НАЈМНОГУ ФАТЕНИ БЕЗ ДОЗВОЛА, ПИЈАНИ… Полицијата викендов казни 1.077 возачи

Од МВР најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредните денови со цел да се зајакне безбедноста на патиштата во целата држава.

332

Во текот на изминатиот викенд полицијата спроведе засилени сообраќајни контроли низ целата земја и изрече вкупно 1.077 казни. Најголем дел од прекршоците се однесуваат на возачи кои управувале без возачка дозвола – вкупно 174 лица, за што предвидената глоба изнесува 250 евра во денарска противвредност, што значи дека само за овој прекршок полицијата наплатила повеќе од 2,6 милиони денари.

Дополнително, 65 возачи биле исклучени од сообраќај поради управување под дејство на алкохол, за што казните достигнуваат до 400 евра, зависно од степенот на алкохолизираност. Воедно, санкционирани биле и 172 мотоциклисти кои не носеле заштитна кацига, за што Законот предвидува казна од 50 евра.






– Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – велат од МВР.

Во рамките на викенд-акцијата, се изрекле и казни за прекорачување на брзината, недозволено паркирање, како и за возачи кои не користеле сигурносен појас или управувале возило додека зборувале на мобилен телефон. Исто така, биле регистрирани и прекршоци од возачи на електрични тротинети, а неколкумина минале и на црвено светло.

Контролите опфатија и техничката исправност на возилата, па 49 нерегистрирани автомобили биле отстранети од улиците, а дополнително седум возила поради техничка неисправност.

Од МВР најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредните денови со цел да се зајакне безбедноста на патиштата во целата држава.

Поврзани содржини