На новата министерка за култура ѝ треба волшебен стап

1,323

Во оваа држава желбите на поединецот, на граѓанинот, тешко или никогаш не се остваруваат. Ама свикнавме – или „политиката“ нѐ навикна – и на тоа. Иако на некои, особено на политикантите, желбите постојано им се остваруваат. Можеби го знаат кодот на волшебното стапче? Или, попрво, се познаваат со „вистинските“ луѓе? Оние кои ќе ги стават под заштита за да не ги оддува волкот? Веројатно.

Но, на новоизбраната министерка за култура дури ни евентуално волшебно стапче нема да ѝ биде од голема помош, без оглед колку веќе ги познава актуелните состојби во културата, или колку е објективно подготвена решително да се справува со истите. Зошто? Затоа што некултурниот амбиент што го наследува, особено актуелните (не мали) проблеми што ќе ѝ надвиснат над главата не се нималку лесни.






Особено едниот, најжешкиот, најактуелниот – проблемот со платите во културата, наследен поради (и ова веќе не смее да се крие!) тоталната неспособност на минатата постава во Министерството за култура, заедно со несебичната помош на таканаречената техничка влада. Зашто, извинете, но ако претставниците на државата не се грижат за државните службеници, за нивните месечни примања, за потпишаните договори со гранските синдикати (во случајов од областа на културата – тогаш држава во тој период како и да не постоела, или постоела само на хартија, како потпис, и во одделни сегменти, како ќе посакале некои/некакви нејзини функционери. Ама ја немало во културата. Иако првиот човек кој мораше да го разреши ова прашање, бившиот министер за култура, сега е награден со пратеничко место во Собранието! Сам Господ знае кои и какви се неговите заслуги!?

И не знам зошто културата толку „го мазнеше“ тој „министер“ и чекаше некаква работа од него. (Не)работата се виде веќе од самиот почеток! Што требаше да (се) направи? Па, ако не повеќе, кога се виде дека нема да има ама баш ништо од исполнувањето на договорените работи во Колективниот договор, културата односно одговорните во синдикалните организации мораа веднаш да побараат радикални решенија. Меѓу другите и штрајк како легитимно средство за остварување на целите. Без оглед на короната, без оглед на сѐ! Ионака целата култура беше закочена токму заради неспособноста на раководството во Министерството за култура, седеше дома и кмишеше чекајќи од Господа милост, па и еден помал или поголем прекин на работата не ќе беше на одмет. Можеби состојбите немаше да ескалираат до овој степен? Којзнае.

Но, веќе денес, проблемот е во тоа што не баш секое односно секакво стапче (ќе) ѝ врши работа на идната министерка. Ќе ѝ треба богами сериозен стап, ако не и цела неделкана суровица, притоа и волшебна, за расчистување не само на проблемот со платите туку и на бројните други напластени небулози во македонската култура. Да, знам, во културата секоја втора-трета година, па и почесто, се чека фиљан човек кој баш со волшебен стап преку ноќ ќе ги реши децениските проблеми. Тоа, нормално, не се случува, ниту пак може така да се случи освен ако на еден способен министер не му се даде цел мандат да се справи со проблемите. Постепено, но континуирано, ден за ден, месец за месец… Ама ние таква политичка култура немаме. Барем во културата…

Некои нешта, во даденово политичко милје, нема да се разрешат па дури ни со волшебна суровица. На пример, партиската распределба на директорските места, главно резервирана за (најчесто) најнеспособните партиски кадри – особено од коалициските „партнери“. Со тоа изгледа се помиривме. Или со оние кабинетски места „по клуч“, каде исто така заседнуваат секакви (партиски) шушумиги. Ама некои други генерални и пред сѐ реформски насоки можат да се разрешуваат, ако не повеќе тогаш барем една месечно.

На пример, на македонската култура очајно ѝ треба стручност и професионализација! Нештата одамна се препуштени на коекакви дилетанти и самопрогласени познавачи, кои во суштина – праксата покажува! – не знаат ништо. Актуелните проблеми во филмот не се ништо друго туку токму производ на таквите состојби. Или, ако сакате, не може сериозниот, професионалниот критичарски кадар од неколку генерации – можам, ако треба, и имиња да наведам, иако мислам дека тие тоа не би го сакале – да седи без работа, а „политики“ во филмот да продаваат разноразни продуцентчиња, новинарчиња, камерманчиња…  Со кое знаење, со кои познавања?

Ако, на пример, ја читате Уневска, каков тогаш стап ќе треба за состојбите во македонската кинематографија? И не само таму, се разбира, зашто тој тип на конфликт на интереси е присутен речиси во целата култура.

Или катагодишниот проблем со самонаречените „стручњаци“ од националните институции кои глумат членови на комисиите за распределна на средства на годишниот конкурс за финансирање на (сѐ уште) „националниот“ интерес во културата? Како баш тие кога токму на тој конкурс учествуваат и нивните матични институции? Да, некој ќе каже дека ова е априори искажана недоверба кон дотичните персони. Не, не е недоверба, зашто дотичните персони, дури и во идеални случаи, не би можеле/смееле да бидат на тие места – особено оној во Агенцијата за филм – зашто таму има уште многу други конфликти!

Или, во која сериозна држава партиската припадност одлучува очајни сликари со години да бидат на чело на клучни уметнички институции и да им продаваат памет на историчарите на уметност? Тоа ви доаѓа на исто како на клиника за кардиологија да директорува уролог, и обратно. Или глумци да промовираме во директори на театри! Па ако учел за глумец – нека глуми!!! Зарем нема во државава театарски критичари, драматурзи, менаџери… или нема партиски театарски критичари, драматурзи, менаџери?

Професионализацијата во културата, со значење дека секој треба да ја врши работата за којашто е докажано стручен и компетентен, е најизразена во овој ресор. И токму затоа тој проблем се наметнува како приоритетен. Ги има уште многу, се разбира, и ќе пишувам и за нив! Ама – со ред. Зашто, ако во образованието, во науката, во здравството… во сите општествени области сепак функционира некаква стручност и компетентност, зошто тоа не би го имале и во културата? И зошто таа (сѐ уште) да биде поле за релативизација на професионализмот и за диктатура на неспособните?

 

Поврзани содржини