НАЈОПАСНАТА СЕКТА Е ОНАА ВО КОЈАШТО ЌЕ ПАДНЕТЕ Од примерот на Јосиф сфативме дека култовите ни ги демнат децата
Луѓето секогаш потпаѓале и секогаш ќе потпаѓаат под секташко влијание, но со поголемото присуство на црквата во јавноста тие луѓе ќе можат полесно да дознаат кое учење е правилно, вели архимандрит Иринеј од Православната охридска архиепископија (ПОА).
Најопасната секта е онаа во којашто ќе паднете. Вака архимандрит Иринеј од Православната охридска архиепископија (ПОА) ја коментира дводневната потрага по 18-годишниот Јосиф Попов кој исчезна, а за кого се испостави дека бил заведен од секта која го проповедала Божјото слово, но и го пророчувала крајот на светот.
– „Секта“ означува нешто што се одделува од целината. Таквите организации можат да ги натераат луѓето да прават радикални чекори, а често мамецот го фрлаат врз млади и неискусни лица. Така што, најопасната секта е онаа во којашто ќе паднете и не можете да кажете дека оваа секта е опасна, а оваа не е опасна. И не секое секташко поведение е поврзано со некоја христијанска или муслиманска деноминација, туку може да биде и индивидуално поведение на кое не му е потребна никаква организација. Значи, може и само еден човек, или мала група на луѓе, да покажува секташко поведение, и притоа да не припаѓа на некоја формална верска групација. Ако се сеќавате, пред некое време во Драчево се појави информација дека се случувале ритуални жртвувања на животни, што наликува на некој облик на сатанизам – објаснува отец Иринеј.
Не секое секташко поведение е поврзано со некоја христијанска или муслиманска деноминација, туку може да биде и индивидуално поведение на кое не му е потребна никаква организација.
Тој вели дека црквата треба да биде поприсутна во јавната сфера и во училиштата, бидејќи, како што посочува, луѓето секогаш потпаѓале и секогаш ќе потпаѓаат под секташко влијание, но со присуство на црквата во јавноста тие луѓе ќе можат полесно да дознаат кое учење е правилно.
– Оној човек кој нема допир со тоа и никогаш не се фатил во стапицата, нему сите секти му изгледаат безопасно. Затоа, државата и општеството треба да имаат свест дека такви работи се случуваат и сметам дека треба малку посериозно да се води грижа за тоа какви организации и индивидуалци постојат, што проповедаат и како проповедаат – посочува отец Иринеј.
Психологот Ангела Будиноска во изјава за Плусинфо вели дека искуството што го доживеа младиот Јосиф треба да служи за пример и да ги натера сите родители да почнат да водат сериозни разговори со своите деца, со цел да им објаснат дека во општеството не растат само цвеќиња, туку демнат и опасности.
– Најважно е луѓето, особено помладите, да бидат едуцирани и да не потпаѓаат под манипулацијата која е главното оружје на сектите. Водачите на тие секташки организации не бираат средства како да ги индоктринираат луѓето и тие користат психолошки техники со цел да ви ги пронајдат слабите точки и врз основа на слабостите да ве задржат во организацијата. Тоа е нешто слично како хороскоп. Ви прават психо-анализа, го воочуваат она што вам ви одговара и што ви лежи на вашиот карактер и ти веднаш помислуваш дека тоа е вистинското. А колку повеќе навлезете во нивната матрица, толку поголеми се шансите да останете вечни заробеници. Затоа, потребно е критичко гледање и потребна е едукација – објаснува Будиноска.
Во поглед на децата, кои се најлесна мета за заведување, Будиноска вели дека родителите треба сериозно да се ангажираат и превентивно да делуваат.
– Родителите треба често да разговараат со своите деца и да им ги воочуваат опасностите кои ги демнат надвор од домашниот праг. Разговорот треба да биде посериозен, но пријатен. Децата се љубопитни, ентузијасти и сакаат да истражуваат, а исто така најголем дел од времето го поминуваат надвор од својот дом и лесно можат да бидат прелажани или измамени. Затоа, направете вечера, седнете сите на маса да вечерате и почнете разговор со детето за тоа дека надвор не е баш сè сјајно и безопасно како што се прикажува на цртаните филмови. Едноставно, како што го советувате детето да не пие алкохол и да не пуши цигари, така можете да го посоветувате и да не разговара со непознати, да не потпаѓа под влијание. Најдобро би било таквите совети да станат дел од секојдневната комуникација во семејството – вели Будиноска.
Но, освен родителите, истата задача треба да ја имаат и наставниците и психолозите во училиштата.
Ви прават психо-анализа, го воочуваат она што вам ви одговара и што ви лежи на вашиот карактер и ти веднаш помислуваш дека тоа е вистинското. А колку повеќе навлезете во нивната матрица, толку поголеми се шансите да останете вечни заробеници.
– Психолозите во училиштата треба повеќе да се ангажираат и да ги советуваат учениците за тоа што е добро, а што е лошо. Во моментов, психолозите се најмногу ангажирани во администрацијата и тоа не е во ред. Добро би било да има еден час неделно кога психологот ќе се гледа и ќе разговара со секое одделение посебно. А не само да ги викаме децата на дисциплинска и да им делиме казни поради некаква направена грешка. Оти, само тоа го работат психолозите. Кога детето ќе направи некоја грешка, тоа автоматски под казна оди кај психологот. А психологот не треба да биде лице кое казнува и од кое децата треба да се плашат. Тој треба да има пријателски однос со учениците, а не да глуми лош полицаец – објаснува Будиноска.
Инаку, дека 18-годишниот Јосиф Попов бил заведен од секта, односно од лице кое се претставувало како бездомник, откри вчера неговата мајка Маја Попова, која истакна дека организацијата го проповедала божјото слово, но и дека ќе дојде крајот на светот.
– Полицијата го пронајде Јосиф. Ангажиравме многу луѓе и го најдовме. Дури и од неговата гимназија замоливме деца да ни помогнат. Сега треба да одиме во полициска станица, каде што треба да се даде извештај. Имаме информација кој го завел мојот син. Човекот се вика Ангел, бездомник кој бил во Канада. Тие проповедале божјо слово, но и дека ќе дојде крајот на светот. Се поклопиле многу работи, бидејќи Јосиф талкаше од една до друга страна и можеби сакал да се пронајде себеси, па нашол верба во Бога. Сега треба да видиме што треба да направиме, дали ќе биде потребна медицинска помош, дали ќе треба да воведам рехабилитација, затоа што ме вознемири моментот кога почна да прави муабет за Бог. Толку беше супериорен во своите изјави што мислите дека работите ги држи во свои раце, споделуваше цела наука. Дури сега сфаќам дека толку многу ги врбуваат луѓето, шетајќи низ градов, што навистина не сум свесна какво „бомбардирање“ има од нивна страна. Мислам дека и Јосиф наседна на такво нешто, со оглед на тоа што ги користат децата кои се најкршливи и кои имаат фамилијарни проблеми. Сите ние сме во некоја транзитна состојба во која многу нешта се одразуваат врз децата, особено кога нешто „чкрипи“ во бракот – изјави Попова за порталот „А1Он“.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека Јосиф бил вчера пронајден и предаден на родителите, а како што велат оттаму, засега нема никаква пријава за лицето кое наводно го завело момчето.