НА РАСПРАВА НАЦРТ-ЗАКОН ЗА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ Се регулира управувањето со вишокот на произведена енергија

Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и на веб страната на Министерството, со што започна 30-дневниот период на јавна консултација со граѓаните, стручната јавност и сите релевантни чинители.

564

Воведување на нов финансиски механизам – „Договор за пазарно порамнување на разликата“ (Two-way contract for difference), кој гарантира стабилност и предвидливост на приходите за производителите на енергија од обновливи извори, а истовремено ги штити потрошувачите од екстремни ценовни флуктуации, како и поддршка за долгорочни инвестиции и забрзан развој на ОИЕ во секторите греење, ладење и транспорт се дел од Нацрт-законот за користење на енергијата од обновливи извори  кој го подготви  Министерството за енергетика.

Со овој нацрт законот обновливите извори на енергија за првпат се уредуваат во посебен закон по примерот на голем број земји од регионот и ЕУ. Тој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и на веб страната на Министерството, со што започна 30-дневниот период на јавна консултација со граѓаните, стручната јавност и сите релевантни чинители.






Меѓу најзначајните новини во законот е воведувањето на нов финансиски механизам на европско ниво – т.н. двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата во цена (two-way contract for difference).

Овој механизам ќе обезбеди: финансиска стабилност за инвеститорите ,ограничување на прекумерните добивки при високи цени, гарантиран минимален надомест за производителите, заштита на крајните потрошувачи од нестабилни пазарни цени.

Со нацрт-законот првпат се регулираат и методите за управување со вишокот на произведена енергија:Net metering – вишокот произведена енергија се пренесува како енергетски депозит за следниот период;Net billing – вишокот се пресметува во парична вредност и се користи за намалување на сметките во следните периоди. Со овие методи се овозможуваат поефикасно користење и пласирање на произведената електрична енергија од домаќинствата и бизнисите и обврзниците за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Законот исто така ги појасни правила за создавање заедници за обновливи извори на енергија  – групи граѓани, компании, правни лица  здружени на доброволна основа и го стимулира колектривното локално производство и потрошувачка на енергија од обновливи извори, со цел обезбедување на  еколошки, економски или социјални интереси за заедницата  или за општината.

Предвидена и е регионална соработка и интеграција на обновливите извори во енергетските пазари, со гаранции за потекло на енергијата.

Од Министерството информираат дека законот е подготвен  согласно Владината програма за 2025 година и со цел да обезбеди јасна и комплексна регулатива која ќе ги уреди сите аспекти поврзани со обновливите извори на енергија (ОИЕ) — од поставување цели и мерки за поддршка, до конкретни механизми за финансиска стабилност и заштита на потрошувачите.

Во периодот од 28 октомври до 6 декември 2024, се одржаа 6 работни средби, по кои дополнително се продолжи  со усогласување на содржината со најновите европски регулативи,  Директивата (ЕУ) 2023/2413 на Европскиот парламент и на Советот од 18 октомври 2023 година за изменување на Директивата (ЕУ) 2018/2001, Регулативата (ЕУ) 2018/1999 и Директивата 98/70/ЕЗ во врска со промоцијата на енергија од обновливи извори и укинување на Директивата (ЕУ) 2015/652 на Советот, наречена RED III Директива, која ги поставува новите европски стандарди за обновливата енергија.

Поврзани содржини