, се уверивме дека мафијата во Македонија, една од најпогодените земји од пандемијата, се обиде да тргува дури и со вакцини, што е случај без преседан во светски рамки.
Какво општество, такви медиуми, драги мои.
Во едно длабоко криминализирано и корумпирано општество, не можете да очекувате медиумите да бидат слободни и независни. Повеќето од нив се ангажирани од пропагандните машинерии на центрите на моќ, а она што најчесто се заборава да се каже во реакциите на новинарските задруженија е дека најголем центар на политичка, но и на економска моќ, е токму владата.
Здруженијата не зуцнаа за притисоците на високи владини претставници врз медиумите
Внимателно ги прочитав коминикеата на нашите новинарски здруженија (со исклучок на Македонската асоцијација на новинари, бидејќи такво соопштение не сретнав) по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите. За жал, во сите нив недостасуваат храбри, па дури и воинствени повици за ослободување на „заробеното“ новинарство во Македонија, какви што одговараат на неславната 90. позоција на ранг-листата на Репортери без граници. Ако ме прашате мене, дури ни воинствените повици не би биле доволни, време е за протести на новинарите.
Наместо тоа, во реакциите на новинарските здруженија, доминира еден друг дискурс. Во нив се попува дека „само со одговорно, етичко и квалитетно новинарство можеме да се бориме против сите закани кон медиумите и новинарите“ и дека „оваа формула е успешна и во борбата за економско-социјалната стабилност на новинарите, но и како одговор против малициозните фабрики за лаги кои се претставуваат како новинарство“. Вака размислува Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, на пример. Патем речено, кога веќе се препишува-преведува, треба да се знае дека придавката „malicious“ не се преведува како „малициозна“ туку како „штетна“ (мислам дека дури и она „фабрики“ е превод на збор кој веројатно значел производство или нешто слично, но не можам да тврдам, не го знам изворот).
И Советот за етика во медиумите во Македонија оценува дека „од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“. Со слична поента настапи и Здружението на новинарите на Македонија: „Борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции“.
Тоа е таа нова мода, драги мои. Главната тема на НВО пристапот во медиусмкиот сектор се открива со клучните зборови – лажни вести, дезинформации, малициозни фабрики, сајбер закани итн. Тоа е сега „фенси“, особено во земјите кои веќе се имаат изборено за базичните медиумски слободи и во кои високи претставници на власта не си дозволуваат да се закануваат на медиуми и на новинари, како кај нас.
Разбирам зошто трите здруженија тераат мода (на мода се лапаат проекти, јасно), но не ми се допаѓа што ниту едно од нив не проговорило за оценката од извештајот на Репортери без граници. Во ниту едно од наведените коминикеа по повод Светскиот ден на слободата на медиумите не сретнав ни збор за заканите на високите владини претставници врз медиумите. А сега беше моментот…
Но, можеби и тоа не е големо изненадување. Познато е дека македонските новинарски здруженија секогаш биле и веројатно ќе си останат поблиски до социјалдемократите и со многу понагласена дистанца кон ВМРО-ДПМНЕ. Така беше и кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Поинакви соопштенија се пишуваа тогаш. А богами имаше и протести. Јас се сеќавам на неколку, бидејќи бев таму.
Стигмата за „фабриките за лажни вести“
На новинарските здруженија им посакувам во иднина многу повеќе да се борат за сопствената независност од власта и за квалитетот на сопствените реформски иницијативи, бидејќи на тој начин посуштински ќе придонесат за независноста и за квалитетот на медиумите. И апелирам да не подлегнуваат на општиот фон на јавната дебата што ја наметнува пропагандата на власта, која сака да нѐ убеди во ноторната лага дека само нејзините медиумски апологети прават „одговорно, професионално и квалитетно новинарство“, а сѐ друго на сцената е „дно дна“.
Тоа е една од грозните лаги што им се продава и на странските дипломати во Скопје, на седенките со избрани македонски новинари. Во таа лага никој веќе не верува, па ни самите амбасадори. Еден од нив неодамна ми раскажуваше како самите си прават шеги со „брифинзите“ што ги добиваат од „избраните“ претставници на нашата седма сила. Дека е тоа така, зборуваат токму извештаите на непристрасните посматрачи, какви што се оние на Репортери без граници и на Фридом хаус, на пример, кои редовно ги изненадуваат нашите властодржци и нивните апологети со непријатни оценки и констатации.
Како и да е, јас сум апсолутно свесен дека нашите медиуми се соочуваат со многу сериозни проблеми. Дел од нив несомнено се последица на недостигот на внатрешни капацитети во секоја смисла – кадровски пред сѐ, но и финансиски, технички и инфраструктурни. Дел, пак, се последица на севкупниот општествен амбиент, кој е неповолен (економски и политички) и често дури и непријателски настроен кон медиумите, а најмногу кон оние кои денес доминантно го определуваат јавното мислење – кон интернет медиумите. Смислено и упорно се шири стигмата дека интернет порталите и социјалните мрежи се „фабрики за лажни вести“, кои посветено работат против нашата „добра“ власт и на ширење на незадоволството кај народот. А еден од водечките апологети на таа власт ќе напише: „Народот е незадоволен затоа што малку го онадат“.
Исто така, немам дилеми дека во сите политички „кампови“ има пропагандисти кои се претставуваат како новинари и кои му нанесуваат огромни штети на македонското новинарство. Има дури и такви кои тоа го прават од лични мотиви, за ситни или крупни кешарици и за привилегии, без никакви идеолошки или политички побуди.
Накусо, нѐ има секакви. Како што има секакви лекари, полицајци, инженери… Тажно е кога поради бесчестието на една мала група луѓе се создаваат стереотипи, а уште потажно е кога тие стереотипи масовно и „малициозно“ се шират во јавноста. Во случајов, за жал, стереотипот за македонскиот „неписмен“ и „корумпиран“ новинар што нема попаметна работа освен да шири „лажни вести“ наоѓа силна потпора и во оценките на новинарските здруженија. Па на човек му доаѓа да се запраша – добро, по ѓаволите, нема ли во тие здруженија некој да им каже дека постојат заради новинарите и заради медиумите, а не заради спиновите на „малициозните фабрики“ во власта?
Колеги, нека ни е честит денот и – почесто да зборуваме за слободата!
Нејсе, кога нема кој друг, еве, ја користам приликава на сите мои колеги, без исклучок, јас да им го честитам Светскиот ден на слободата на медиумите. Мојата честитка е искрена и чиста, без пораки за насочување на вниманието кон други „фенси“ теми. Сакам на сите новинари да им посакам во иднина, на овој ден, но и за делник а не само за празник, повеќе да се зборува за слободата отколку за другите проблеми со кои се соочуваме ние и кои веројатно и ние ги предизвикуваме во општеството.
Секако, сите проблеми се важни и си имаат своја тежина. Не заговарам бегство од одговорноста. Но, треба да развиеме силен рефлекс кој ќе биде одраз на сознанието дека слободата за новинарот е она што кислородот е за човекот – и без едното и без другото се може, ама не долго. И затоа, прво за слободата, а потоа за сѐ друго!