НАЈСКАПАТА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА ГОДИНАВА Излегување од паркинг заврши со штета од 1,2 милиони евра

Низа судири, уништена инфраструктура и оштетен систем за складирање електрична енергија ја направија оваа несреќа една од најскапите во Германија.

687

Она што требало да биде обично излегување од паркинг се претворило во една од најскапите сообраќајни несреќи во Германија оваа година, со вкупна материјална штета проценета на околу 1,2 милиони евра.

Неименувана 22-годишна девојка со својот „мерцедес“ предизвикала серија судири во германскиот град Вертхајм, објавува швајцарскиот портал „Блик“, повикувајќи се на полициски извештај.






Според информациите, девојката го напуштала паркингот кај станиците за полнење електрични возила, кога се судрила со друг „мерцедес“, при што е предизвикана материјална штета од околу 80.000 евра.

Инцидентот, сепак, тука не завршил. Веројатно во шок, возачката продолжила да притиска на педалата за гас, по што удрила во станица за полнење електрични возила, предизвикувајќи дополнителна штета од околу 10.000 евра.

Непосредно потоа, возилото неконтролирано продолжило да се движи, ја пробило оградата на индустрискиот комплекс и оштетило инфраструктура во вредност од околу 2.000 евра.

Кулминацијата на инцидентот се случила кога „мерцедесот“ удрил во транспортен контејнер, во кој се наоѓал скап систем за складирање електрична енергија со контролна електроника. И контејнерот и неговата содржина биле сериозно оштетени, а штетата е проценета на околу 1 милион евра.

Дополнително, и возилото на 22-годишната девојка претрпело оштетувања во износ од околу 100.000 евра.

Според полициските проценки, вкупната материјална штета достигнува приближно 1,2 милиони евра. И покрај драматичната низа судири, во несреќата нема повредени лица.

Поврзани содржини