НА РАПЕРОТ МУ СЕ ЗАКАНУВА СМРТНА КАЗНА Тешки детали за случајот со распарченото тело на тинејџерката и натаму ја потресуваат јавноста
Калифорниското обвинителство покрена обвинение против 21-годишниот музичар Дејвид Бурк, познат како Д4вд, за брутално убиство на 14-годишната Селест Ривас Хернандез
Калифорниското обвинителство поднесе обвинение против младиот музичар Дејвид Бурк, познат како Д4вд, седум месеци откако во негов автомобил беше пронајдено распарченото тело на тинејџерка.
21-годишниот пејач е формално обвинет за убиство на 14-годишната Селест Ривас Хернандез и доколку биде прогласен за виновен, му се заканува смртна казна.
Според обвинението подигнато во Калифорнија, Бурк се товари за убиство од прв степен со отежнувачки околности – вклучувајќи можност злосторството да било извршено од заседа, од финансиски мотив или со цел елиминирање сведок.
Дополнително, обвинет е и за континуирани сексуални злоупотреби на малолетничка под 14 години, како и за сквернавење на човечки останки. На прес-конференција беше објавена и неговата фотографија при апсењето.
Телото на девојчето било пронајдено во септември минатата година, во предниот багажник на автомобил Tesla, кој бил запленет на паркиралиште на влечна служба во Холивуд.
Според полицијата, возилото било регистрирано на адреса поврзана со Бурк.
Работници ја алармирале полицијата откако почувствувале непријатен мирис, а истрагата покажала дека телото било расрарчено и во напредна фаза на распаѓање. Иако било пронајдено веднаш по нејзиниот 15-ти роденден, истражителите веруваат дека девојчето починало многу порано.
Семејството на Селест Ривас Хернандез изјавило дека таа била во врска со лице по име Дејвид – за кого сега се верува дека е токму Бурк. Нејзиното исчезнување било пријавувано повеќепати во текот на 2024 година.
Истрагата започнала уште во ноември, кога федералното обвинителство почнало да собира докази и да сослушува сведоци, вклучувајќи и блиски соработници на музичарот. Полицијата во меѓувреме извршила претрес и во луксузната куќа во Холивуд Хилс каде што престојувал, при што бил запленет компјутер – но без објавени детали за неговата содржина.
Дополнителна контроверза предизвикало откритието на таканаречен „кафез за согорување“ на истата локација, што, според приватен истражител ангажиран од сопственикот на куќата, отвора сомнежи за можен обид за прикривање на докази.
И покрај сериозните обвинувања, адвокатите на Бурк категорично ја отфрлаат вината.
– Доказите ќе покажат дека Дејвид Бурк не ја убил Селест Ривас Хернандез и не е одговорен за нејзината смрт – изјавиле по неговото апсење на 16 април.
Музичарот моментално се наоѓа во притвор во Лос Анџелес без можност за кауција, а одлуката за евентуална смртна казна ќе биде донесена во подоцнежна фаза од судскиот процес.
Д4вд стекна светска популарност во 2022 година благодарение на вирални хитови на Тик-Ток, а соработувал со имиња како СЗА (SZA) и Кали Учис. Но, по откривањето на телото, неговата турнеја е откажана, а јавноста почна да ги преиспитува и текстовите на неговите песни поради нивната насилна тематика.