НА ПРАВ ПАТ СМЕ Ковачевски смета дека со Петков го одбрале вистинскиот пристап

Следува средба во Скопје помеѓу деловните заедници на Република Бугарија и на нашата земја.

354

Денешниот собир само потврдува дека со бугарскиот премиер Кирил Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин кога кажавме дека ќе дадеме политичка иницијатива, но дека сепак организациите коишто се дел од секторите за коишто ние разговаравме се тие коишто треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните воопшто, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, организирана од Renew Europe и Американски Универзитет на Европа – ФОН.

– Граѓанскиот придонес, придонесот на Академијата и соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес. Точно е дека испишувањето на новите страници, на односите меѓу двете земји, е поставена на високо ниво и тоа на ниво на влади. Но, јас и премиерот Кирил Петков, ја презедовме иницијативата процесот да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување – посочи премиерот Ковачевски.






– Таму каде има политичка волја и идеја за прогрес, разликите многу полесно се надминуваат. Заедно отворивме и искрен и посветен дијалог за стабилност и развој на двете држави, поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Двете влади се определија да водат политика на градење мостови, а не политика на градење ѕидови помеѓу граѓаните на двете држави. Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани, за постигнување достоинствени решенија за двата народи, за подобрување на животот на граѓаните во двете држави – потенцира македонскиот премиер.

Ковачевски нагласи дека е постигната согласност Скопје и Софија заедно да спречуваат недобронамерна пропаганда, доколку се појави внатре во државите и заедно да се справуваат со говорот на омраза и да го поразат национализмот.

– Реформски определените влади во Скопје и Софија се посветени на отворање нови перспективи за развој и напредок на односите меѓу двете земји. Веќе се организира и нова ваква средба која што ќе биде помеѓу деловните заедници во која што организација учествуваат ресорните министерства на Република Бугарија и на нашата земја во областа на економијата и финансиите и на која што ќе учествуваат сите стопански комори од двете држави преку свои претставници, која што средба ќе се случи исто така во Скопје, а додека другите ресорни групи ќе работат и во Скопје и во Софија, зависно од тоа каде ќе бидат локациите на самите состаноци – истакна Ковачевски.

Според него, граѓаните и политичарите кои меѓусебно се разбираат и кои низ дијалог ги разрешуваат разликите, отвораат простор таа искреност и доверба да ја посветат на заедничките цели.

Поврзани содржини